Сатирата како лек во нездрави времиња
12 февруари 2016Политичката криза, неизвесноста, тензиите, животот во постојан грч за егзистенција, за работа, шанса.., и секојдневните стресови што тие ги предизвикуваат кај граѓаните, ја претворија Македонија во еден од најголемите потрошувачи на антидепресиви. Добриот збор кој традиционално се сметаше за најдобар лек, се изгуби под напливот на поделеност, омраза и навреди. Од нив не настрада само индивидуалното, туку и здравјето на целото општество. Во отпорот против тешките болести, општеството го гради имунолошкиот статус користејќи го единствениот природен лек - хуморот и сатирата. Благодарение на неуморни автори и креативци, денес без „мој термин“, сини картони и рецепти, може да се најдат успешни лекови за ублажување на болката.
Ударна доза хумор
Ова е вистинско време за создавање и практикување сатира и добар хумор. Нема поубава терапија од тоа, вели Ранко Петровиќ - Бубамара, познат како „духовен водач и џедај на добриот дух во нашата галаксија“. Неговиот тим деновиве ги привршува подготовките за 19-тата „Златна бубамара на популарноста“, најпопуларниот коктел од музика, награди и софистициран хумор. Токму следната недела, на јавна сцена ќе биде инјектирана ударната доза хумор, која има продолжено дејство и во текот на целата година.
„Исмевањето на некои појави е добро за здравјето на општеството, како и за корекција на одредени групи. Ние од тимот на Радио Бубамара, се трудиме да внесеме чист воздух во етерот. Нашата манифестација ги обединува луѓето кои сакаат да ја видат смешната страна од животот. Минатата година слоганот ни беше 'Смеете да се смеете', а годинава е 'Да се собереме пред да нѐ соберат' (во Metro Police - арената)“, најавува Петровиќ.
Според него, хумор кој е нарачан или злонамерен, не е вистински избор за оние кои сакаат да бидат прифатени од публиката.
„Точната дијагноза за некои општествени појави е предуслов за здрав хумор. Пред сѐ, треба да се практикува чесен пристап кон човекот или групата на која ѝ се обраќате. За жал сѐ повеќе луѓе прифаќаат да бидат агресивни, злонамерни, некултурни или потиштени во себе, а тоа е најлошата работа што може да ни се случи - да го изгубиме духот, песната и здравиот разум. Затоа постојат уметниците, медиумите и истакнати личности, кои можат со својата култура, чесна мисла, уметност и однесување да го потикнуваат духот на целото општество. Слоганот кој веќе неколку години е актуелен, а не сакам да го прогласам за официјален за некое издание на 'Златна бубамара', е 'Смеењето го продолжува животот, ама веќе не ни е до смеење'. Се надевам дека никогаш нема да дојде тоа време“, порачува Ранко.
Изгубена граница
Но, кога секојдневието добива карикатурални димензии, кога политиката се мајтапи со здравиот разум на граѓаните, многу е тешко да се одреди границата меѓу нормалното и абнормалното. Во таква ситуација, тешко е да се обезбеди и катарзата преку која граѓаните ќе си ја сочуваат нормалноста. Со ваквиот предизвик секојдневно се соочува тимот на „Коза ностра“, единствен сатиричен магазин не само во Македонија, туку и на поранешните ју-простори. За сатирата да биде воопшто можна, потребно е да постои барем тенка црвена линија помеѓу нормалното и ненормалното, за да може да се препознае што е сатира, а што реалност, вели новинарот Сашо Кокаланов.
„За жал, во Македонија таа граница е сосема загубена, па ние кои се занимаваме со сатира не сме ништо поразлични од оние кои се бават со нашата реалност. Да бидам попрецизен, некогаш не е сосема јасно кој се занимава со сатира - дали ние, или Владата со некои свои одлуки и постапки. Во таа смисла, како најсериозен конкурент на полето на исмевањето со реалноста ја доживуваме власта. Како и да е, 'Коза ностра' е пародија на една мафија и на сѐ што е мафијашко во нас, а знаејќи дека секоја држава има своја мафија, а македонската мафија има своја држава, 'Коза ностра' всушност е македонската држава и, за жал, ништо повеќе и ништо помалку од тоа. Пародијата е полесна за живеење, зашто во неа сѐ што е извртено, искривоколчено, може да се претстави како нормално. Тоа е Македонија денес - пародија од држава“, вели Кокаланов.
„Шишето со кандидатурата на Керим со задоцнување стигна во ОН“... „Аце го продава Букефал - парите за плати и пензии“... „Ексклузивно: откриваме кое дрво ќе остане последно за сечење во Скопје!“... „Проектот 'Поднеси кривична против СЈО' со огромна популарност меѓу граѓаните“... „Груевски: Народот ќе одлучи дали ЕУ воопшто постои“, се само дел од насловите на паравестите во популарниот магазин богат со многу содржини, дел од нив и во рубриката „сечено/лепено/монтирано“.
Да се доведе до апсурд
Од „Коза ностра“ велат дека имаат добро друштво и не се чувствуваат осамени. За сатирата во Македонија, најважен лик е сѐ уште ненадминливиот „Пецко“ на Дарко Марковиќ. Политичката стрип-карикатура се негува и во неделникот „Фокус“ и во викенд-бројот на „Слободен печат“. Но, ја има и надвор од традиционалните медиуми.
„На Твитер или Фејсбук, има огромен број луѓе кои на сатиричен начин, преку паравести, параситуации, се обидуваат да ја коментираат реалноста. Веројатно не постои ниеден друг соодветен начин да се искоментира ова што ни се случува, освен да се доведе до апсурд. Безброј твитови и статуси не се ништо друго, туку сатиричен приказ на некој актуелен апсурд што го живееме. Има Фејсбук-страни како онаа на 'Странски служби', која на дневна основа продуцира материјали кои критикуваат и засмеваат истовремено. Го имаме и Милчо Вељановски, кој преку креативни фотомонтажи ја исмева стварноста и нејзините главни протагонисти. Има и многу други кои се исто толку значајни за сцената за која говориме. Сите тие денес се нашето 'Радио Ереван'“, констатира Кокаланов.
Духот на граѓаните кој не се предава на апатијата, остава траги и преку градските графити. Во нив може да се најдат многу досетки и афоризми за актуелната состојба. „Пропаднавме! А знам и други државни тајни“.
Или, „Шумахер се разбуди, а Македонија сѐ уште спие“.
Последново, се чини дека не е сосема точно. Македонското „Радио Ереван“, од ден на ден добива сѐ повеќе „слушатели“. И сите се на нозе.